Последни написи

Контраговор, нов пристап за справување со говорот на омраза

Контраговор на говорот на омраза предлага Институтот Алан Туринг во нивниот текст Counterspeech: a better way of tackling online hate?, како нов пристап и одговор овие токсични содржини на социјалните медиуми.

Новото решение што се предлага треба да биде соодветна и поефикасна алатка за справување со говорот на омраза, кој сега се решава најчесто со отстранување на содржината како клучно оружје во борбата против говорот на омраза.

Аналитичарите во идејата на Институтот Алан Туринг за контраговор (counterspeech) препознаваат решение за несовршеноста на методологијата на отстранување на содржините со говор на омраза, бидејќи тој многу лесно мигрира и се „сели“ на алтернативни социјални платформи, кои активно (или премолчено) го толерираат говорот на омраза.

Од Институтот Алан Туринг сметаат дека дигиталниот контраговор на говорот на омраза може да биде клучна алтернатива наместо отстранувањето на таквите содржини од интернет и дека проактивно и веднаш ќе обезбеди зајакнување и одбрана на жртвите на говор на омраза преку спротивставување на ваквиот говор, односно со алтернативни гледишта, со гласови на жртвите на платформата и со создавање можности за дигитална медиумска писменост во заедницата.

Додека со блокирање или отстранување на содржините со говор на омраза се намалува количината на медиумските пакети со овој наратив, контраговорот, наместо тоа, се обидува подиректно да претстави алтернативен и неагресивен одговор, кој останува видлив.

Институтот Алан Туринг, при предлагањето на контраговорот како поефикасен пристап за справување со онлајн омразата, ги наведува резултатите од студијата на Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS) објавени во анализата Empathy-based counterspeech can reduce racist hate speech in a social media field experiment, која покажа дека контраговорот заснован на емпатија може да ги поттикне корисниците на Твитер да ги избришат сопствените расистички објави.

Пример за емпатичен контраговор на расистичка содржина, се наведува во студијата, може да биде: „Жал ми е за жртвите. Како мајка, секој вид на насилство е секогаш алармантен и вознемирувачки. Треба да се обидеме да направиме подобар свет“.

Контраговорот може да биде во форма на текст, графика или видео и нуди неколку предности, како што се заштитата на слободата на говорот, поддршката на жртвите и сигнализирањето на другите корисници на социјалните медиуми дека омразата е неприфатлива.

За да помогне во решавањето на тековниот недостаток на истражување и ресурси за дигитален контраговор на говорот на омраза, тимот за онлајн безбедност на Институтот започна нов проект, чија цел е да користи компјутерски модели со вештачка интелигенција за автоматско откривање на говорот на омраза и генерирање контраговор на англиски јазик.

Идејата на Институтот Алан Турнинг сведочи за постојаниот стремеж за пронаоѓање иновативни одговори за говорот на омраза, кој стана глобален феномен и во кој се вклучени и големите глобални комуникациски корпорации како Гугл, на пример.

Со оглед на овие предизвици, потенцијално комплементарниот одговор на онлајн говорот на омраза би можел да биде користењето на „пребанкинг“, или дигиталната „теорија за инокулација“ Џигзо-Гугл (Jigsaw Google). На аналоген начин на својот медицински имењак, теоријата за дигитална инокулација користи намерни кампањи за медиумска писменост за да ги едуцира корисниците за вообичаените дезинформации и методи на убедување, а со тоа развива здрав скептицизам и отпор кон вистинските дезинформации, со кои се среќаваат на интернет.

Сите овие иновативни пристапи од една страна зборуваат за силната општествена одговорност со која одделни институции во светот им приоѓаат на прашањата како што се говорот на омраза и дезинформациите и на справувањето со штетата од овие појави, поттикнувајќи го општиот отпор на заедницата кон ширењето на идеологијата на омраза.

Latest Posts

Не пропуштај