More

    Реакција на ААВМУ за начинот на информирање за неодамнешните трагедии во Србија

    Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) информираше дека имајќи ги предвид неодамнешните случувања во Србија, како и претставките кои граѓаните ги упатиле за начинот на информирање, ги повикува сите медиуми при известувањето за трагични настани да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности.

    Ова, велат од ААВМУ, особено се однесува на информирањето за настани во кои се вклучени малолетни лица кои се сторители или жртви на кривични дела.

    „Вестите и информативните програми не треба да се темелат на сензационализам туку треба да содржат проверени информации. Вклучувањето описи, сцени и/или глетки на насилство или друг материјал којшто може да го загрози физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите, мора да биде засновано на одговорна уредничка проценка за неопходноста на нивно прикажување. Професионалната одговорност подразбира и дека жртвите на насилство треба да се третираат со максимална почит и да се води сметка за заштита на приватноста, човековото достоинство, како и личната болка и жалост на жртвите“, велат од ААВМУ.

    Од Агенцијата додаваат дека, покрај медиумите, и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи треба да покажат максимална општествена одговорност при реемитување сервиси кои содржат програми со насилство, вулгарен говор и други непримерни содржини оти влијаат лошо врз малолетниците и можат да ја вознемират јавноста со таквите содржини.

    „Тоа значи дека треба да бидат особено внимателни при одлучувањето какви сервиси ќе реемитуваат и да применуваат најстроги технички мерки за родителска контрола“, се вели во соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version