Последни написи

Уставните измени во медиумите и на социјалните мрежи: Силна поларизација и омраза, слаба онлајн модерација, малку истражувања и претставки до саморегулаторните тела

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Дебатата за уставните измени, кои се услов за продолжување на преговорите за членство на  Северна Македонија во Европската унија, веќе подолго време е меѓу темите на кои и медиумите и јавноста посветуваат големо внимание, и очигледно предизвикува голема поларизација во општеството.

 

Општ впечаток е дека, како и за други општествени прашања, дел од медиумите известуваат за темите поврзани со уставните измени професионално и балансирано, обидувајќи се да ѝ овозможат на јавноста информации и согледувања на различни страни и различни аспекти. Но, кај дел од медиумите, особено во онлајн сферата, се забележува пристрасно и непрофесионално известување, а неретко има и дезинформации и потпалувачки јазик па и говор на омраза, особено во објавите на социјалните мрежи и коментарите на публиката.

Сепак, за да не се базираме на општи заклучоци и перцепции за оценување на известувањето на медиумите за уставните измени, како и за поларизацијата, дезинформациите и говорот на омраза, кои се чини дека се најприсутни на социјалните мрежи, се обидовме да навлеземе подлабоко во анализирање на овие прашања. Токму затоа, Институтот за медиуми и аналитика ИМА контактираше со неколку професионални медиумски здруженија и организации, меѓу кои и организации кои имаат подолгорочно искуство и експертиза во мониторирање на медиумските содржини и изработка на професионални истражувања на медиумски содржини. Од нив, ИМА побара да одговорат на две прашања поврзани со оваа тема:

  1. Како го оценувате известувањето на медиумите за предложените уставни измени кои се услов во преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија?

  2. На содржините поврзани со предложените уставни измени на страниците на македонските медиуми на социјалните мрежи, се забележуваат бројни коментари на читателите со жестока реторика, навреди но и говор на омраза. Колку медиумите ги следат етичките насоки за модерирање на коментарите и оневозможување на користењето на нивните платформи за ширење омраза и повици за насилство, и кои се вашите препораки до нив за ова прашање, кое придонесува за продлабочување на поларизацијата во јавната комуникација?

ЗНМ: Нема претставки за оваа тема, да се избегнува сензационализмот, говорот на омраза да се адресира координирано од институциите

Најпрвин, побаравме одговори од Здружението на новинарите на Македонија кое постои речиси 80 години и е полноправна членка на Европската федерација на новинарите, и ги претставува новинарите и медиумските работници кои работат во медиумите во нашата земја.

„Кога станува збор за начинот на кој известуваат новинарите, укажуваме дека во рамките на ЗНМ функционира Совет на чест  кој е саморегулаторно тело на новинарите во Македонија, чија основна задача е да се грижи и да ги промовира етичките принципи, критериуми и стандарди на професионалното и одговорно новинарство наведени во Кодексот на новинарите на Македонија. Тоа што можеме да го забележиме е дека досега до Советот на честа не е пристигната претставка на оваа тема“, се вели во одговорот на ЗНМ на прашањето како го оценуваат известувањето на медиумите за предложените уставни измени.

Во однос на содржините за уставните измени на страниците на македонските медиуми на социјалните мрежи, и коментарите на читателите со жестока реторика, навреди и говор на омраза, кои придонесуваат за продлабочување на поларизацијата, од ЗНМ велат дека е важно да се запази основната улога на медиумите, а тоа е да ја информираат јавноста за уставните измени, што вклучува објаснување на содржината на амандманите, нивното значење и како тие се поврзани со процесот на преговори со ЕУ.

„Објективноста при известување како и секогаш е важна, причина заради која медиумите треба да презентираат балансиран пристап во поглед на измените, односно потребно е да се вклучат сите страни во информирањето, вклучувајќи ги и тие за, но и тие кои што се против уставните измени. Ова е со цел гледачите да можат да формираат свој став во врска со темата“, укажуваат од ЗНМ.

