More

    Гоцевски: Со Преспанскиот договор, Македонија за прв пат е регистрирана како независна, суверена држава, според сите правила и принципи на ООН

    Во интервју на Слободен печат ТВ, гостин беше проф.д-р Трајан Гоцевски, член на Советот за безбедност. Повод беше неговата нова книга насловена „Глобализација, геополитика, одбрана“. На прашањето – дали се исплатеше  жртвата на државата со името Северна за влезот во НАТО, Гоцевски потврдува.

    „Се исплатеше. Тоа една од поголемите гаранции, кои ги стекна Македонија со тој договор, во смисла на нејзиното безбедносно стабилизирање, во смисла на нејзиното меѓународно етаблирање, но и во делот на  интеграциските процеси кои што настанаа и ние станавме дел од таа евроатлантска безбедносна зона. Така и нашето небо е заштитено од НАТО, членот 5 од Вашингтонскиот договор, значи било какво посегање по Македонија, значи посегање по НАТО и вклучување на сите 32 членки, а тоа е голем залак,“ посочи Гоцевски.

    Според него, сликата за Преспанскиот договор не е објаснета убаво и во тој контекст тој се осврна на неколку клучни работи.

    „Всушност тоа е спогодба и во спогодба сите страни по нешто губат. Македонија што доби, со потпишувањето на спогодбата. Македонија за прв пат е регистрирана како независна, суверена држава според, според сите правила и принципи на ООН. Се избриша тоа Поранешна југословенска република кое што асоцираше на тоа дека сме некаква поранешна територија на држава која што не постои. Ние пред тоа имавме привремена регистрација во ООН,“ рече Гоцевски.

    Како други клучни работи, кои државата ги доби со потпишувањето на спогодбата, Гоцевски посочи дека Македонија за прв пат добила и меѓународно признати државни граници. Потоа дека Македонија е етаблирана како независна и суверена држава со потврдна државност. И во однос на идентитетските прашања, дека тие се заштитени, но посочи и дека идентитетот ако самите ние не си го браниме, јазикот, културата, традициите, не може тоа никој тоа за нас да го направи.

    Exit mobile version