Последни написи

Изборен мониторинг: Четврта прес конференција на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ – Центар за слобода, на четвртата , и последна прес конференција за изборниот ден на претседателските избори ги претставува наодите од мониторингот.

 

Мирен изборен ден и висока излезност се главните карактеристики на денешниот ден, кога македонските граѓанки и граѓани гласаа за претседател или претседателка на Северна Македонија.

Сепак, мониторингот на ЦИВИЛ бележи бројни помали нерегуларности, но и грубо кршење на изборниот круг во неколку случаи. Исто така, мониторингот на ЦИВИЛ бележи и пласирање непотврдени информации, лажни вести и националистички наративи во дел од медиумите.

Најмногу прашина се крена околу ИМ 1112/1 во Липково, за кое се проширија вести дека имало т.н. „бугарски воз“ и полнење кутии. Дел од медиумите (како што е NEWS24, кои само интерпретираа вест од ТВ Алсат), нои и ОИК и ДИК излегоа со различни информации. Од една страна се тврдеше дека на ИМ е прекинато гласањето, додека тврдењето од теренот беше дека такво нешто немало. Слично на тоа, неофицијални извори од коалицијата ВЛЕН го информираа ЦИВИЛ дека гласањето не било прекинато. Накратко, оваа ситуација остана енигма до овој момент. Шпекулациите во медиумите се појавија и поради недоволната транспарентност на сите вклучени, односно засегнати страни за тоа – што навистина се случило.

Кршењето на изборниот молк се бележи, меѓу другото, во интернет порталот „Во Центар“ каде што се појави изјава од кандидатката Силјановска Давкова околу 17 часот. Таа вест, како и изјавите од други претседателските кандидати беше под ембарго на сервисот на МИА, но се појави само изјавата од кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

Кршење на изборниот молк се бележи уште повеќе на социјалните мрежи, од партиски функционери на повеќе политички партии. Некои од пораките на социјалните мрежи беа двосмислени, но секако, според толкувањето на ЦИВИЛ за тоа што би требало да претставува изборен молк, начинот на кој дел од политичарите и нивните следбеници се однесуваа на социјалните мрежи – претставува кршење на изборниот молк. Во секој случај, изборниот молк недоволно добро е дефиниран во Изборниот законик, а не беа прифатени ниту предлозите на РГ за измени во Изборниот законик. Со други зборови, се чини дека изборен молк, всушност и немаше.

Фингерпринт апаратите не секогаш функционираа, но далеку од тоа да беше сериозна ситуација. ИО во најголем дел од тие случаи успешно ги спроведоа дополнителните постапки. Дел од избирачките места имаа поголги прекини, токму поради овие технички проблеми, а мониторингот на ЦИВИЛ бележи и два случаи во кои гласачите се откажуваат од гласање поради тоа.

Во системот на ЦИВИЛ се уште се внесуваат и се обработуваат извештаите од теренското набљудување на изборниот ден. Во претходните три прес конференции известивме за повеќе од триесет различни случаи на нерегуларности низ целата земја. Тие се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Целосен извештај од мониторингот и прелиминарна оценка на спроведувањето на Претседателските избори ќе биде објавен во текот на утрешниот ден.

На сите македонски граѓанки и граѓани им честитаме за нивната висока граѓанска одговорност што ја покажаа на денешниот ден на гласање.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај