Последни написи

Влада на големите очекувања

  • Граѓаните ја казнуваа доста остро владата на СДСМ и ДУИ.  Очекуваа многу повеќе во заживувањето на реформите, затоа што ветувањата беа многу големи
  • Разрешувањето на Судскиот совет и на Советот на обвинители е најавено решение од страна на новата влада! На прв поглед недоволно, но треба да се даде време
  • Се најавува укинување на „Балансерот„. „Компетентноста пред припадноста„ рече Мицкоски, но компетентноста е важна исто како и припадноста

Пишува: Сефер ТАХИРИ

 

Секоја влада во земјата се само-промовира како реформаторска и ветува дека ќе се залага за економски и демократски развој, но и за ефикасен правен систем, кој ќе обезбедува казнивост на криминалот и корупцијата. На организираниот криминал и на високата корупција!

Првата влада на Никола Кљусев иако беше експертска, ветуваше реформи. Така беше и со Бранко Црвенковски, кои ги водеше две влади, во 1992 и во 1994.

Љубчо Георгиевски и ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година дојдоа на власт со слоганот „Промени за Македонија„!

По конфликтот во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот договор, на чело на владата доаѓа пак Бранко Црвенковски и како по обичај со ветувања за големи реформи во општествениот систем.

Очигледно малку се остваруваа реформите од страна на владата на СДСМ, бидејќи во 2006 на голема врата во политиката се враќа ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Поголемиот дел од граѓаните под водство на власта на Груевски, поминаа повеќе од една тешка деценија, во којашто преживеаја многу кризни моменти, политички притисоци, монтирани процеси и страв за иднината на земјата.

По 11 години, на власт се враќа СДСМ на чело со надежниот лидер, Зоран Заев и со клучна поддршка на граѓанскиот сектор познат под Шарена револуција. Новата влада дојде со паролата „Нема правда, нема мир„ и со голема надеж дека ќе прави брзи реформи заради јавниот интерес.

Премалку се остваруваше реформирањето на судскиот систем и на обвинителството, на јавната и државната администрација, со борбата против организираниот криминал и корупцијата, со реформирањето на здравството, образованието и медиумите.

Граѓаните го казнуваа доста остро нереформаторските резултати на владата на СДСМ и ДУИ. Очекуваа многу повеќе на планот на заживување на реформите, затоа што ветувањата беа многу големи и убедливи.

Заев призна дека имаме судии кои испраќаа СМС пораки до поранешната власт, во кои бесрамно ги нудеа своите услуги!

Поранешниот американски амбасадор во Тирана Доналд Лу им рече на албанските судии да се изјаснат како си ги купиле рачните часовници коишто чинат над 10 илјади евра и додаде дека доколку земале мито во работењето треба да се откажат од својата професија.

Власта на СДСМ не преземаше ниту еден одлучувачки чекор кој ќе го реформира судскиот систем. Беше формиран Совет на експерти за реформи во судството, но тој не профункционира. За жал, им ги зголеми платите на судиите и обвинителите за 78 %, а довербата во неа од страна на граѓаните е под 5 %!

Разрешувањето на Судскиот совет и на Советот на обвинители е најавено решение од власта! На прв поглед недоволно, но треба да се даде време за да се види како ќе се реформира правосудството.

Владата ќе се соочи и со реформите во администрацијата! Наместо рационализација, новата власт нуди реорганизација, која подразбира зголемување на министерствата.

Ниту еден конкретен чекор не е преземен од поранешната власт во реформирање на администрацијата. Не е намален бројот од 160 илјади службеници, кои во една мала земја како е вон секаков нормален статистички параметар.

Се најавува укинување на „Балансерот„ но за негова замена треба да се изнаоѓа соодветно решение. „Компетентноста пред припадноста„ рече Мицкоски, но секако дека компетентноста е важна но и припадноста. Според ова логика во комунизмот, на почетокот на плурализмот Албанците беа застапени со 2 % во администрацијата.

Во која и да е државна канцеларија или во која било државна институција да се обратат граѓаните, иако веќе не сме во комунизмот, но наводно сме во парламентарна демократија, се соочуваме со шалтери, коишто и физички го потчинуваат граѓанинот!

Реформите инат големи суми пари, но промената на односот, една насмевка на лицето кон обичниот граѓанин е голема реформа која треба да се случи и којашто не чини пари! Не се потребни ни ИПА фондови, ни ИПАРД или други европски фондови.

Мицкоски и неговата партија дојдоа на власт со големи ветувања. Уште пред да седне на премиерската фотелја истакнува дека „состојбата е лоша„. Но, токму затоа што не е добра му дадоа доверба. И во иднина граѓаните нема да го прифаќаат изговорот дека има последици од поранешната власт. Како што немаа толеранција кон апологијата на социјалдемократите дека „виновен за кризата е режимот на Груевски и узурпација на државните институции од страна на ВМРО-ДПМНЕ„.

Очекувања од новата влада се преголеми. Плуралистичката историја докажува дека ако не остваруваат ветувањата, разочарувањето може да биде исто така големо.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај