Последни написи

И јас би правел интервју со Гордана Јанкулоска!

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

И јас би правел интервју со Гордана Јанкулоска. Таа е релевентен соговорник за многу теми, вклучувајќи ги оние што се деновиве актуелни во земјава. Од тој аспект, сосем е легитимно за секој новинар да ја искористи приликата за интервју со поранешната министерка за внатрешни работи.

Но, пред прашањата за актуелните теми, најпрвин би ја прашал:

– За затворањето новинари, бркањата на новинари од работа и заканите кон колеги новинари („ќе лета од работа“ и сл.), а и за клиентелистичката мрежа на нејзината партија во медиумите за која ја чувме како зборува во прислушуваните разговори;

– За „тефтерчето“ и местењето партиски подобни судии и обвинители;

– За „Диво Насеље“, за „Монструм“, за случајот Мартин Нешковски;

– За „мвро-вмро“, односно претворањето на МВР во штаб на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите;

– За „тепачите“ на партијата во полицијата, кои жареа и палеа, втеруваа страв меѓу граѓаните, особено за време на изборните процеси;

– За „да ги сотреме“, односно злоупотребата на положбата за справување со неистомислениците меѓу полицискиот кадар, а и во други институции;

– За сите коруптивни зделки на нејзините сопартијци за кои си муабетеше со Ставрески, ама не покрена ниту една кривична пријава;

Би ја прашал, дали се кае за тоа што го правела, и дали би им се извинила јавно на нејзините сограѓани за соучесништвото во претворањето на земјава во „заробена држава“?

Најпрвин би разговарал со Јанкулоска за овие работи, а потоа за сите други прашања. Без одговор на овие прашања, не би прифатил разговор со неа. Оти, досега, Јанкулоска се нема произнесено јавно за тоа што го правела за време на режимот на Груевски.

А секој јавен настап и интервју на Јанкулоска без одговор на овие прашања, го доживувам како обид за нејзино амнестирање, а богами и навреда за интелигенцијата на медиумската публика и на сите граѓани на земјава!

Latest Posts

Не пропуштај