Последни написи

Сарачини: Дезинформациите го напаѓаат евроинтеграцискиот процес и создаваат чувство на загрозеност и страв, пред се кај припадниците на македонскиот народ

На конференцијата на Цивил „#MKвоЕУ: Предизвици и перспективи“ што се одржа на 20 април 2024 во Скопје, Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА ги предочи главните наративи и напади со дезинформации врз евроинтеграцискиот процес: „Значи ние имаме постојано, последниве години особено, откако се актуелни отворањето на преговорите на земјава со ЕУ, постојани напади со дезинформации, коишто имаат цел не само да го нападнат евроинтеграцискиот процес, туку да создадат чувство на загрозеност и страв, пред се кај припадниците на најголемата етничка заедница во земјава, на македонскиот народ, дека тој процес ќе ги обезличи, ќе им го земе идентитетот, ќе им го уништи идентитетот, дека ќе го снема македонскиот јазик, македонскиот народ, итн.“

YouTube player

 

Сарачини укажа и на дезинформациските наративи дека преговорите со ЕУ не започнале, во состојба кога имаме одржана меѓувладина конференција и се одржа скрининг процес.

Сарачини предочи дека постојани дезинформации има и во однос на други прашања, особено антиродови дезинформации: „Особено се силни оние дезинформации кои што велат дека со влез во ЕУ, ние ќе ги изгубиме т.н. традиционални, семејни вредности, итн., дека ако влеземе во ЕУ ќе нема мајка и татко, туку „родител 1“ и „родител 2“, дека ако влеземе во ЕУ семејството нема да биде она што било…“.

Според Сарачини, се соочуваме со сериозни хибридни напади, и затоа се потребни конкретни политики и мерки: „Особено е важно целиот тој систем на институции, кој што треба да ја заштити земјата од странските малигни влијанија, да профункционира, и да донесе конкретни политики и мерки, не само на хартија, во форма на стратегии и акциски планови, туку тие мерки да профункционираат, бидејќи ние гледаме дека се соочуваме со сериозни хибридни напади, имавме една цела плејада на такви напади со лажните дојави за бомби во училиштата.“

Сарачини укажа и дека е важно целиот систем на институции за борба против дезинформации да функционира во практика, а не само на хартија, за да се заштитат граѓаните од заканите по нивната безбедност и сигурност: „Улога важна на институциите, е сето ова да не остане само на хартија, туку да се конкретизира преку мерки, легислативни промени, коишто ќе овозможат заштита на граѓаните од ваквите закани по нивната безбедност и сигурност.“

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај