More

    Партиски порази за државни победи!

    • Дали СДСМ ги изгуби изборите поради нереформирањето на системот и невоспоставувањето на правна држава или поради етничкиот фактор?
    • Колку ja чинеа, во смисла на партиски рејтинг, чекорите кои државата ја водеа напред и ги подобрија меѓуетничките односи?
    • Како се одразија крупните чекори кои го подобруваа статусот на Албанците врз рејтингот на СДСМ?

    СЕФЕР ТАХИРИ

    ЦИВИЛ МЕДИА

    По длабокиот пораз на СДСМ и нејзините сателити од коалицијата, кои повеќе ѝ правеа штета отколку што ѝ помагаа, гледам и се чудам како одеднаш излегоа „паметњаковци“ кои солат памет како требало да биде, кои се грешките или, пак, која стратегија требало да се следи за да се дојде до подобар резултат!

    И очекувано, типично балкански, дел од нив, кои дојдоа на високи позиции, членови на управни одбори, добија хонорари за „советодавни услуги“ – молчат! Веројатно очекуваат ангажмани од новата власт! „Мало сутра“ би рекол Заев!

    И пред изборните резултати, сум истакнувал дека фактот што главната парола или слоган со кој СДСМ дојде на власт „Нема правда, нема мир“ останува „мртво слово“ на хартија ќе ѝ се одмаздува од искрените гласачи. И тоа се случи! Мир има, правда нула.

    Проектот на „Шарената револуција“ беше детронизиран одвнатре во системот и тоа значеше губење на надежта за подобро утре, за посветла иднина, за правна и демократска држава. Критиките околу оваа тема држат, без разлика од кого доаѓаат. Сегашната власт вешто и максимално поентираше на делот на невоспоставување на правниот поредок, кој ќе работеше поефикасно и по принципот на казнивост на тешките кривични дела, а не на неказнивост како што се случи. За жал!

    Но треба да се земат предвид и неколку историски факти, кои на „државотворната“ партија ѝ донесоа историски изборен пораз.

    Во 1993 година, социјалдемократите и Глигоров го прифатија договорот за привремената референца ПЈРМ – Поранешна Југословенска Република Македонија.

    Во 2001 година, по конфликтот, во македонскиот политички блок беше партијата која се залагаше за мировниот процес и една од главните придонесувачи за постигнување на Охридскиот договор. Етнонационалистите ја прогласуваа за партија која е попустлива кон Албанците, а екстремистите за предавничка.

    Истиот наратив се употреби и во 2004 година, кога се случи официјализирањето на Тетовскиот универзитет кој, патем, поранешни челници на оваа партија го нарекува „мртвородено бебе“. Истата година, партијата под водство на Владо Бучковски свесно и жртвувајќи го рејтингот на партијата, го спроведуваа проектот за новата територијална организација, со која Струга и Кичево станаа албански општини.

    По враќањето на власт во 2017 година, за прв пат во историјата беше избран пратеник Албанец за претседател на Собранието, а беше изгласан Закон за употреба на јазиците. Освен него, Заев се обиде да го операционализира концептот „Едно општество за сите“. Не само вмровците, туку и дел од „интелектуалната елита“ (етноцентричната) веќе наголемо ја прогласуваа за предавничка партија. Себеси се прогласија за патриоти!

    Под ваков политичко пропагандистички оркестриран притисок, проследен со медиумски патриотски коментари и анализи, но и интелектуални мудрувања, се потпиша Договорот со Грција. Северна Македонија е новото име, а противниците сè уште не можат да се помират со тој факт. Исто е и со договорот за добрососедски односи со Бугарија и прифаќањето на „францускиот предлог“. Храбри чекори за општеството, кои ја ставаа во поразителна позиција.

    Капак беше почетокот на изградбата на Коридорот 8 и избирањето на Талат Џафери за премиер Албанец! После ова, некритичката и популистичка јавност извика хорски: „Албанците ни ја зедоа државата!“

    И така, ден по ден, државата имаше порелаксирани интеретнички односи, се стабилизираше внатре, се зголемуваа шансите за нејзина интеграција во ЕУ, а се намалуваше рејтингот на СДСМ.

    Ова не значи дека во иднина, оваа партија не треба да преземе крупни чекори за развојот на државата. Добрите македонско-албански односи се темелот на државата!

    Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор. 

    Извор: ЦивилМедиа

    Exit mobile version