Последни написи

Започнува акцијата за спас на Преспанското езеро и на регионот што во 2022 година ја договорија Северна Македонија, Албанија и Грција

Екипа на Рацин.мк и на Трн.мк деновиве беше во Преспа за да ја регистрира состојбата во преспанскиот регион кој го опфаќа езерото, крајбрежните населби и инфраструктура, како и природните и културните обележја на овој крај во пресрет на лансирањето на големиот проект „ЕУ за Преспа“ (EU For Prespa) на 12 јули. Од проектот се очекува еколошката катастрофа што го зафати регионот и Преспанското Езеро, да се претвори во успешна приказна со која ќе се реставрира природниот капитал и ќе се врати оштетениот екосистем во согласност со стандардите на ЕУ.

Пишува: Александра ТОДОРОВИЌ

Мерките кои се предвидени да се реализираат со „Еу за Преспа“ се однесуваат на ревитализација на  загадената вода и почвата, на заштита на загрозените видови флора и фауна и на поттикнување на одржливоста на локалните економски и земјоделски практики со кои Преспа повторно ќе биде здрава животна средина и атрактивна и одржлива туристичка дестинација.

Каде заминува Преспанското езеро?

Преспанското Езеро, некогаш бисерот на Балканот, денес е симбол на едно од најголемите еколошки катастрофи во регионот. Во последните две децении, ова прекрасно езеро бележи драматично повлекување на водата, предизвикувајќи загриженост и разочарување меѓу локалното население. Нивото на водата се намалува со загрижувачка брзина, оставјќи зад себе сува земја, трски и празни плажи. Но, зошто и каде исчезнува водата на Преспанското Езеро? Ова прашање отвора низа мистерии и предизвици кои бараат итни одговори и акции. Преку истражување на природните и човечките фактори што го водат овој процес, оваа статија се обидува да фрли светлина на овој важен еколошки и социјален проблем.

Во срцето на Балканот, Преспанското Езеро некогаш блескаше како скапоцен камен. Годините помеѓу 1990 и 2000  се паметат како златни години. Тогаш, плажите беа полни со посетители, водата беше кристално чиста, а околните одморалишта беа во полн ек. Одморалиштето на Тутунски комбинат, Шеќерана Битола, хотел Преспа, пензионерското и уште многу други живееја, носејќи радост и живот во овој регион.

Почетокот на проблемите

Но, во 2007 година, сликата почна да се менува. Езерото започна драстично да се повлекува, оставајќи зад себе пуст песок и трска. Досега се има повлечено повлече повеќе од 3 километри,  носејќи со себе и дел од убавините и спомените на Преспа. Војската беше донесена да помогне, да исчисти и донесе песок, но напорите беа залудни. Преспанското Езеро продолжи да се повлекува, како да губи битка против невидлив непријател.

Мистериозното езеро

Преспанското Езеро секогаш било непредвидливо. Знаеше да надојде без најава, да донесе радост и изненадување. Но, со сегашното повлекување, останува само чудо и тага. Единствената природна плажа во Сливница сè уште пречекува капачи, но останатите места се оставени на милоста на природата. Трската што расте на некогашните плажи е знак на запустеност и заборав.

Изгубените спомени

Сега, во времиња кога технологијата и науката се напредни, мистеријата на Преспанското Езеро останува нерешена. Стари монети и градби, откриени во езерото, сведочат за богатото минато на овој регион. Селото Асамати и црквата во Грамада се само дел од приказната за Преспа, приказна за народ што се селел три пати поради надојдувањето на водата.

Современи предизвици

Современите предизвици за Преспанското Езеро се многубројни. Недостигот на осветлување, запуштените плажи и опаѓачкиот број на туристи се само дел од проблемите. Хотелите и одморалиштата се борат за опстанок, а општината сè уште нема донесено детален урбанистички план. За да се привлечат туристи, потребни се континуирани настани и активности кои ќе го оживеат регионот.

Очекувања од заедничката акција на Северна Македонија, Албанија и Грција со поддршка на ЕУ

Целта на севкупната акција „ЕУ за Преспа“ е да се промовира Зелената агенда за Западен Балкан во прекуграничната област на Преспанското Езеро во согласност со политиките на ЕУ дека „нема оставени луѓе и региони“.

Проектот „ЕУ за Преспа“, со својот целосен назив „Враќање на природните ресурси и зајакнување на одржливото земјоделство и туризам“, започнува со својата практична реализација две години откако во 2022 година министрите за животна средина на Северна Македонија, Грција и Албанија, одржаа состанок со кој се договорија да започне реализацијата на иницијативата којашто започна уште во 2010 година кога со Европската Унија беше поптишан Договорот за заштита и одржлив развој на подрачјето на Паркот Преспа.

На 27 јули 2022 година состанок одржа Комитетот за прекугранично управување со Преспа Парк и Работната група за управување со водите, откако Грција го потпиша договорот од 2010 година, како резултат на решението за името на нашата земја со Преспанскиот договор од 2018 година.

Со проектот „ЕУ за Преспа“ вреден 18 милиони евра, договорено е да воспостави единствена методологија за испитување на квалитетот на водите за да може да се најдат најсоодветни решенија за заштита на Преспанското езеро и живиот свет поврзан со него, кој е еден од најбогатите во светот, како и да се поттикне значајна промена во практиките и однесувањето кај креаторите на политики на локално ниво, земјоделците, приватниот сектор, ГО и граѓаните во однос на управувањето и одржливото користење на природните ресурси во регионот на Преспа што ќе резултира со подобрен квалитет на живот и ќе придонесе за економски развој преку „зелени“ политики за раст.

