Последни написи

Слободни избори, тивок бојкот, кршење на изборниот молк, агитација и непочитување на процедурите: Извештај на ЦИВИЛ

Прелиминарна оценка на Парламентарните избори одржани на 8 мај е дека тие изминаа во мирна и демократска атмосфера, без инциденти и без значителни нерегуларности.

Општо земено, граѓанките и граѓаните со право на глас имаа можност да ја изразат својата избирачка волја слободно, соодветно на Изборниот законик и демократските принципи и стандарди.

Сепак, со оглед на принципот Нулта толеранција за изборните нерегуларности што го следи ЦИВИЛ во својот мониторинг, за одбележување се повеќе видови нерегуларности кои беа забележани на 8 мај. Ставот на ЦИВИЛ е дека тие случаи, регистрирани на самиот ден на гласањето, не влијаат значително на општата оценка која е позитивна.

Прес конференција на ЦИВИЛ за изборите

Овие оценки се однесуваат на краткорочниот мониторинг кој го опфаќа изборниот молк и денот на гласање.

Анализите и оценките кои произлегуваат од долгорочниот мониторинг на изборниот процес и општествено политичките состојби и трендови веќе сега се во поодмината фаза на подготовка и ќе бидат презентирани на почетокот на јуни оваа година.

Сенка на изборниот ден фрлија повеќе извештаи кои се однесуваат на тоа што се случуваше во самите избирачки места. Очигледно е дека еден дел од членовите на избирачките одбори низ целата земја – или не се доволно добро обучени, или се оддадоа на исполнување политички агенди, со тоа што агитираа, односно се обидуваа да извршат влијание врз дел од гласачите. Зависно од тоа од кој политички табор беа ангажирани, дел од членовите на избирачките одбори во избирачките места што ги опфатија набљудувачите на ЦИВИЛ, го поддржуваа или се обидуваа да го спречат бојкотот на Претседателските избори.

Исто така, се бележат и случаи на кршење на изборниот молк и нарушување на тајноста на гласањето, а во еден дел од случаите, се бележи непостапување по однос на кршење на изборниот молк од страна на набљудувачите, партиски или граѓански. Илустративен случај е оној од избирачко место во градинката „Пролет“ во населба Козле во општина Центар, Скопје, каде што набљудувачката ја пушташе химната на ВМРО-ДПМНЕ на својот телефон, среде избирачкото место. Реакција имаше само откако граѓанин упатил забелешка.

Понатаму, се бележи и недоволна информираност на граѓанките и граѓаните за процедурата на гласањето за претседател и за парламент, особено засилена со непознавањето на процедурите и од страна на избирачките одбори. Околу 50 повици од граѓанките и граѓаните се однесуваа на тоа дека не било јасно дали ИО имаат право да ги прашуваат гласачите дали ќе земат едно или две гласачки ливчиња. Ова е сигнал дека процедурите и избирачките права се недоволно добро објаснети во подготвителниот период, односно кампањата на ДИК за граѓанска едукација.

Неславен е инцидентот кој го предизвика член на ИО во с. Јанчишта, општина Јегуновце, во кој набљудувач на ЦИВИЛ беше вербално нападнат со клевети и навреди против организацијата. За овој случај, запознаена е и ДИК и меѓународната заедница.

Изборите и на 7 и 8 мај изминаа во знакот на кршење на изборниот молк. Партиските активисти, па и функционери, како и анонимни профили на социјалните мрежи познати на Цивил мониторинг тимот како партиски пропагандисти – водеа вистинска војна на социјалните мрежи.

Оваа констатација се однесува на сите учесници во парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај.

ЦИВИЛ распореди 80 мобилни краткорочни набљудувачи низ целата земја.

ЦИВИЛ спроведе и долгорочен мониторинг на изборниот процес, почнувајќи од 28 јануари, кога беше изгласана техничката влада на земјата, задолжена за спроведување на изборниот процес.

Во тој период, се бележат две остро спротивставени политички опции, во кои доминираа националистичките наративи, наспротив про-ЕУ опцијата.

Воедно, ЦИВИЛ во текот на 2023 година учествуваше во РГ за измени на ИЗ, а паралелно со тоа спроведуваше и мониторинг на социополитичките процеси и трендови, со фокус на дезинформациите, националистичките, антизападните и антидемократските наративи, како и хибридните закани против нашата земја.

Организацијата редовно ги објавува своите извештаи и анализи на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА на македонски, албански и англиски јазик.

 

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај