Последни написи

[Видео] Од негрижата на Град Скопје, неговото срце, Старата скопска чаршија, е со запушени крвни садови

Многумина за Старата скопска чаршија велат дека е срцето на градот. Но, срцето се соочува со проблеми, крвните садови (главните влезови во чаршијата) се запушени. Од негрижата на Град Скопје, приодот кон чаршијата е отежнат, а посетителите, главно туристите кои се сѐ побројни и побројни, се соочуваат со потешкотии при влегувањето во чаршијата.

Пишува: Хусамедин Гина

Старата скопска чаршија е најголемата чаршија на Балканот и крвотокот на Скопје. Епитетот „стара“ го носи  поради својата богата културна и историска рамка со која ја краси метрополата.

Просторот на чаршијата е магичен и преставува спој меѓу современите продавници и кафулиња и старите занаетчии кои се дел од непроценливата и уникатна убавина на градот.

Но, како таква чаршијата се соочува и со доста проблеми коишто оневозможуваат да функционира беспрекорно.  Еден од тие проблеми се главните влезови. Тие се запушени, поради тоа приодот кон чаршијата е отежнат.

За секојдневието и проблемите во Скопската чаршија порталот Рацин.мк разговараше со Зоран Таневски, љубител на чаршијата и професионален туристички водич.

Истакнувајќи дека во последните години чаршијата станува сѐ попопуларна, Таневски рече дека чаршијата исто така се соочува со тренд на уништување.

„За последните неколку години, тоа значи нешто пред пандемијата и после пандемијата чаршијата доживува два тренда. Едниот е станува сѐ по популарна, што е добро, а другиот е сѐ повеќе уништувана. Затоа што никнуваат објекти, прво ја нагризуваат од сите страни, а второ и во самата чаршија никнуваат објекти што отскокнуваат од историскиот контекст на самата чаршија“.

Многумина за Старата скопска чаршија велат дека е срцето на градот. Но, срцето се соочува со проблеми, крвните садови (главните влезови во чаршијата) се запушени. А со тоа приодот кон чаршијата е отежнат. А посетителите, главно туристите кои се сѐ побројни и побројни, се соочуваат со потешкотии при влегувањето во чаршијата.

На главниот влез од страната на Камениот мост, новите травертински блокови се искршени. Преставуваат проблем при пешачење, проблемот се зголемува особено во дождливо време.

„Многумина што треба да се грижат за неа не обраќаат внимание, бидејќи плочникот на пример пред бившата стоковната куќа мост, сега Универзитетот на Југоисточна Европа се менувани неколку пати и се ставаат толку тенки плочки што се само за пешаци. А таму поминуваат и некакви возила. И после една година тие се искршени како никогаш да не биле поправани. И од скршени плочки Гауди правел уметност, а кај нас правиме грда слика“.

На Северната порта на влезот во чаршијата,  од страната на Бит Пазар, можете да најдете од сѐ по нешто. Таксисти, импровизирани тезги каде што се продаваат разни производи, од петарди па се до тутун.

„Кога говориме за делот на чаршијата од страната на Бит Пазар,  таму многу подолго трае таа несреденост. Со тезги, со продавачи на петарди, на тутун и сѐ друго. Така што од таму туристи речиси никогаш не влегуваат, а и кога ќе отидат таму малку се сомневаат, па дали е безбедно прашуваат, дали може да се шета низ тој дел, да се влезе во пазарот. Точно безбедно е, меѓутоа сликата е грда“.

На прашањето дали на чаршијата, срцето на градот потребен му е стент за отворање на блокирани влезови, Зоран Таневски нагласи:

„На цела чаршија и треба прочистување. Прочистување на влезовите, и прочистување на незаконски поставените тераси, тенди и сите други работи за чаршијата да личи на Старата чаршија бидејќи странците кога доаѓаат тука. Тие виделе на многу повеќе места секакви современи објекти, доаѓаат да видат нешто автентично, а во Скопје после земјотресот најавтентичен дел што е зачуван е чаршијата“.

Осврнувајќи се и на хигиената на чаршијата, Таневски рече дека чаршијата сите ја сакаат меѓутоа слабо ја одржуваат, освен оние старите занаетчии, или старите чаршиски луѓе кои сѐ уште си метат пред дуќанот секое утро пред да го отворат.

Зоран Таневски исто така додаде дека во чаршијата најмногу му се допаѓа духот и живоста кој го поседува.

 

Извор: Рацин.мк

Latest Posts

Не пропуштај