Од најстарото новинарско здружение во земјава посочуваат дека е важно да се избегне сензационализмот, да се избегнуваат провокативни наслови кои може да го поларизираат јавното мислење. Како посебна опасност го истакнуваат говорот на омраза, за чие адресирање е потребен координиран институционален одговор.

„Посебна опасност, како што и сами наведувате е појава на говор на омраза. Во случајот со третирањето на говорот на омраза во контекст на преговорите со ЕУ и исполнувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, ставот на ЗНМ е дека говорот на омраза претставува кривично дело без разлика за каков контекст станува збор кога има експлицитни примери за говор на омраза и институциите треба да покажат проактивност без разлика дали е пласиран на традиционални, дигитални или социјални медиуми. Само преку координиран и институционален одговор кон сторителите од страна на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи ќе може да се води ефикасна и ефективна битка со говорот на омраза. Ние од новинарите и медиумите очекуваме строго да го почитуваат Кодексот на новинари односно во секоја новонастаната општествено – политичка состојба во земјава да информираат со максимална одговорност и професионалност“, се вели во одговорот на ЗНМ.

Георгиевска, СЕММ: Поларизираноста на медиумите јасно се исцртува во известувањето за уставните измени

Поларизираноста на медиумите во Македонија по политичка линија, особено на онлајн порталите,  јасно се исцртува и кога станува збор за известувањето околу уставните измени, вели Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) во нејзините одговори на поставените прашања од ИМА за известувањето на медиумите за уставните измени, како и за поларизацијата, дезинформациите и говорот на омраза кои се особено видливи на социјалните мрежи.

„Наспроти медиумите блиски до владејачката левица во македонскиот политички блок, кои постојано ги нагласуваат политичките изјави, препораки и коментари дека  “без уставни измени нема продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, ќе следи демократско назадување,  ќе останат блокирани значајни европски фондови за развој и реформи на земјата, ќе продолжи иселувањето…”, медиумите наклонети кон опозициската десница во македонскиот политички блок се фокусираат на обратното – дека “по уставните измени ќе следат нови услови од Бугарија, дека тоа води кон обезличување на македонскиот народ по диктат на Бугарија  и целосно национално предавство”.  Ваквото фокусирање пренесено на социјалните мрежи многу често е основа за ширење дезинформации, навреди и говор на омраза меѓу читателите, што уште повеќе придонесува за “закопување во своите ровови” на политичките групации“, смета Георгиевска од СЕММ.

Таа посочи дека статистиката на Советот за етика за поднесените пријави до Комисијата за жалби, до средината на август 2023 година (83 примени жалби, за 60 од нив е донесена одлука/мислење) покажува дека и натаму најпрекршуван (во 38% одлуки/мислења)  е член бр. 1 од Кодексот на новинарите (1. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци…).

„Тоа значи дека кај новинарите, особено во онлајн медиумите, недостасува професионализам и одговорност, со што во голема мера самите придонесуваат за ширење неточни информации, а со тоа и за пад на довербата во медиумите генерално“, оцени Георгиевска.

Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, извор: semm.mk

Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, извор: semm.mk

Понатаму, извршната директорка на СЕММ вели дека една четвртина или 25% од прекршувањата на Кодексот на новинарите, според одлуките на Комисијата за жалби, се однесуваат на член 10 (10. Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација…). Ова особено се однесува на коментарите што следат по објавен новинарски текст на веб-страната на медиумите или на профилот на медиумите на социјалните мрежи.

„Занемарувањето на обврската на редакцијата да ги отстранува коментарите кои се дискриминирачки, кои повикуваат на омраза или насилство најчесто се објаснува од редакциите со недостиг од кадар и средства за редовно “чистење” на навредливите и злонамерни коментари. На овој начин медиумите не само што придонесуваат за ширење на неточни информации и говор на омраза туку воопшто не се трудат да ја зголемат свесноста за негативните последици од говорот на омраза, да го идентификуваат и разобличуваат таквиот говор и да ги посочат актерите што го продуцираат, како што налага член 10.3 од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, на кои се имаат обврзано членките на СЕММ“, посочува Билјана Георгиевска од СЕММ.