Инвестициијата од 18 милиони евра на ЕУ има за цел да придонесе за зачувување на природниот капитал и за враќање на оштетениот екосистем на големото Преспанското Езеро во добар еколошки статус, во согласност со стандардите на ЕУ. Мерките ќе се однесуваат на загадувањето на водата и почвата, ќе ги заштитат загрозените видови и ќе ја поттикнат одржливоста на локалните економски и земјоделски практики. Земјоделците, домаќинствата и малите бизниси ќе бидат поддржани да применуваат добри земјоделски практики без да користата пестициди и други штетни материи и средства, да создадат мали ланци на вредност и да инвестираат во одржливи туристички услуги и производи, соодветно. Проектот, исто така, ќе ја зајакне прекуграничната соработка преку поддршка на создавањето нова визија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро.

Проектот ќе се фокусира на четири важни области на поддршка и тоа во заштита на биодиверзитетот,  во борбата против загадувањето на водата и почвата, во одржливи деловни и прехранбени системи во руралните области и во поттик и развој на прекугранична соработка.

Од очекуваните резултати вреди да се напоменат решенијата за предизвиците поврзани со земјоделството и туризмот за да имаат позитивно влијание врз вредните природни ресурси на регионот, особено на Преспанското Езеро преку намаленото истекување штетните води од земјоделството и подобрените капацитетите на земјоделците, на правните и на физичките лица активни во туризмот и локалната самоуправа на општина Ресен.

Трите држави што го делат езерото – Северна Македонија, Албанија и Грција – тргнаа заеднички да го решаваат проблемот. Првата мерка за редовен мониторинг на нивото на езерото и изработка на прецизни мапи е веќе спроведена. Враќањето на врската меѓу малото и големото Преспанско Езеро останува како клучно, како и контролата на водотоците и ограничувањето на наводнувањето на јаболковите насади се други важни чекори.

Преспа: Потенцијал за туризам и развој

Преспанското Езеро сега се соочува со сериозни еколошки и економски предизвици, но природните убавини и културното богатство што го опкружуваат езерото претставуваат огромен потенцијал за развој на туризмот и заживување на регионот.

Сместени покрај крајбрежјето на Преспанското Езеро, бројни села и населби го красат овој регион со својата автентичност и природни убавини. Токму тие се клучните точки на кои треба да се фокусира маркетинг стратегијата за развој на туризмот.

Природни и Културни Убавини

Љубојно, Брајчино и Долно Дупени – Села богати со извори на вода, зелена шума и планински врвови. Тие се совршени за авантуристички туризам, планинарење и екотуризам. Шестчасовната прошетка до Големото Езеро во Националниот Парк Пелистер е голема атракција.

Сливница

Сливница – Туристичка населба со една од најубавите плажи во регионот. Плажата е долга околу 400 метри, со ситен песок и опремена со лежалки и хавајски чадори. Манастирот Св. Богородица, изграден во 17 век, нуди дополнителна културна димензија.

Курбиново – Село познато по манастирот Св. Ѓорѓи со фреска од Архангел Гаврил, која се наоѓа на банкнотата од 50 денари. Фреските од 1191 година претставуваат бисери на средновековното сликарство.

Асамати – Пристап до орнитолошкиот резерват Езерани, дом на 115 ендемски видови птици. Оваа област е под заштита на разни интернационални организации и е идеална за развој на еко и научен туризам.

Подмочани – Село каде може да се посети етнолошкиот музеј со над 3000 вредни експонати и преку 200 различни македонски национални носии.

Поглед на островот Голем град

Голем Град – Единствениот остров во Македонија, познат и како Островот на змиите, е природен феномен и вистинска ризница на природата. Со бујна вегетација и јата од стотици корморани, островот е идеален за развој на еколошки туризам.

Езерани – Резерватот се простира на 2.080 хектари на северниот брег на Преспанското Езеро, во близина на истоименото село. Овој природен резерват е најстар, прогласен за таков уште на 29 јули 1996 година. Самиот резерват претходно бил прогласен за рамсарско место.

Брендирањето на Преспа како еко-дестинација вклучува промовирање на природните резервати, авантуристичките активности и еко-туризмот преку организирање тури за набљудување на птици и планинарски тури до Големото Езеро. Во делот на културно-историскиот туризам, фокусот е на рекламирање на манастирите и музеите како културни бисери на Преспа и организирање културни настани и фестивали за привлекување туристи. Автентичните локални искуства ќе се промовираат преку локалната кујна и специјалитетите од крап, како и организирање работилници за традиционални занаети и културни активности. За инфраструктурен развој и поддршка, ќе се обезбеди осветлување, подобрување на патната инфраструктура и развој на туристички капацитети, со поддршка за локалното население во развојот на сместувачки капацитети и туристички услуги.

Преспанското Езеро и околните населби имаат огромен потенцијал за развој на туризмот. Со добро осмислени маркетинг кампањи и соработка меѓу локалните власти, научниците и туристичките оператори, овој регион може повторно да заживее и да стане привлечна туристичка дестинација. Преспа може да понуди нешто за секого – од природни убавини и културно наследство до автентични локални искуства. Време е да се искористат овие ресурси и да се врати сјајот на ова уникатно езеро.

Извор: Рацин.мк

Latest Posts

Не пропуштај