More

    Пендаровски одлучи да ги потпише измените на петте закони за коридорите 8 и 10д

    Претседателот на државата, Стево Пендаровски, одлучил да ги потпише указите за прогласување на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

    Тој на прес-конференција рече дека секоја заинтерсирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој од овие закони, вклучувајќи го и оној за измени и дополнувања на Законот за работни односи за кој реагираа дел од синдикатите, граѓанските здруженија и некои политички партии.

    „Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи сакам да ја информиран јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од уставниот суд која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминатиот месец дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон која содржи одредба што претходно е оспорена од Уставен суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела“, рече Пендаровски.

    Тој додаде дека Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите и има на располагање механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така смета.

    Собранието во петокот ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола).

    Законите беа донесени по скратена постапка, откако Владата ги означи со европско знаменце и ги достави до Собранието.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version