Последни написи

Европската комисија започнува мониторинг на подготовките за Скопје – Европска престолнина на културата 2028

Европската комисија, преку одделот на Култура на градови и региони, од септември ќе го започне мониторингот на подготовките за реализацијата на престижната титула Европска престолнина на културата (ЕПК) што градот Скопје ја доби минатата година.

Рацин.мк стапи во контакт со Јохана Бернсел, портпарол на Европската комисија задолжена за внатрешен пазар, одбранбена индустрија, вселенска програма, образование, млади, спорт и култура, која не информираше дека надлежните во Европската Комисија за програмата Европски престолнини на културата е во контакт со тимот кој во моментов е задолжен за воспоставување на темелите за Скопје – Европска престолнина на културата.

„Во септември ќе организираме состанок помеѓу тимот и нашиот панел на експерти, чија цел е да се осигура дека градот, определен да биде Европска престолнина ги исполнува своите обврски и дали продолжува да ги почитува критериумите на оваа акција на ЕУ (критериумите можете да ги видите во член 5 од Одлуката на ECOC). Како и со сите назначени градови носители на титулата ЕПК, ќе организираме уште два состаноци со Скопје, во средината на 2026 и крајот на 2027 година, за да го утврдиме напредокот. По секој состанок, ќе ги објавуваме извештаите на панелот на нашата веб-страница: Назначени европски престолнини на културата – култура и креативност“.

Портпаролката Бернсел в о одговорот за Рацин.мк уште вели дека „цел на Европската комијата е Скопје 2028, како и другите ЕПК, да биде успешен во истакнувањето на културната разновидност во Европа, како и заедничките културни карактеристики што ги споделуваме, дека ќе ги поврзе локалните и регионалните културни чинители со нивните колеги од Европската унија, и дека активно ќе ги вклучи жителите низ градот“.

Ова е одговорот кој недостасуваше во текстот „Проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028 обвиен во мрак и неизвесност“,  и кој Рацин.мк го побара од Град Скопје и Универзална како надлежни за подготовка и реализација на програмата Скопје – ЕПК 2028.

Но наместо одговор, двете страни само си ја префрлаа топката за тоа кој е надлежен се организацијата и реализацијата на мегапроектот Скопје – Европска престолнина на клултурата 2028, додека граѓаните и на културните работници на главниот град на Северна Македонија стравуваат дека Скопје 2028 ќе биде уште едно епохално промашување какво што беше Скопје 2014.

Имено, така дел од културните работници прогнозираа кога беше објавен „повикот за изразување интерес за основачи на здружение за имплементација на проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028“, некаде на почетокот на март оваа година, на веб страницата на Универзална сала.

Универзална сала беше определена како институција која што Градот Скопје ја утврди како носител на активностите за подготовка на концептот и програмата за престижниот статус што го доби Скопје, во 2028 година да биде Европска престолнина на културата (ЕПК) и тој повик требаше да биде сигнал дека 6 месеци откако нашиот главен град беше номиниран да биде ЕПК во 2028 година, работите се придвижени.

На прашање на Рацин.мк во мај оваа година до каде е постапката, директорот на Универзална сала горај Христовски ни одговори: „Понатаму обврската треба да си ја преземе Град Скопје и да ја формира Фондацијата за организација на Скопје ЕПК 2028“.

И тоа беше првото префрлање на топката во овој најнов обид да дознаеме што се случува со Скопје ЕПК 2028.

Од телефонскиот разговор со Кристина Депо од Град Скопје, која на еден од настаните во септемрви минатата година беше претставена како раководното лице на проектниот тим, добивме само вратена топка кон Универзална сала. Кристина Депо со чудење праша зошто неа и ја прашуваме за оваа тема и инсистираше на тоа дека Универзална сала е адресата на којашто треба да ги бараме одговорите за Скопје ЕПК 2028.

Сега останува да видиме во септември, кога во Скопје ќе пристигнат експертите од Европската комисија во мониторинг мисија за степенот на подготовките на Скопје – ЕПК 2028, што ќе им биде презентирано како прогрес, иако од тоа што досега е направено, нема да има којзнае што да мониторираат

Извор: Рацин

Latest Posts

Не пропуштај