Последни написи

ОБСЕ-ОДИХР и ПССЕ: Претседателските избори конкурентни и добро спроведени, забелешки за законски празнини и негативната реторика

Кампањата за претседателските избори во Северна Македонија беше конкурентна и беа почитувани основните слободи, вклучувајќи ја и слободата на медиумите, но важни сегменти од претседателската трка вклучувајќи ги правилата за кампањата, пристапот до медиумите и распределбата на државното финансирање не се регулирани, што го поткопува клучниот принцип на правна сигурност, се вели во денешното соопштение на меѓународните набљудувачи.

Заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) утврди дека иако законската рамка создава основа за демократски избори, остануваат голем број празнини. Во исто време, врската помеѓу припадноста кон политичките партии од една страна и средствата за кампања и медиумските можности од друга, резултираше со предност за кандидатите коишто се поврзани со најголемите партии во парламентот.

„Ова беа конкурентни избори што се одржаа во мирна и демократска атмосфера“, истакна Џилијан Стирк, којашто ја предводеше мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР. „Сепак, за жал, беше присутна негативна реторика којашто сè повеќе се зголемуваше и ја одразуваше пошироката политичка фрагментација и етничка поделба. Во исто време, празнините во изборното законодавство и избрзаното усвојување на законските измени не успеаја да ја решат долгогодишната потреба од законски реформи. Потребна е поголема политичка волја за да се надминат овие недостатоци“.

Околу 1,8 милиони граѓани беа регистрирани за гласање на вчерашните избори. И покрај истовременото организирање на два избори, тековниот недостиг на кадар и недостигот на финансии, изборната администрација ги испочитува сите законски рокови и генерално уживаше доверба во јавноста. Набљудувачите дадоа севкупна позитивна оцена за денот на изборите и истакнаа дека процедурите за гласање во голема мера беа почитувани.

Како што се приближуваше денот на изборите, кампањата стануваше сè понегативна и на интернет и во живо, и вклучуваше лични навреди и повремени закани. Набљудувачите забележаа дека некои јавни инфраструктурни проекти беа најавени од страна на официјалните лица по одредувањето на датумот за избори, што потенцијално доведува до злоупотреба на јавните ресурси за цели на кампања.

„Претседателските избори беа добро организирани и кандидатите можеа слободно да се изразуваат во текот на кампањата, со што на гласачите им се овозможи да направат информиран избор“, истакна Алфред Хеер, којшто ја предводеше делегацијата на ПССЕ. „ Иако изборната кампања за жал беше извалкана со остра реторика, ова не влијаеше на општата атмосфера на денот на изборите, којашто остана мирна и без значителни инциденти“.

Иако неодамнешните законски измени подобрија некои делови од рамката за финансирање на кампањата, тие не успеаја да ги подобрат системските недостатоци коишто заедно со ограничените ресурси на надзорните органи и другите недостатоци значително ја ограничија ефективноста на надзорот врз финансирањето на кампањата. Беше забележан недостаток на целосна доверба во ефективноста на следењето на финансирањето на кампањата и отчетноста.

Иако Северна Македонија има разновиден медиумски пејзаж и слободата на медиумите генерално се почитува, онлајн медиумите со вести во голема мера се нерегулирани, што ја нагласува потребата од дополнителни реформи. Јавниот радиодифузен сервис ги покриваше сите претседателски кандидати во согласност со законските барања, а приватните медиуми генерално презентираа соодветни информации за претседателските кандидати. Сепак, се чини дека значителен број онлајн портали за вести беа создадени со единствена цел добивање државни средства во текот на изборните кампањи и, во некои случаи, канализирање на овие средства кон политичките партии.

Меѓународното набљудување на изборите во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија вкупно вклучи 234 набљудувачи од 33 земји, составени од 216 експерти, долгорочни и краткорочни набљудувачи од ОДИХР и 18 од ПССЕ.

Извор: OSCE

Latest Posts

Не пропуштај