More

    (ВИДЕО) Салдања: За да се победат дезинформациите, потребна е едуцирана публика која не е цинична, туку скептична

    Постои поплава од дезинформации, а начинот на кој може да се поразат е да се едуцира публиката и да се направи да не биде цинична, туку скептична, вели Дејв Салдања, американски новинар и продуцент, добитник на Еми награди за новинарство.

    Во интервју за Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Салдања, кој работел во познати американски и меѓународни медиуми повеќе од 30 години и е експерт за справување со дезинформации, зборува за некои од начините за поефикасна борба против дезинформациите.

    „Знаете, сите наидуваме на тоа, на Фејсбук, на Инстаграм, кога разговаравме со нашите семејства и, знаете, дека сите го имаат оној вујко кој верува во се што ќе прочита на интернет. Мојата лична стратегија со тоа е да прашам: Зошто веруваш во тоа? Дали има смисла? Кој е изворот за тоа? Од каде доаѓа? Ако верувате во приказна што постои на една веб-страница, зошто останатите медиуми ја игнорираат, нели? Барем би се огласиле за да кажат дека е лажно, нели?“, вели Салдања.

    Тој посочува дека постои одреден дел од нашите општества кој верува дека постои голем заговор.

    „Можам да ви кажам, бидејќи сум работел во редакции насекаде низ САД, големи редакции, мали редакции, национални редакции, меѓународни редакции – нема заговор. Новинарите стриктно се обидуваат да ви раскажат сторија. Секако, постојат начини на кои вестите се искривуваат, врз основа на многу различни интереси. Но, крајниот заклучок е дека тие се обидуваат да ви ја кажат вистината. Сега, ако вашата ‘медиумска диета’ ви кажува нешто што нема да го најдете никаде на друго место, тоа е причина да бидете скептични, но не е причина да верувате дека ја знаете вистината”, смета Салдања.

    Според него, дезинформаторите се потпираат на фактот дека живееме во комплициран, збунувачки свет, а луѓето бараат едноставни одговори.

    „Тие бараат работи што ги објаснуваат работите што ги збунуваат, во наједноставни форми. Кратките пораки, таканаречени „налепници на браникот (bumper stickers)“, се многу популарна форма на комуникација, но тие не се добар начин да се разбере политиката. И, тие едноставни објаснувања што ги наоѓате во дезинформациите, знаете, „тие сакаат да ве фатат“, “вие ја знаете вистината“, „вие сте еден од паметните што разбираат“ – тоа се уверувања што ги користат дезинформаторите за да ја направат својата порака поефикасна“, посочува Салдања.

    Тој вели дека е тешко е да се допре до луѓе кои сметаат дека „знаат“, затоа што тие се држат цврсто до нивните политички или општествени сојузништва, што ги прави да се чувствуваат како важен инсајдер.

    „Тешко е да се допре до нив. Но, на крајот на краиштата, луѓето кои се некако на средина, оние кои ги слушаат вестите со половина уво – тоа се луѓето на кои сè уште може да се влијае. И, тоа се луѓето кои треба да ги потсетиме да бидат скептични, нели? Не е точно сè што читате на Интернет, не е веродостојно сè што постојано се кажува, едноставно затоа што се повторува“, укажува Салдања.

    Салдања порачува дека мораме да ја едуцираме публиката, почнувајќи од децата.

    „Моето дете има два iPad и еден iPhone, а само што наполни 9 години. Така, тој веќе поминува многу време на интернет. И морам, како родител, моја работа е да му помогнам на некој начин да навигира низ сето тоа. И, тоа е нешто што како општество треба да го направиме, од горе надолу, не само децата и возрасните. Треба да научиме да читаме критички, да гледаме критички. И мислам дека тоа е дури и пред да влезете во светот на дип-фејковите, со кои сега навистина не можете да им верувате ни на вашите очи. Како ќе се бориме со тоа, немам идеја, но дефинитивно е важна задача, која како општество треба да ја адресираме. Мора да изградиме критичко размислување, здрав скептицизам, но да не дозволиме тоа да се претвори во цинизам, каде што луѓето креваат раце и велат: сите лажат, никому не можам да верувам, ќе се исклучам комплетно. Треба да имаме интелигентно ангажирано општество за да функционираат нашите демократии“, истакна Салдања во интевјуто за ИМА.

    Петрит Сарачини

    Exit mobile version