Последни написи

Европските проверувачи на факти усвоија Кодекс за професионални стандарди, Фондацијата Метаморфозис потписник од Македонија

Повеќе од 40 организации за проверка на факти ширум Европа усвоија професионален Кодекс кој ги дефинира стандардите на методологијата, етиката и транспарентноста потребни за целокупна и ефикасна борба против дезинформациите, објави агенцијата МЕТА.

„Европскиот кодекс на стандарди за независните организации за проверка на факти“, кој беше објавен денеска, е развиен преку проект кој вклучува организации за проверка на факти од повеќе од 30 земји од Европа. Овој Кодекс е резултат на повеќемесечни истражувања, анкети, дебати и дискусии меѓу европските проверувачи на факти, како и академици и други експерти од областа. Конечната верзија на Кодексот беше одобрена од 44 организации од вкупно 45 кои гласаа.

Стандардите претставени во Кодексот, кои опфаќаат прашања почнувајќи од квалитетот на изворите, па сѐ до непартиска определеност и финансиска транспарентност, мора да бидат почитувани со цел организациите за проверка на факти да станат верификувани членки на Европската мрежа за стандарди при проверката на факти (ЕФЦСН), која ќе ја организира, поддржува и претставува оваа заедница. Членството на одредена организација во оваа мрежа ќе биде знак за јавноста дека таа организација за проверка на факти работи независно и етички, но и дека посветено му служи на јавниот интерес.

Фондацијата Метаморфозис, издавач на Сервисот за проверка на факти, Вистиномер уште од 2011 година, заедно со своите европски партнери зеде активно учество во изработката на Кодексот како единствен потписник и единствен со-основач на ЕФЦСН од Северна Македонија. Метаморфозис и Вистиномер се, исто така, сертифицирани потписници на Кодексот на принципи, создаден од Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН/IFCN) од Вашингтон, основана под закрила на Поинтер Институтот, глобален лидер во новинарството.

Овој проект е дел од Повикот за интегритет на социјалните медиуми на Европската комисија и е предводен од шест европски организации фокусирани на борбата против дезинформациите: Fundación Maldita.es (Шпанија), AFP (Франција), CORRECTIV (Германија), DEMAGOG (Полска), Pagella Politica/ Facta (Италија) и EU DisinfoLab (Белгија).

Извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај