Последни написи

Во новиот собраниски состав ВМРО-ДПМНЕ ќе има 58 пратеници, ДУИ 19, СДСМ 18, Вреди 13, а Левица и ЗНАМ по 6

Според првичните резултати од вчерашните парламентарни избори што ги објави утрово Државната изборна комисија на својата веб-страница, од обработени над 99,27 проценти од гласовите, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 431.251 (43,23%) или 58 мандати во новиот собраниски состав од 120 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 153.250 (15,36%) – 18 пратеници, Европскиот фронт на ДУИ 137.486 (13,78%) – 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 106.991 (10,72%) – 13 мандати,  Левица има 67.338 гласа (6,75%) – 6 пратеници, а Движење ЗНАМ – За наша Македонија 55.539 (5,57%) – 6 пратеници. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.

Во првата Изборна единица Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ освои 76.192 гласови и би имала 10 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 25.730 гласа – 3 мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ (21.604), коалицијата Европски фронт на ДУИ (20.560) и Левица (19.596) по 2 пратеника и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (11.211) еден пратеник.

Во Изборната единица 2, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со 66.422 гласа би имала 8 пратеници, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 30.626 гласа четири мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ има 25.820 гласа и 3 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со добиени 18.631 глас ќе има 2 мандати, како и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (16.229), додека Левица (10.673) еден пратеник.

Во третата Изборната единица, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 96.546 гласа би имала 14 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 33.605 гласа – 4 мандати, а Левица (13.404) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (9.426) по еден пратеник.

Во ИЕ 4, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 96.536 гласа би имала 13 пратеници, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 41.962 гласа ќе има 5 мандати, додека Левица (12.427) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (8.405) по еден пратеник.

Во петтата изборна единица, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 73.916 гласа би имала 10 пратеници, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 27.013 – 4 мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 26.904 – 3 мандати, а Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ (11.067), Левица (9.926) и Движење ЗНАМ – За наша Македонија (8.757) по еден пратеник.

Во ИЕ 6 коалицијата Европски фронт на ДУИ со освоени 53.817 гласа би имала девет мандати, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“со 47.687 гласа 7 пратеници, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ со 21.639 гласа 3 пратеници и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 6.418 гласа еден пратеник.

Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.

Се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

Во Првата изборна единица има 313.183 гласачи, во Втората 321.087, во Третата 275.034, во Четвртата 278.721, во Петата 310.216 и во Шестата изборна единица 317.109 гласачи.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Ова се 11-ти парламентарни избори од независноста на државата.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај