More

    (АНАЛИЗА) Меѓуетничките односи во јавната комуникација за време на изборите: Продолжува доминацијата на етноцентричниот дискурс

    Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ

    34-годишната историја на политичкиот плурализам во Северна Македонија докажува дека меѓуетничките односи, особено оние меѓу Македонците и Албанците, се (зло)употребуваа од политичките партии на парламентарните, претседателските, па дури и на локалните избори.

    Во овој контекст, медиумско-политичкиот дискурс честопати беше „дискурс на различноста“. „Парадигмата на различноста“, поточно етноцентричниот дискурс, ја следеше политичката дебата, но и медиумските содржини, без разлика дали се одвиваше на македонски или албански јазик.

    Имајќи ги предвид овие аспекти, оваа анализа се фокусира на неколку прашања и примери на политичка комуникација и медиумско известување за време на изборите: Колку меѓуетничките односи беа во фокусот на предизборната кампања на политичките партии за парламентарните и претседателските избори во 2024 година? Каков беше пристапот на албанските и македонските медиуми во однос на конфронтирачките изјави меѓу лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски? Како беше погрешно протолкувана изјавата на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска за случаите од војната во 2001 година? Колку простор имаа националистичките тонови на партиите Левица и ЗНАМ? Каква е историјата на етноцентричниот дискурс во политичката и медиумската сфера во Северна Македонија? Дали на политичката и медиумската сцена и денес, како во 90-тите, е доминирана од „дискурсот на различноста“?

    Меѓуетничките односи во дискурсот на политичките партии

    Како столб на политичката стабилност и безбедност, меѓуетничките односи се „клуч“, особено за десничарските партии, за освојување на што е можно повеќе гласови за време на изборите. Во таа насока, дел од медиумите честопати беа продолжена рака, односно ги афирмираа, но и поттикнуваа етноцентричните наративи што се произведуваа во партиските лаборатории.

    Повеќето медиуми, без разлика дали се јавни (во Северна Македонија концептот на јавни медиуми е непостоечки, бидејќи тие сè уште се третираат како државни), приватни или комерцијални, служеа повеќе како „гласноговорници“ на политиката, наместо да бидат во функција на јавниот интерес. Ова подразбира дека, бидејќи се такви, медиумите им служеа на популистичките изборни агенди, кои се базираа на филозофијата на величање на одреден етнички идентитет наспроти идентитетот на другиот, кој се третира како туѓ и заканувачки, а во некои периоди и како непријателски или како „ внатрешен непријател“, иако за ова не се нудеа аргументи, туку имагинарни конструкции со антиалбански или антимакедонски пропаганден наратив.

    Иако со поблаги тонови, етноцентричните политики продолжија да бидат доминантен дел од кампањата на политичките партии на изборите во 2024 година, додека дел од медиумите некритички, а некои дури и афирмативно ги отсликуваа собирите со етноцентрична иконографија, комбинирана со етно-популистички фолклор, на кој се надоврзуваат големите партиски слогани, кои се повикуваа на интересите на народот, нацијата, идентитетот, битието, заштита на името на државата, јазикот, унапредување на евроинтеграциите итн. Главните партиски слогани и пораки беа: „Македонија повторно твоја“ (ВМРО-ДПМНЕ), „Нема откажување од иднината“ (СДСМ), „Промената вреди“ (Коалиција ВЛЕН/ВРЕДИ), „Не на Русија, да на Европа“ (Европски фронт), „Да го вратиме достоинството на нацијата“ (Левица), „Максимум за Македонија“ (партија ЗНАМ), „Храбро за Македонија“ (партија ГРОМ). Како што може да се види, кај повеќето од нив доминира една колективистичка идентитетска линија. Нивното често појавување во медиумските известувања, но особено во платените политички програми со пари на граѓаните, ги зајакна истите, правејќи ги дел од секојдневието на граѓаните.

    Двете политички партии што се издигнаа најмногу на доктрините на (изборниот) етноцентризам во последните три децении се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои на последните избори го „наострија“ мечот на артикулирање на политичките идеи и концепти, повикувајќи се на македонските, односно албанските етнички идеали.

    Предизборна политичка кампања – со етнички „гурабии“!

