Последни написи

ИЗБОРНА ХРОНИКА: Предизборни повици и одбивања за коалиции, закани, ултранационалистички пораки, национално единство

Помина првиот круг од претседателските избори, на кој отпаднаа пет кандидати, а во вториот круг ќе се натпреваруваат кандидатите Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ, и актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата.

Два дена пред претседателските избори започна и официјалната кампања за парламентарните избори, која создаде збунувачки ефект кај граѓаните и во дел од медиумите, поради изборниот молк за претседателските. Предизборен молк за парламентарните избори – немаше, важеше само за претседателските.

Парламентарни избори

СДСМ и коалицијата „За европска иднина“

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, на синоќешниот митинг во Крушево порача дека ако идејата за независна македонска држава првпат била реализирана во Крушево, тогаш и идејата за Европска Македонија ќе почне токму од таму благодарение на Македонци, Власи и сите други заедници кои живеат во нашата држава.

– Замислете асномците при првата пречка да се откажеле од својата идеја за македонска држава. Замислете нашите претходници во 90-тите да се откажеа од идејата за независна Македонија. Тоа би било исто како ние да се откажеме од идејата за нашата цел, за европска Македонија, рече Ковачевски.

ВМРО ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа  од митингот во Битола повика на масовно гласање на 8 мај и изјави дека неговата партија партнерот за формирање влада ќе го бара во албанската опозиција, во партиите со кои ќе споделуваат исти вредности и принципи, а за ДУИ, потенцираше дека е време за опозиција и за одговорност.

Мицкоски упати порака до ДУИ да не му праќаат „емисари“ и „курири“ за да размислел за коалиција после изборите.

„Јас на Гугл мапс ја најдов Мала Речица, но ќе видиме понатаму како ќе функционираат тие гугл мапс и дали ќе биде Идризово можеби дестинацијата којашто тие ќе ја бараат, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ТВ 21. Тој посочи дека идната влада ќе ја направи со коалицијата ВЛЕН.

https://www.facebook.com/share/v/spSK4RJr28EWUhzR/?mibextid=KsPBc6

ДУИ  и коалицијата „Европски фронт“

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на синоќешниот собир во Дебар порача дека заедно мора да градиме мир, стабилност, иднина и да воспоставиме европски стандарди и да се бориме против криминалот и корупцијата.

На средбата со граѓани во Дебар, Ахмети порачал дека Македонија има свое место во Европа.

– Оваа земја има свое место во Европа и за оваа земја мора да работиме заедно, Македонци и Албанци, а не да се враќаме во минатото и да се огорчуваме затоа што викав УЧК, но УЧК е албанска гордост и УЧК ја спаси Македонија, порача Ахмети.

Ахмети додава дека формирал фронт со албанските политички партии кој ги вклучил сите заедници.

https://www.facebook.com/share/v/DCeSNJYezT8YbvyQ/?mibextid=KsPBc6

 

ВЛЕН

Претседателот на Демократско движење, Изет Меџити во изјава за медиумите денеска истакна дека нивната коалиција „ВЛЕН“, не сака по секоја цена да бидат дел од некоја влада која нема да биде европски настроена. Според Меџити, антиевропска агенда имаат само Левица.

-Ние не сакаме да бидеме по секоја цена од некоја влада која нема да биде европски настроена. Значи, не со било кој. Цениме дека таква партија е само Левица, која е антиевропски настроена и со нив не би сакале да сме во иста влада. Другите партии, кој повеќе – кој малку се европски настроени. Наш приоритет е европската интеграција, рече Меџити по средбата со граѓаните во Старата скопска чаршија.

https://www.facebook.com/share/v/mLMemK9b1cN81Ro3/?mibextid=KsPBc6

АВАЈА

Ромската заедница во Македонија најмногу ја болат дискриминацијата, отсуството на соодветна инфраструктура во ромските маала, отсуството на инвестиции во образованието и во вработувањето, порача носителот на листата на Изборна единица 3, Идриз Зејнелов на вчерашната средба со жителите на Штип.

Аваја, 28 април, Штип

„Тука сум да го претставам интересот на ромскиот народ, на народот кој што ја споделува истата идеја како и ние. Без Вас нема да може да го направиме тоа, но со Вас заедно ќе ги направиме промените кои ги сакаме. Затоа што имаме план кој што јасно го изложуваме пред Вас. Ние нема да престанеме да работиме додека не го промените овој статус. Јас овие години докажав дека сум со Вас во секој момент, а од сега натаму ветувам дека ќе ја направиме промената“, порача Зејнелов.

ЗНАМ

Во изјавата за медиумите претседателот на Движењето Знам,  Максим Димитриевски од караванот во Охрид, рече дека разговараат со граѓаните на различни теми што се од нивен интерес.

„Дефинитивно се потврдува тоа што го кажаа граѓаните во првиот круг на изборите за претседател на државата, дека се роди нова политичка сила во Македонија и повеќе од јасно е дека никогаш нештата повеќе нема да бидат исти во државата. Граѓаните го имаат ЗНАМ, ЗНАМ ги има граѓаните“.

Тој посочи дека како мал политички субјект, со многу мал број на членови, успеале да освојат голем број на гласови.

https://www.facebook.com/share/v/RS7vhm4cEyhkNieZ/?mibextid=KsPBc6

ЛЕВИЦА

Левица  денеска излезе со соопштение во кое  бараат во договор со „ДПМНЕ“ и сите македонски партии да се запрат уцените на необалистичките партии од албанското малцинство.

„Ја објавуваме јавната понуда на Левица за потпишување Македонска платформа во ПЕТ ТОЧКИ од страна на сите промакедонски политички партии, со цел утврдување национален консензус заради превенција од постојните уцени при составување Влада, кои доаѓаат од партиите на албанското малцинство (потписници на т.н. Тиранска платформа) – а со единствена цел да се запре понатамошното разградување на Република Македонија и нејзино претворање во полупротекторат:“, се наведува во соопштението објавено на Фејсбук.


https://www.facebook.com/share/Pbws21f4qfkSJ2hS/?mibextid=WC7FNe

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница одлучи да не го прифати приговорот за гласањето на првиот круг од претседателските избори на 24 април на коалицијата Вреди за гласачкото место 1112/1 во Општина Липково.

Стево Пендаровски

„Од страна на опозицијата претстои опасност, Македонија да се враќа назад, а таа опасност е уште пореална, затоа што гледаме дека се здружуваат луѓе кои имаат други планови за државата. Не зборувам за нова војна, зборувам за квалитет на живот. За жал, овие што сега сакаат да дојдат на власт, се истите од пред седум – осум години, а сите знаете дека во тој случај, шанси за вработување шанси за напредување во кариерите ќе има само за нивни членови, посочи кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на вчерашната средба со граѓани на Велебрдо.

Кандидат за претседател на РСМ, Стево Пендаровски

Гордана Силјановска Давкова

„Она што се случи со другите што сè уште се на власт ние го нарекуваме: власт на заминување, делегитимирана власт, однародена власт. Резултатот 2:1 јасно покажува кому му верувате и со кого сте, тоа нас нè охрабрува и затоа сигурна сум дека ќе бидете со нас и до нас и на 8 мај. Без вас не ни вреди никаква власт!“, изјави кандидатката за претседателка на државата, Гордана Силјановска Давкова.

https://www.facebook.com/share/r/59MScxjjEvKFABPB/?mibextid=UalRPS

ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на ДУИ Али Ахмети на десетина дена пред парламентарните избори и вториот круг од претседателски избори, продолжуваат со политичките препукувања.

Почнувајќи од реториката на Мицкоски, која во рамките на кампањата на кандидатката за претседател на државата поддржана од нив и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова, како и на промотивните митинзи за парламентарните избори ја критикува Демократската унија за интеграција полн со обвинувања на нејзините највисоки партиски и државни функционери, за криминал и корупција, прочитајте во политичкиот океј корал „Се наѕира ли криза уште пред да се оддржат изборите? – Политички пресметки како во 2006 година“.

ГРАЃАНСКА АКЦИЈА – Ти одлучуваш. Гласај!

„ Секогаш е подобро да се гласа отколку да се седи дома, бидејќи со вашиот глас за кого и да го дадете, сепак влијаете врз тоа каква власт утре ќе ве владее“, вели политичкиот аналитичар Сашо Орданоски, во интервјуто за Иницијативата „Ти одлучуваш. Гласај!“.

https://youtu.be/ek1eaTDgrBs?si=PYk4P3mVI1d97yNM

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај