More

    Реакции за свечената изјава на Сиљановска – Давкова: Ќе се влошат ли односите со Грција?

    На денешната 151-ва седница на Собранието на Р. Северна Македонија,  Гордана Сиљановска – Давкова даде свечена изјава и ја презеде и официјално должноста претседател на државата. При давањето на заклетвата, таа ја избегна употребата на официјалното име на државата, користејќи ја само именката „Македонија“.

    По оваа постапка на новоизбраната претседателка, како што известија медиумите, амбасадорката на Грција во земјава, Софиа Филипиду, која беше поканета на инаугурацијата, замина од собраниската сала во знак на протест.

    Веднаш потоа следуваше и реакција на грчкото МНР. „Билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за инаугурацијата на Гордана Силјановска Давкова и употребата на името „Македонија“ и посочија дека оваа постапка претставува прекршување и на договорот и на Уставот“, јави дописничката на МИА од Атина.

    Осуда за постапката на Сиљановска – Давкова за време на свечената изјава стигна и од ДУИ.  „Изразуваме жалење за говорот на претседателката на државата, г-ѓата Гордана Сиљановска -Давкова, го згази Уставот уште на прва реченица не спомнувајќи ниту република, а камоли Република Северна Македонија, со сите импликации што ги има тоа“, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми по инаугурацијата, оценувајќи дека Сиљановска со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

    Со реакција се огласи и актуелниот министер за правда, Кренар Лога. „Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска“, напиша тој на неговата Фејсбук страница. Според Лога, треба да следува „или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на собрание), како В.Д“.

    Постапката на Сиљановска – Давкова се анализира и во колумната на поранешниот министер за внатрешни работи, проф. Денко Малески, кој смета дека „во моментот кога повторувајќи ги зборовите на заклетвата кажани од претседателот на Собранието одби да го употреби новото уставно име на државата, таа, така да се изразам, и објави војна на Грција“.  Според Малески, следи грчка реакција која, како и секогаш, најдиректно граѓаните ќе ја почувствуваат на граничните премини, а владата во влошените меѓудржавни односи со Грција.

    Р.С

    Exit mobile version