Последни написи

(ВИДЕО) „Полиграф“: Некритичкото пренесување на изјави од руски пропагандисти ја дезинформира публиката

Пораките на руските пропагандисти со дезинформации и теории на заговор честопати се шират некритички во сензационалистички наслови на порталите.

На 22 и 23 јануари 2024, неколку портали во наслов го пренесоа сензационалистичкото предвидување на главната уредничка на РT, Маргарита Симонјан, дека „Трета светска војна ќе почне, но не во Украина“.

Написите практично пренесоа содржина од твит на истражувачката новинарка  Џулија Дејвис од „Daily Beast“, која сподели видео од Јутјуб каналот „Russian Media Monitor“ со наслов „Владимир Соловјов тврди дека НАТО ја нападнал Русија“.

Меѓутоа, порталите не информираат во кој контекст се објавени видеото и твитот на Дејвис, туку некритички ги пренесуваат пораките на руските пропагандисти. Имено, видеото е објавено како дел од проект за медиумска писменост со кој се разоткрива руската пропаганда, а самата Дејвис е и на листата на санкции на Руската федерација. Извадено од овој контекст, сензационалистичкото ширење на пропагандното предвидување на Симонјан, кое не се базира на факти и не може да се провери, е практично ширење на руска пропаганда.

Исто така, порталите во нивните текстови некритички ја пренесоа и пораката на рускиот пропагандист Владимир Соловјов дека „сатанското НАТО ја започна војната кога ја нападна Русија“. Во видеото што го сподели Дејвис, Соловјов тврди: „Ние не војуваме со Украина, туку со армијата на сатаната, и НАТО се апсолутно сатанисти, тие се едноставно апсолутно сатанисти“ и дека НАТО ја нападнал Русија.

Но, НАТО не ја нападна Русија, туку Русија е таа што изврши воена агресија врз Украина во 2022 година, осудена со резолуција на Генералното собрание на ОН од 2 март 2022, за која гласаа 141 земја. Русија претходно го окупираше и илегално го анектираше украински Крим во 2014 година, акт осуден со повеќе резолуции на Генералното собрание на ОН.

Руските дезинформациски наративи за „сатанското НАТО“, „сатанскиот Запад“ и за „десатанизација“ на Украина се дел од пропагандната техника наречена демонизација, со која непријателот се дехуманизира и се оцрнува како демон, или како ѓаволот – сатаната. А етичка должност на новинарите е да не шират ваква пропаганда, туку да ги разобличуваат ваквите пропагандни наративи како дезинформации.

Latest Posts

Не пропуштај