Трпевска, Институт РЕСИС: Мал број онлајн медиуми ги почитуваат Насоките за етичко известување за модерирање на коментарите на социјалните мрежи

За да можеме да дадеме релевантни одговори на овие две прашања потребно е да се спроведе внимателно дизајнирано истражување. Тоа е комплексен потфат, но само така може да извлекуваме некакви воопштувања. Сè друго се чини се сведува на здраворазумско размислување кое се потпира на тоа што сме го стекнале како впечаток од изворите од кои ние лично се информираме – смета д-р Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС.

„За да се одговори на првото прашање потребно е да се направи и квантитативна и квалитативна анализа на содржината на известувањето на медиумите. Но, претходно, за да ја поставите методологијата на анализата треба да дефинирате повеќе важни аспекти на истражувањето, меѓу кои и следново: За кои медиуми сакате да извлекувате заклучоци, дали за онлајн или за традиционалните медиуми кои имаат најголемо влијание врз формирањето на јавното мислење? Ако сакате да добиете сознанија само за онлајн медиумите, тогаш кои медиуми ќе ги земете предвид, бидејќи постојат над 100-тина во земјава? Следно, треба да ја дефинирате концептуалната рамка на известувањето за уставните измени, односно тоа што ќе го анализирате во медиумските текстови или прилози?“, укажува Трпевска.

Таа вели дека како истражувачка организација за ова прашање немаат спроведено систематска анализа на содржина, така што не би можела да сподели никакви релевантни сознанија, а не може да сподели ниту лични впечатоци, врз основа на медиумите од кои се информира, бидејќи тоа би било анегдотално знаење, кое се потпира само на еден или два случаи.

Снежана Трпевска, Институт РЕСИС фото: Цивилмедиа.мк

Снежана Трпевска, Институт РЕСИС фото: Цивилмедиа.мк

„За второто прашање, говорот на омраза и навредливите коментари на читателите постирани под медиумските текстови на социјалните мрежи, повторно е тешко да генерализирате, иако сите знаеме дека такви коментари има. Она што јас го знам од личното искуство како членка на Комисијата за жалби при Советот за етика, е дека само мал број онлајн медиуми ги почитуваат Насоките за етичко известување на онлајн медиумите – да интервенираат кога има експлицитен говор на омраза кон припадници на одредена група. Дури мислам и дека самите медиуми не ги прочитале овие Насоки, иако им беа испратени уште во фазата на јавна расправа, пред три години“, смета Трпевска, посочувајќи дека Станува збор за членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија – кој во Насоките е разработен во неколку точки, од кои точката 10.4 се однесува токму на коментарите на читателите:

Член 10 – Кодекс на новинарите на Македонија

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка припадност…).

Точка 10.4. – Насоки за етичко известување на онлајн медиумите

Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.

Трпевска исто така посочи дека одговорноста на онлајн медиумите за содржините кои се постирани од корисниците е прашање што е посебно обработено во членот 20 од Насоките, и тоа не само во однос на говорот на омраза.

„Важно е да се сфати дека во дигитализираниот екосистем се менува концептот за уредувачката одговорност – медиумот е одговорен за корисничките коментари што самиот ги поттикнал, наместо да ги разобличи, критикува или отстрани, како што стои во Насоките.  За таа цел, секој медиум мора да воспостави и свои правила кои ќе ги објави и на своите страници на социјалните мрежи. Читателите кои го следат медиумот треба да се свесни дека е ова јавна сфера и дека постојат граници на слободата на изразување“, вели Трпевска.

Член 20 – Одговорност за објавувањето коментари од читатели

20.1. Онлајн медиумот е одговорен и за содржината на објавените коментари од своите читатели, објавени на веб-страницата на онлајн медиумот во просторот за коментари, под новинарските содржини.

20.2. Онлајн медиумот ќе ги отстрани сите коментари кои содржат: повикување на насилство или други кривични дела, говор на омраза, дискриминација, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со текстот или темата што се обработува во него.

20.3. Онлајн медиумот ќе дефинира правила за уредување на коментарите на читателите во просторот за слободно коментирање под објавените текстови и содржини. Тие правила ќе бидат објавени на платформите на кои содржината се објавува и ќе содржат: информации за регистрирањето на коментарите, почитувањето на правилата на коментирање, недозволени содржини во коментарите, причина за отстранување на коментарите и др.

