Последни написи

Полиграф: Кој дезинформира за бројот на пратеници Македонци и Албанци во Собранието?

Лидерот на партијата „Интегра“, Љупчо Ристовски, во медиумски настапи изнесе неточни тврдења дека во Собранието има 100 пратеници Македонци и 20 пратеници Албанци. Еве што изјави тој на 28.02.2023 во емисијата „Само вистина“„Сто пратеници се Македонци, дваесет се од албанската етничка заедница, плус минус, еве да речеме, статистичка грешка…“

Ристовски ги изнесе овие неточни тврдења и на 01.02.2023 во гостување во емисијата „Тешки муабети“ на „Инфомакс“: „Еве, претпоставено, сто Македонци во парламентот не можат да, едноставно, најдат начин како да се справат со дваесет Албанци во македонскиот парламент.“

Но, јавните податоци од Собранието ги побиваат овие тврдења. На пример, во Резултатите од гласање на Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка, кој се гласаше со „двојно или т.н. Бадентерово мнозинство“ на 15.11.2022, може да се види дека се регистрирани 41 „пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство“. Од нив, 31 се изјасниле како Албанци, што може да се утврди од нивните биографии.

Ако во Собранието има 120 пратеници, а за гласање со двојно мнозинство на 15.11.2022 биле регистрирани 41 „пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство“, тогаш, тврдењето на Ристовски дека „Сто пратеници се Македонци“ нема никаква фактичка поткрепа.

Ваквите невистинити тврдења на Ристовски не спаѓаат во доменот на „статистичка грешка“, и затоа ги оценуваме како дезинформации кои може да влијаат на нарушување на меѓуетничките односи во земјава.

Latest Posts

Не пропуштај