More

    Утре во Скопје започнува најголемата досега организирана конференција на НАТО посветена на дезинформациите

    Република Северна Македонија и главниот град Скопје, Министерството за одбрана и Армијата почнувајќи од утре ќе бидат домаќини на најголемата конференција за комуникатори на НАТО.

    Оваа конференција, како што информира денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на едно место ќе собере над 300 учесници од земјите членки на НАТО и партнерите кои ќе разговараат на теми поврзани со стратегиските комуникации, односите со јавност, информациските и психолошките операции.

    „Ќе биде отворена интелектуална, политичка и стратегиска дебата од која треба да произлезат идеи и практични решенија за отворените прашања од областа на стратегиските комуникации како алатка на лидерите како поддршка во напорите на Алијансата за одбрана и одвраќање на сите потенцијални безбедносни предизвици во НАТО земјите членки“, истакна Петровска во изјава по брифингот со новинарите во Министерството за одбрана, јави МИА, пренесува Цивилмедиа.

    На оваа конференија, како што додаде министерката, ќе се разговара за систематско и континуирано справување со дезинформациите кои се обидуваат да го поткопаат системот и да внесат страв кај граѓаните.

    Во таа борба НАТО комуникаторите ја имаат главната улога во пренесувањето на пораката на НАТО и справувањето со лажните вести, нагласи Петровска, и дополни дека ќе се водат важни разговори за иднината на Алијансата и за зајакнување на взаемната доверба за реализацијата на заедничките цели за стабилен просперитетен, безбеден евроатлантски простор.

    Директорот на комуникации во Сојузничката команда за операции во НАТО Џеј Џанзен се надоврза дека станува збор за конференција на која ќе има претставници од 30 земји членки сојузници кои се тука да го демонстрираат единството и кохезијата на земјите членки на НАТО во Северна Македонија.

    „Ние во НАТО знаеме и сакаме да комуницираме преку споделување пораки. Нашите проаки се навистина важни. Една од работите на која сакаме да се фокусираме е и војната во Украина, војна во која имаме еден агресор, во кој едно од оружјата кои се користат се и дезинформациите. Во рамки на нашите комуникации забележуваме дека комуникацијата се користи како оружје не само во Украина, туку и во нашите земји членки со користење на лажни информации и дезинформации кои се споделуваат на нашата територија“, додаде Џанзен.

    Exit mobile version