More

    МЗШВ: Исплатени рекордни 26 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година

    „Рекордни 26 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година денеска се исплатени на сметките до 15.753 производители на тутун.

    За нас зборот е збор. Ветивме дека во месец април ќе биде реализирана исплатата и еве денес тутунарите своите заслужени средства може да ги очекуваат на своите сметки.

    Ова е историска и рекордна исплата!

    Висината на директните плаќања изнесуваат 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун , 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа произведен и предаден тутун од реколта 2022 година.

    Минатата година испишавме историја и по цена и по количина и по период на откуп. За прв пат тутунот достигна рекордна откупна цена од 290 денари по килограм, што е зголемување за 44% во споредба со реколтата од 2021 година.

    Сведоци сме сите дека како никогаш до сега имавме година во која откупот помина без ниту еден проблем, а целокупното производство од реколтата 2022 беше откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок.

    Имавме година со добар квалитет на тутунот што допринесе дури 80% од тутунот да биде откупен во прва класа, што претставува уште еден историски успех за производителите на тутун.

    Вкупната вредност на откупениот тутун во 2022 година достигна 6 милијарди денари и во целост е исплатен од страна на откупните претпријатија.

    Тутунот во реколтата 2022 година е засаден на површина од 13.237 хектари, што претставува зголемување на површините за 11%, односно нови 1.453 хектари. Тоа допринесе и за зголемување на договорното производство на тутун за околу 8%, односно нови 1.780 договори или вкупно 29.429 склучени договори за 2022 година.

    Преку денешната исплата на субвенциите за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година ја заокружуваме успешната година.

    Сите овие податоци говорат дека политките и мерките кои министерството заедно со земјоделците ги креира даваат резултат. Дека земјоделците не се откажуваат, туку уште повеќе вложуваат во земјоделието.

    Сакам да упатам благодарност до сите тутунопроизводители и до откупувачите, кои уште еднаш докажаа дека договорното производство е успешниот модел за соработка.

    Како министерство сме подготвени и оваа 2023 година повторно преку заеднички дијалог и соработка да постигнеме уште подобри резултати“.

    Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

    Извор: agrotim.mk

    Exit mobile version