Трпевска вели дека Комисијата за жалби при Советот за етика и оваа година има добиено голем број жалби токму за коментари на читатели кои содржат говор на омраза, но мал број се однесувале на текстови поврзани со уставните измени. „Најбројни беа оние поврзани со одржувањето на Парадата на гордоста. Комисијата во сите такви случаи носеше одлука дека е прекршен членот 20 од Насоките и одредбата 10.4, односно членот 10 од Кодексот на новинарите“, се вели во одговорот на д-р Трпевска на прашањата на ИМА.

Метаморфозис: За уставните измени се ширеа дезинформации, за борба против говорот на омраза е потребна поефикасна реакција на органите и зголемена свесност кај медиумите

И од Фондацијата Метаморфозис велат дека на прашањето за оценување на известувањето на медиумите за предложените уставни измени не можат да дадат едноставен одговор, бидејќи немаат направено истражување што би дало јасна слика од сите аспекти покренати од прашањето. „Она што е јасно е дека на теми поврзани со уставните измени се ширеа различни дезинформации, особено во врска со содржината на документите како Протоколот со Бугарија, како и низа манипулации засновани на различни интерпретации или полувистини. Впрочем во јуни, на конференција „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, директорот на Агенцијата за разузнавање предупреди дека уставните измени ќе бидат една од главните теми на дезинформациски кампањи. За жал подгревањето на политичката атмосфера со дезинформации е проследено и со ширење говор на омраза, особено со цел да се поттикне меѓуетничка нетрпеливост“, велат од Метаморфозис.

Во однос на второто прашање – за тоа колку медиумите ги следат етичките насоки за модерирање на коментарите на социјалните мрежи и оневозможување говорот на омраза да биде ширен од нивните профили на социјалните мрежи кои служат како платформи за што поголем број читатели, важно да се укаже дека таа појава е сериозно присутна и не е нова, туку може да се каже дека е ендемска – се вели во одговорот на оваа организација. „Уште повеќе што говорот на омраза на социјалните мрежи не е поврзан само со прашањето на уставните измени, туку според сите искуства и од професионалните организации кои го следат говорот на омраза и од професионалните новинарски организации и од Советот за етика, утврдено е дека тој е присутен најчесто по прашањата за родовата политика, насочен е посебно кон поединци кои се припадници на ЛГБТИК заедницата, припадници на разни етнички/расни групи, членови или симпатизери на политички партии и опции, итн.“, посочуваат од Метаморфозис.

Од оваа медиумска организација велат дека според законските норми што го регулираат медиумскиот простор и (Законот за медиуми и Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги), медиумите се слободни во својата уредувачка политика и содржината на новинарските производи, но и во двата закона постои по еден член кој забранува ширење на омраза по неколку основи, но за жал, во овие одредби говор на омраза по политичка основа не е препознаен.

„Исто така, во неколку членови Кривичниот законик го третира говорот на омраза како кривично дело, а и во Законот за спречување и заштита од дискриминација е прецизно наведено на што се однесува дискриминацијата и кој е должен да се справува со нејзе, а тука се споменати и медиумите.  Оттаму, кога се зборува за говорот на омраза, треба да се има на ум дека е регулиран, односно забранет како кривично дело во Кривичниот законик и тоа посебно негово ширење по пат на компјутерски мрежи, т.е. и преку социјалните мрежи“, укажуваат од Метаморфозис.

 

Според оваа организација, затворениот круг во медиумскиот простор во Македонија се создава со тоа што медиумите на своите веб-страници не дозволуваат коментари, но коментарите се добредојдени и дозволени на сметките на медиумите на социјалните мрежи, посебно на Фејсбук, бидејќи со тоа се зголемува видливоста на написите во рамки на алгоритамот на платформата, а со тоа и рекламниот капацитет на медиумот.

И Метаморфозис посочуваат дека од аспект на саморегулација, медиумите имаат етички насоки да ги модерираат коментарите на своите портали, но и на социјалните мрежи, како што е наведено и во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, документ кој претставува пример за примена на Кодексот на новинарите во онлајн сферата, изработен и промовиран во 2021 од СЕММ со поддршка на ОБСЕ.

