Последни написи

Од бината не се бираат зборови за глас повеќе, евроинтеграциите „десерт“ на претседателските кандидати

Пишува: Дестан Јонузи

„Како што се приближува финишот на претседателските избори, така и се заострува реториката. Се добива впечаток дека луѓето од бината не бираат зборови за нивниот против кандидат. Во оваа комуникациска битка како тема доминира процесот на евроинтеграции, којшто некои кандидати за жал повторно го поврзуваат со наводно загрозување на идентитетот на македонскиот народ“, ова е констатацијата од анализата на „Фронтлајн“ – со познавачите на политичките и изборните случувања во земјата.

Љубиша Цветкоски

– Ништо ново, ништо поразлично од она што досега сме навикнати да го слушнеме од претседателските кандидати и нивните лидери. Како што се приближува финишот така и се заострува реториката. Се добива впечаток дека луѓето од бината не бираат зборови за нивниот против кандидат, додека за точките од програмата и тоа како си имаат се напишано. Засилениот напад на противникот особено е поизразен кај кандидатите од македонскиот политички блок, за разлика од двајцата кандидати од албанскиот блок. Очекувано беше дека прашањето за отворањето на уставот и продолжувањето на патот за ЕУ ќе биде приоритет, но се добива впечатокот дека токму по тоа се комплетно различни безмалку сите кандидати, што дополнително прави конфузија кај гласачот.. Се прашува кому да веруваме, вели новинарот и водител Љубиша Цветкоски во изјава за „Фронтлајн“.

Петрит Сарачини

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) – вели дека и во оваа предизборна кампања за претседателските избори може да се забележи остра реторика и меѓусебни напади на кандидатите, особено на митинзите и собирите со граѓаните.

– Се забележува и тоа дека се говори помалку за работите што се во надлежност на претседателот, а повеќе се зборува и се ветуваат работи што не се дел од компетенциите на оваа функција. Исто така, во медиумите може да се забележат случаи на дезинформации и манипулации во однос на настапите на дел од кандидатите, нагласи Сарачини.

Досега, додава тој, во оваа комуникациска битка како тема доминира процесот на евроинтеграции, којшто некои кандидати за жал повторно го поврзуваат со наводно загрозување на идентитетот на македонскиот народ.

– Исто така, во настапите се забележува видливост на темите поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата, но и во овој случај темата се користи за меѓусебни напади на политичките актери што учествуваат во кампањата. Оваа напаѓачка реторика за жал влијае на тоа добар дел од граѓаните да чувствуваат одбивност кон предизборната кампања и да не ја следат со внимание, што го ограничува нивното право на информиран избор, подвлече тој.

Зуди Џелили

Зуди Џелили поранешен кандидат за претседател смета дека кампањата за претседателските избори почна мирно, а кандидатите покажаа претпазливост.

– Бидејќи системот на власт кај нас е парламентарна република, претседателот има повеќе церемонијална улога, но иако кандидатите немаат надлежност во одредени области, сепак ги споменаа како можност за реализација. На пример – Бујар Османи ветува членство на земјава во ЕУ со одредени датуми, знаејќи дека оваа работа е на власта да ги исполни своите обврски, а не на претседателот. Стевче Јакимовски ветува поголема моќ за општините итн. Што се однесува до реториката, дебатата меѓу двајцата кандидати Албанци беше најдобар пример за тоа како се дебатира и како се одвиваат програмите, покажувајќи високо ниво на култура, изјави Џелили за „Фронтлајн“.

Според него, Мендух Тачи ќе ја заостри реториката со тоа што ќе се обиде да излезе на површина со обвинувањата против Албин Курти како премиер на Косово, да го сврти вниманието кон себе и да му се заблагодари на Али Ахмет за услугата што му ја направил, да го кандидира за пратеник.

Извор: Фронтлајн.мк

Latest Posts

Не пропуштај