Последни написи

(ВИДЕО) Зилбеари во „Полиграф“: И новинарите, и граѓаните, да отворат очи од кои извори се информираат

Кои се најчестите теми и извори на дезинформации и како граѓаните полесно да ги препознаат? За овие прашања, „Полиграф“ разговараше со новинарката и уредничка Елида Зилбеари, која работи на ова поле повеќе години.

Полиграф: Многу од нашите истражувања покажуваат дека кај нас има многу дезинформации. Во кои области ги забележуваме најмногу дезинформациите?

Зилбеари: Нормално, бидејќи сме во изборна кампања, дезинформациите што кружат на локално ниво се оние за изборите, односно против разните политички опоненти. Но, нема да се надоврзам само на локалниот аспект, и на глобален аспект имаме дезинформации што се поврзани со проруски наративи.

Обично, тие се однесуваат на тоа дека не ни треба Европската унија, не ни треба НАТО, има некои наративи што се против вредностите на Европската унија и, за жал, се шират и од партиите, и од различни групации. Секако, следуваат дезинформации за војната во Украина, дезинформации за Зеленски и против офанзивите што ги презема Украина. Исто така, во последно време се појавуваат и дезинформации за војната на Израел во Газа како и за нападот на Иран или Израел, на двете страни во овие две земји.

Тренд е да се презентираат и фотографии и видеа што се направени со вештачка интелигенција, но има и фотографии кои се стари или се надвор од контекст, кои се претставени како вистински, и на нашите социјални мрежи, и во нашето опкружување.

Полиграф: Кои се најчестите извори од кои доаѓаат овие дезинформации?

Зилбеари: Најчести извори – во зависност од интересите на медиумите и центрите на моќ. На пример, дезинформациите поврзани со Русија и проруската пропаганда нормално дека доаѓаат од руските медиуми, кои имаат и нивен центар во Србија, и од Србија се шират во Северна Македонија. Потоа, и во другите земји на Балканот: во Република Српска, го имаме конфликтот меѓу Косово и Србија, а имаше и дезинформации поврзани со резолуцијата за геноцидот во Сребреница, со членството на Косово во светските институции…

Значи, во зависност од интересите на предизвикувачите на штетата што ја прави дезинформацијата, такви се и изворите. Локално, ги имаме политичките партии, имаме луѓе кои се заинтересирани да добијат нешто во кампањата и разни мрежи на луѓе што ги знаеме или не ги знаеме, кои шират дезинформации.

Полиграф: А граѓаните, што може да направат за да не наседнуваат и можеби полесно да ги детектираат овие дезинформации?

Зилбеари: Исто како и новинарите, граѓаните треба да ги отворат очите, од кои извори се информираат. Треба да внимаваат, да размислат, да си го постават прашањето – ако оваа информација доаѓа од некого, тогаш треба да размислат кој има корист од оваа информација, што може да биде целта на оваа информација и зошто им се сервира токму ним. Значи, треба да си ги постават тие неколку критични прашања пред да ја споделат таа дезинформација.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

Latest Posts

Не пропуштај