„Но, проблемот е во тоа што медиумите не сакаат да се откажат од коментарите, од веќе погоре кажани причини, а во исто време, според искуството на СЕММ, најчесто велат дека немаат доволно кадровски потенцијал да вршат модерирања на коментарите.  Од тука, саморегулацијата преку Насоките не може краткорочно многу да помогне за да се спречат или отстранат коментарите на социјалните мрежи, иако има примери на портали со голема посетеност кои веднаш штом дознале дека има жалба против нивната објава на социјалните мрежи за говор на омраза, било во текстот било во коментарите, ја отстрануваат содржината во целост“, посочуваат од Метаморфозис.

Според оваа организација, долгорочно гледано, преку подигање на свеста кај сопствениците и уредниците и новинарите во онлајн медиумите и воведување интерни процедури во редакциите според Насоките и другите професионални етички принципи, може да се делува преку подигање на јавната свест за потребата да ги модерираат коментарите или за оние содржини за кои е лесно да се претпостави дека се многу ризични за коментари за говор на омраза да не ја споделуваат на социјални мрежи или да забранат/модерираат нејзино коментирање.

„При тоа треба да се напомене дека, во рамки на претходно преземените обврски во односите со Европската Унија (EU Code of Conduct against online hate speech), како и според новата ЕУ регулатива која неодамна стапи на сила, платформите треба да имаат сопствени механизми за отстранување на нелегални содржини, во кои спаѓаат и содржини поврзани со кривични дела како говор на омраза. Попрецизно, обврски против говорот на омраза се опфатени со Законот за  дигитални услуги (Digital Services Act) кој нашата земја како кандидатка за членство во ЕУ треба да го усвои и применува во најскоро можно време“, укажуваат од Метаморфозис. Воедно, тие објаснуваат дека овие механизми се различни од оние поврзани со проверка на факти. Така на пример, методологијата на Партнерството за проверка на факти од  трети страни на Фејсбук, во кое учествува и Вистиномер, не опфаќа и маркирање случаи на говор на омраза.

Во однос на спречување говорот на омраза на присуствата на медиумите на социјалните мрежи, во Метаморфозис велат дека е неопходна константна работа на терен со сопственици/ уредници/ новинари во онлајн медиуми за подигање на нивната свест за опасноста од говор на омраза и дискриминација по која било основа на социјалните мрежи во коментарите на нивните објави, но и на посебно внимание кон креирање на текстови што се потенцијален ризик за говор на омраза и дискриминација.

„Исто така, неопходно е прекинување на културата на неказнивост, преку засилен надзор од државата во соработка со граѓанскиот сектор и со специјализирани новинарски организации во мониторинг и пријавување на говорот на омраза и дискриминација на социјалните мрежи и се разбира, многу поефикасна и побрза реакција на истражните и правосудните органи во делот на санкционирањето на ширењето на таков говор“, се вели во одговорот на Метаморфозис до ИМА.

Заклучоци и препораки: Како да се делува за намалување на поларизацијата, дезинформациите и говорот на омраза во медиумите и на социјалните мрежи?

Од ставовите, перцепциите и информациите изнесени во оваа анализа од професионалните медиумски организации, саморегулаторните тела и медиумските истражувачки организации, може да се заклучат неколку работи.

Прво, преовладува впечатокот дека јавната дебата за уставните измени е мошне поларизирана, а во тоа придонесуваат и дел од медиумите, при што тоа е највидливо кај оние медиуми што се блиски до политичките опции што се спротивставени по ова прашање, и се рефлектира најмногу на социјалните мрежи.

Поларизацијата по ова прашање е само дел од „битката“ за речиси сите теми, што се наметнува главно од политичките актери.

