Последни написи

СДСМ, внатрепартиски: Аврамовска Мандиќ констатира недвосмислена волја на членовите; за Петровска СДСМ е заробена партија; Филипче вети силна опозиција

Изборно СДСМ

Со освоени 8.474 гласови, од вкупно 12.608 членови на партијата што гласале, Венко Филипче стана новиот претседател на СДСМ.

Заедништво, другарство, почит и отворена комуникација со сите, вети Филипче, како и обединување наспроти личните интереси.

„СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, рече Филипче во вчерашното обраќање по победата на внатрепартиските избори.

Филипче вети напредна, демократска и модерна партија која ќе биде силна опозиција кон лошите политики на власта, на што честитки дојдоа и од новиот премиер Христијан Мицкоски.

Сепак, сопартијците –кандидати за лидери на партијата, не беа докрај задоволни ниту од начинот на водење на кампањата, ниту од резултатите и текот на внатрепартиските избори.

„Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“, вели Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана, која ја повлече својата кандидатура сметајќи го целиот процес за фијаско.

„Новиот претседател е избран со 11% од вкупниот број на членови на СДСМ, од 83.000 членови, ЗА гласале само 9.000. Денес на многу членови на СДСМ не им беше овозможено да гласаат затоа што ги немаше на избирачкиот список, иако уредно се регистрирале. Згора на се, Централната изборна комисија заборави дека јас ја повлеков кандидатурата, па ги броеле и тие гласови, многу професионално, зарем не. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес“, изјави вчера Петровска.

Петровска си ја повлече кандидатурата, но освои 172 гласа.

„Централната изборна комисија и партиските органи мора да обезбедат одговор на две клучни прашања:  Како ни се случи над 10.000 наши членови кои се регистрирале за гласање односно изразиле инцијатива да учествуваат во изборниот процесот не можеа односно не го остварија своето право на глас денеска и Како ни се случи на голем број на наши членови кои беа уредно регистрирани и дојдоа на избирачките места да не им е овозможено правото на глас?“, реагираше Јован Деспотовски, уште актуелен директор на ТИРЗ кој на внатрепартиските избори вчера  освои 2.291 гласа.

Идеологијата, организациската поставеност на партијата, општественото делување на социјалдемократскиот сојуз, коалициониот капацитет и меѓународната соработка, кои беа клучни за Александар Бајдевски, како кандидат за лидер на СДСМ освоија само 868.

СДСМ има 83.000 челнови, за внатрепартиските избори се пријавиле да гласаат 23.000, а вкупната излезност беше 12.608 членови.

Постизборно СДСМ

До Централната изборна комисија пристигнал само еден приговор, а прегласување нема да има, иако се обработени 95% од гласовите.

„Волјата на членовите на СДСМ е јасно и недвосмислено изразена. Како Централна изборна комисија констатиравме дека имаме кредибилен и демократски процес за избор на претседател на СДСМ. Гласањето и целиот процес се одвиваа непречено и мирно, во фер и демократска атмосфера“, е заклучокот на Комисијата што денеска на прес-конференција го соопшти Викторија Аврамовска Мадиќ, претседателката на Централната изборна комисија.

„Одзивот и излезноста на членовите, претседател на партијата е избран и нема потреба од втор круг затоа што согласно Правилникот и Статутот на СДСМ оној кандидат којшто освоил над 50% од гласовите на излезените членови“, додаде Мандиќ.

Б. Ј.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај