More

    (ВИДЕО) Малеска за етничката поларизација на изборите: Еден национализам предизвикува друг национализам

    Зад наративите во изборната кампања за наводна ‘ДУИ-зација’, за тоа како Македонците се ‘измеќари’, како СДСМ во коалициската влада е партнер на кој му се наметнува политиката на ДУИ – зад сето тоа има затскриена една подлабока идеја, а тоа е критика на Уставот, поточно на консоционалниот модел на Уставот, истакна проф. Мирјана Малеска на панел-дискусијата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, на која се промовираше публикацијата „Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси (анализи)“.

    „Не е работата Уставот да биде поубав. Тоа е работата на еден политички процес и политички договор – едноставно, не е ограничувачки, не е ни демократски да се измести темата за уставните решенија од политиката кај правниците. Еве, што е идеал, да речеме, и на претседателката и на лидерот на партијата ВМРО која победи – дека ние ќе собереме експерти и тие ќе направат еден прекрасен Устав по сите европски норми. Тоа не оди така, и во таа смисла тоа е манипулација на оваа струја, не знам дали да ја наречам националистичка или легалистичка“, потенцираше Малеска.

    Оценувајќи го национализмот кај нас како „егоизам на мнозинството“, Малеска рече дека таквиот групен егоизам се покажа дека не функционира во ваква заедница. Таа посочи дека една од основните причини за етничките конфликти е тоа – дискриминирани малцинства кои во еден момент не го прифаќаат тој статус, сакаат да учествуваат во распределба на општествените ресурси, да имаат пристап до инструментите на власта за да можат да влијаат врз својата судбина.

    „Еден национализам предизвикува друг национализам…Гледам дека ДУИ вели – европска интеграција што поскоро, и ние сме за консоционалниот модел што е утврден со Уставот. Додека коалицијата ВЛЕН, што влегува во владата, напротив, бара и таа менување на Уставот…Тие бараат потполна рамноправност на двете заедници, одлучување со врзани потписи, што е фактички федерализација, да одлучуваат за сите прашања, на сите нивоа. Во моментот дури го доведуваат во прашање унитарниот карактер на државата, барајќи на пример, програмите по повеќе предмети во училиштата на албански јазик, да бидат усогласени со програмите на Косово и на Албанија. Тоа е тотално подривање на унитарниот модел. Вака звучи наивно, но принципиелно не е“, објаснува Малеска.

    Според неа, многу логично е две националистички партии да формираат влада, зошто идеалот на националистите е една што е можно почиста етничка држава и што повеќе да се разделиме и да се раздалечиме и како заедница, но и како граѓани и како поединци. Многу е логична таква една коалиција, само што оваа победа на национализмот ќе биде горчлива, смета Малеска.

    „Коалицијата на власт ВЛЕН, како и опозицијата, сите бараат што поскоро продолжување на европските преговори, и тие постојано ќе го држат отворено тоа прашање на продолжување на преговорите, а ВМРО се заглави во сопствениот национализам што го подгреваше со децении, и сега се заробеници на тој национализам…Така што ќе дојдат брзо во конфронтација со своите партнери внатре и тоа ќе биде една победа која може да се покаже многу горчлива во скоро време“, заклучи Малеска.

    На панел-дискусијата и промоцијата на публикацијата што се одржа во Europe House во Скопје, говореа и авторите проф. д-р Сефер Тахири и Жарко Трајаноски. Цел на анализите е да ги детектираат главните наративи и модели на етничка поларизација во медиумското известување и јавната комуникација на учесниците во изборните процеси, како и да укажат на можни решенија за намалување на штетите од етничката поларизација на општеството.

    Мила Стаменова Бурнс

    Exit mobile version