Последни написи

(АНАЛИЗА) Понуда на партиите за борба против дезинформациите: Многу меѓусебни обвинувања, малку конкретни решенија

Колку се штетни  дезинформациите  за демократијата и изборните процеси? Каков е пристапот кон ширењето на дезинформациите во програмите на главните политички партии во предизборната кампања? Зошто албанските политички партии не го вклучија проблемот со дезинформациите во програмите со кои бараат гласови од граѓаните? Дали постои политичка волја за надминување на овој проблем?

Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ

Во последните години, Република Северна Македонија често се соочуваше со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и во медиумите. Дезинформациите, отворената политичка пропаганда во одредени медиуми, клеветите и навредите, но и употребата на говор на омраза врз различни основи (главно етничка, верска и политичка), претставуваат еден од најголемите предизвици со кои се соочува општеството. Овие негативни појави се интензивираа, особено за време на изборните процеси во земјава.

Дезинформациите се една од главните закани за демократијата, но и инструмент кој има пропагандни цели, поточно манипулација и влијание врз демократската волја на граѓаните во изборните процеси, што резултира со видливо намалување на довербата на граѓаните во медиумите и новинарите, но и во демократските институции.

За овие ризици говори и последниот Индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници, каде во извештајот за Северна Македонија се нагласува дека „широкото распространување на дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите“, како и дека најголемите партии на власт и во опозиција „создадоа паралелни медиумски системи преку кои го остваруваат своето политичко и економско влијание“.

Но, да видиме, како политичките партии го третираа проблемот со дезинформациите во понудата до граѓаните во оваа изборна кампања?

Дезинформациите, дел од изборната кампања во меѓусебните партиски обвинувања

Иако ниту една од политичките партии не признава дека е „сопственик“ на порталите без адреса и без стандарди, многу од нив и во овој период покажаа дека функционираат под диктат на партиската пропаганда, објавувајќи содржини што ги анатемираат политичките противници, во некои случаи дури и потешко од самата политичка партија.

И во текот на оваа кампања, политичките партии во двата етнички табора се критикуваа и обвинуваа меѓусебно за производство и ширење дезинформации, што беше потврдено и во прелиминарниот извештај на Меѓународната мониторинг мисија ОДИХР. „Во текот на кампањата, претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваа за ширење дезинформации. Во еден случај со голема видливост, на 2 април, новинар објави акциски план на ВМРОДПМНЕ којшто наводно вклучувал креирање лажни анкети. ВМРО-ДПМНЕ реагираше наведувајќи дека предметниот акциски план е фалсификат од нивните политички противници“, се наведува во извештајот на меѓународните набљудувачи.

Станува збор за случајот кога новинарот Фуркан Салиу во „ПорталиХ“ објави дека во пресрет на претседателските и парламентарните избори оваа пролет, ВМРО ДПМНЕ ги запалила своите пропагандни мотори. Според Салиу, шемата по с èизгледа е слична на она што сме навикнати да го гледаме, а дел од неа е и јавниот сервис МРТВ.

“ПорталиХ поседува документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ, потпишан од Луке Галевски, Марија Андоновска, Ивица Грамбозов и Зоран Ставревски. Според оперативниот план, ВМРО ДПМНЕ преку директорот на МРТВ Марјан Цветковски треба да координира политичка емисија во јавниот сервис. Ова веќе го гледаме како се реализира, почнувајќи од 31 јануари со емисијата Објектив. Планот предвидува дека дел од емисијата ќе бидат 3 опозициски аналитичари и еден поддржувач на власта. Во неа се објавуваат анкети од Институтот ИПИС на Владимир Божиновски, додека планот предвидува Божиновски да биде „награден“ од општините со кои раководи ВМРО ДПМНЕ”, се вели во објавениот напис. По објавувањето на документот, новинарот беше мета на постојани закани и напади на социјалните мрежи, но и во медиумите блиски до партијата ВМРО-ДПМНЕ.

И во преодниот извештај на Набљудувачката мисија на изборите на ОДИХР беше укажано дека соговорници на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР изразиле загриженост „за потенцијалот за дезинформации и употреба на манипулативна содржина во кампањата“.

Но, освен меѓусебните обвинувања за дезинформации, политичките партии во оваа кампања, особено од аспект на програмите, посветија многу малку внимание и енергија на борбата против дезинформациите.

ВМРО-ДПМНЕ е за ефикасна борба против дезинформациите, но нема конкретни мерки за тоа

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ја споменува само еднаш борбата против дезинформациите во својата програма за парламентарните избори со наслов „Платформа 1198“.

Во поглавјето  на програмата „Транспарентност и слободни медиуми“, една од наведените цели е „Ефикасна борба против дезинформациите и лажните вести во медиумите и на Интернет просторот“.  Сепак, во програмата не се предлагаат конкретни мерки за остварување на оваа цел.

Од друга страна, оваа партија во нејзината програма вели дека е неопходно да се поддржи обезбедување, одржливост на независните и професионални јавни медиумски услуги и да се зајакне транспарентноста на сопственоста на медиумите и спречување на негативните импликации од медиумската концентрација. Според ВМРО-ДПМНЕ, ќе се поддржи воведување ефективни саморегулаторни и корегулаторни механизми, како и правење на редовни анализи на медиумскиот плурализам.

Во однос на медиумската содржина, според платформата на оваа партија, регулативата не треба се однесува само на проценти и квоти, туку и на неопходното фокусирање на квалитативната димензија преку спроведување мерки за обезбедување квалитетна содржина. Во платформата се истакнува дека ќе се отвори дебата со сите заинтересирани страни за измени на законските одредби за да се обезбеди конкурентност, одржливост и плурализам на медиумскиот пазар и плурализам на медиумските содржини.

СДСМ поддржува саморегулација, активна транспарентност и едукација во борбата против дезинформациите

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, кој е моментално на власт, во својата Програма за европска иднина 2024, ги споменува дезинформациите на неколку места, главно во контекст на сложените внатрешни и надворешни безбедносни предизвици и ризици со кои се соочува земјата.

„И покрај силниот наплив на дезинформации во онлајн сферата, нема да се откажеме од концептот на медиумска саморегулација, но ќе се залагаме за еднаков третман, статус и одговорност на уредниците и новинарите во сите медиуми, без оглед на формата во која ги пренесуваат информациите. Во соработка со медиумските работници, ќе предложиме формирање регистар на вистински сопственици на електронските портали“, се наведува во програмата на оваа партија.

Што се однесува до борбата против дезинформациите во областа на безбедноста, СДСМ укажува дека е зголемена активната институционална транспарентност како основна алатка за справување со дезинформациите и лажните вести. „Регионалниот центар за односи со јавноста (РЦОЈ) во рамки на Министерството за одбрана, како акредитиран НАТО Центар за обука и едукација, ќе го развиеме како Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести за потребите на јужното крило на НАТО, во тесна соработка со Центарот за извонредност за стратегиски комуникации во Рига“, се предлага меѓу другото во програмата на СДСМ.

Но, она што се забележува од програмата на СДСМ е дека таа не ги опфаќа мерките кои беа дел од Предлог план за одлучна акција против ширење дезинформации и против напади врз демократијата, којшто го објави Владата предводена од оваа партија во јули 2019 година.

Левица: Наместо борба против дезинформации, забрана за оние што се борат против дезинформациите

Партијата Левица, која понекогаш настапува како партија на екстремната левица, а понекогаш како екстремна десница, наместо да се ангажира за борба против дезинформациите, во својата програма ветува дека ќе се залага дури и за кривична одговорност за проверувачите на фактите кои се борат против дезинформациите.

“Забрана и криминализирање на т.н. фактчекерство на социјалните медиуми (пр. вистиномери на Фејсбук) и било какво ограничување на објавување вести, коментари и мислења на мрежите – поради т.н. лажни вести или „говор на омраза“. Ако веста е лага, навреда или клевета, ќе треба да се оди на суд за нејзино санкционирање, бидејќи само со судска одлука истата ќе може да биде цензурирана и повлечена од етерот“, се наведува во програмата на оваа партија.

За Европскиот фронт, ВЛЕН и ЗНАМ, проблемот со дезинформации не постои?

Демократската унија за интеграција, како владејачка партија, ги поддржуваше владините политики против дезинформации. Но, ДУИ, како предводник на Европскиот фронт, сè уште ја нема објавено изборната програма наречена Европа 2030, иако на денот кога ја претстави пред јавноста вети дека ќе биде достапна електронски за сите граѓани. Ова го оневозможи анализирањето на евентуалните мерки предложени за борба против дезинформациите.

Од друга страна, опозициската коалиција ВЛЕН, составена од неколку албански политички партии, ја објави својата изборна програма наречена План 2030. Но, во оваа програма не е вклучено ниту едно поглавје или дел, ниту пак конкретни мерки поврзани со борбата против дезинформациите.

И Движењето ЗНАМ, кое освои значителен број гласови во првиот круг на претседателските избори, во својата програма за парламентарните избори со наслов „Проглас за достоинствена Македонија“ нема ништо поврзано со борбата против дезинформациите.

Заклучок: Многу меѓусебни обвинувања, малку конкретни решенија за справување со дезинформациите

Многу релевантни истражувања и извештаи за медиумската сфера во земјава укажуваат дека дезинформациите сериозно ја поткопуваат и нарушуваат демократијата и особено имаат моќ да се мешаат во политичката волја на граѓаните во изборните процеси. Во овој контекст, за политичките партии често се нагласува дека тие самите се произведувачи и дистрибутери на дезинформации за политички и идеолошки цели, користејќи ги медиумите под нивно влијание како пропагандни алатки.

Во текот на предизборната кампања имаше декларативни судири меѓу политичките партии во врска со дезинформациите, кои се евидентирани и од мисијата на ОДИХР. Сепак, и покрај обвинувањата, партиите во своите изборни платформи ги вклучија минимално прашањата поврзани со дезинформациите. Ова говори за нивниот не многу убедлив пристап во справувањето со оваа појава или за немањето посилна политичка волја за справување со дезинформациите.

Додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат површен пристап и предлагаат малку мерки за решавање на ова прашање, Левица има пристап против борбата со дезинформациите и предлага забрана и криминализација на проверувачите на факти, додека албанските партии и партијата ЗНАМ не виделе за сходно да напишат ниту еден збор за борбата против дезинформациите, иако честопати зборуваат против нив.

(Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)

Latest Posts

Не пропуштај