More

    Кацарска: Европскиот Парламент, традиционално, секогаш го поддржувал проширувањето

    „Позицијата на Европскиот Парламент традиционално била секогаш да го поддржува проширувањето. Ако погледнеме од нашиот случај и во оние години кога не можевме да ги отвориме преговорите од 2009-2016 година, Европскиот Парламент континуирано тоа го препорачуваше и се смета дека е пријател на проширувањето“ рече директорката на Институтот за европска политика – ЕПИ, Симонида Кацарска во утринската програма на Слободен печат.

    Таа додаде дека темата за проширувањето зависи и од многу други фактори, пред се, националните позиции на владите на државите.

    Кацарска за пример ја спомена Австрија како земја којашто го поддржува проширувањето.

    „Австрија е земја којашто го поддржува проширувањето, меѓутоа би се изненадиле ако дознаеме дека поддршката за проширување во Австрија на анкетите е традиционално на истото ниско ниво како во Франција, а знаеме како во Франција политичките елити се поставуваат кон проширувањето“ истакна Кацарска.

    Како што кажа таа, од 1997 до 2004 година постоеше консензус дека проширувањето кон истокот е стратешко прашање за ЕУ и тоа се случи, а сега одлучувачко прашање е Украина.

    „Не мислам дека овие избори ќе бидат клучни за проширувањето, меѓутоа ќе внесат промена во насоката по прашања коишто се многу политизирани и за самите граѓани на ЕУ, како миграцијата, зелената политика, безбедносната политика“, заклучи Кацарска.

    Exit mobile version