Воедно, како што укажаа и Репортери без граници во последниот извештај за земјава, политичката поларизација се засилува преку паралелните медиумски системи создадени од партиите и од власта и од опозицијата, а за влошување на медиумските состојби придонесуваат и економските притисоци врз медиумите, како и социјалните мрежи кои генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации, што во комбинација со ниските професионални стандарди резултира со пад на јавната доверба во медиумите и засилување на нападите врз медиумите и новинарите. За да се адресираат овие комплексни проблеми очигледно е дека се потребни многу напори од страна на сите актери, и во политиката и во медиумите, како и соработка во добра волја меѓу нив, нешто што за сега недостасува.

Но, индикативно е тоа што за медиумското известување за уставните измени, како што укажаа ЗНМ и СЕММ, има малку претставки до медиумските саморегулаторни тела, што покажува дека засегнатите страни ги користат малку саморегулаторните механизми за да ги адресираат можните етички прекршувања на медиумите во известувањето за ова прашање.

Освен тоа, видливо е дека недостасуваат и посеопфатни квантитативни и квалитативни истражувања за известувањето на медиумите за оваа важна тема, која е предмет на врвен интерес на јавноста подолг период. Дел од организациите со кои контактираше ИМА посочија дека немаат попрецизни истражувања насочени кон оваа тема па затоа се воздржаа од одговори за оценување на известувањето на медиумите за уставните измени.

Можеби причина за тоа е недостатокот на средства – имено, општопознато е дека со години недостасува поддршка од државниот буџет за истражувачки проекти на научно-образовните установи. Но, прашањата поврзани со преговорите на земјава за членство во Европската унија, вклучувајќи го и прашањето на уставните измени кое влијае и на поддршката за самата ЕУ во земјава, а и на поларизацијата, засилувањето на дезинформациите и говорот на омраза, заслужува посериозен третман и од аспект на медиумските истражувања.

Можеби средства за вакви зафати повторно треба да се бараат и очекуваат од меѓународните и од фондовите на ЕУ, вклучувајќи ги оние за прекугранична соработка – бидејќи прашањето на говорот на омраза е посебно поглавје во Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, во кој двете држави се обврзуваат дека ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.

Од одговорите, исто така, се воочува согласност на експертите дека голем дел од онлајн медиумите не ги почитуваат Насоките за етичко известување, кои упатуваат на одговорност и за содржината на коментарите на читателите. Медиумите треба да ги модерираат дискусиите на нивните страници на социјалните мрежи, и да ги отстрануваат коментарите кои содржат говор на омраза, дискриминација,  повици на насилство или други кривични дела, закани други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции, без оглед дали се директно или индиректно поврзани со објавениот текст или темата што се обработува.

Иако дел од медиумите се правдаат дека немаат човечки ресурси или финансиски средства за таква операција, оправдувањето се чини дека има тенка основа, особено ако се има предвид дека во земјата има и примери на онлајн медиуми кои сепак успеваат да ги модерираат дискусиите на нивните читатели на социјалните мрежи. Ова води и до друг веројатен заклучок, дека дел од медиумите намерно користат сензационализам, провокативни наслови или кликбејтови и дозволуваат секакви коментари со цел да ја подигнат читаноста на нивните постови и веб-страници. Во иднина, треба да продолжи и работата на подигање на свесноста кај медиумите дека овие прашања само придонесуваат за намалување на довербата во нив и за бегство на публиката од медиумите што е и светски тренд, како што укажуваат истражувањата на Ројтерс институтот од Универзитетот во Оксфорд.

Во однос на говорот на омраза, медиумските организации постојано укажуваат дека за негово минимизирање и сузбивање е потребно конзистентно дејствување и координиран одговор од надлежните институции – пред сè МВР и Обвинителството. Години наназад, во земјата преовладува пракса на неказнивост на говорот на омраза. Иако се чини дека таа слика се менува во последно време, ситуацијата на терен, и во реалниот и во виртуелниот свет, вклучувајќи ја и жестоко поларизираната дебата за уставните измени, укажува на потребата од далеку поголеми институционални напори во оваа насока. Секако, во оваа насока, важна е и улогата на медиумите, кои треба да се вклучат поактивно во справувањето со овој негативен феномен и да се воздржуваат од содржини кои шират или предизвикуваат говор на омраза.

(Авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА и медиумски истражувач)

Референци:

Latest Posts

Не пропуштај