    Во последната изборна кампања, етно-политичките пресметки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа од големи размери, доминирајќи го политичкиот дискурс, манифестиран на собирите со граѓаните и во предизборните медиумски дебати.

    Како резултат на оваа конфронтација, лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, одговарајќи на ставовите на лидерот на македонската опозиција, денес мандатар за формирање на новата влада, Христијан Мицкоски, рече дека тој е „пораснат со гурабии“. Контекстот на оваа изјава е да му се даде до знаење на Мицкоски дека неповикувањето на Европскиот фронт во владата е кршење на политичката волја на Албанците или мајоризација од македонската страна, што води кон нова етничка криза.

    Мицкоски пораснал со гурабии и бисквити – Ахмети го предупредува Мицкоски: Збор по збор почнува бељата![i], беше насловот на прилогот на ТВ 21 од митингот одржан на 22 април 2024 година, на кој Ахмети меѓу другото скандираше и „УЧК, УЧК“.

    Извештај на ТВ 21: „Камен врз камен се прави тврдината, збор по збор почнува бељата. Ова го порача првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на централниот собир на Европскиот фронт. Коментирајќи ги повиците на ВМРО-ДПМНЕ за освојување на 61 пратеник на изборите, Ахмети вели дека Мицкоски е сè уште млад и уште му тече млеко од усната. „Христијан Мицкоски е растен со гурабии. Христијан Мицкоски е растен со бисквити. Јас растев во камена кула, Христијан, што изгоре три пати од освојувачите. Христијан, мојот народот вели камен врз камен се прави тврдината, збор по збор почнува бељата, не почнувај беља! Не почнувај беља и мери си ги зборовите, затоа што си млад и сè уште ти тече млеко од усната“, рече Ахмети“.

    Порталот Алмакос ги објави изјавите на лидерот на интегративците со наслов: „Али Ахмети му се обрати на Мицкоски: „Порасна со гурабии, мери ги зборовите и не почнувај беља!“ [ii].

    Клан Македонија го објави телевизискиот прилог со наслов: „Ахмети до Мицкоски: Мери си ги добро зборовите кога зборуваш зашто си уште млад, иднината на оваа држава е само во ЕУ![iii] .

    Порталот Тетовасот извести со афирмативен наслов во корист на ДУИ: „Говорот на Али Ахмети против Мицковски ги освојува социјалните мрежи и ги електризира младите гласачи[iv]. Овој портал, со нагласен пропагандистички јазик, напиша: „Говорот на лидерот на ДУИ во Скопје пред голема маса луѓе изгледа ја наелектризира масата, информира Тетовасот. Делот каде што му се обраќа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го слушаат многу млади луѓе во автомобили кои го издвоиле тој фрагмент, но ги освои и социјалните мрежи“.

    Порталот Нистори имаше поинаков пристап на известување во однос на изјавите на Ахмети: „Ахмети во Скопје: ОНА е таа што ја направи Македонија[v].

    Извештај на порталот Нистори: „ Овој фронт можеби некого загрижува затоа што овие млади луѓе извикуваат УЧК (ОНА н.з), но ОНА е таа што ја направи Македонија, и ги направи со идентитет и помалите заедници. Благодарен беше и покојниот Трајковски, кој рече дека ОНА нѝ го призна верскиот идентитет, таа беше ослободителна, за Албанците денес да бидат господари во своите домови. Ние никогаш не сме го посакувале туѓото, но за нашето сме се бореле и сме пролеале крв. Затоа нека си ги измерат добро зборовите, затоа што местото на оваа држава е во Европа и таму можеме да одиме само заедно. Минатото е болно и не треба да се заборави, но сите треба да се бориме ова минато да не се повтори“.

    Еден дел од медиумите на македонски јазик го пренесоа на објективен и коректен начин ставот на Ахмети. Како што потврдува и порталот за агрегирање на вести на македонски јазик Time.mk, најчестиот наслов беше „Али Ахмети до Христијан Мицкоски: Пораснат си со гурабии, не си ја барај бељата, бирај ги зборовите, уште си млад[vi]. Според посочениот линк, порталите кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како порталот Курир[vii]Нетпрес[viii]Република[ix] и Пресингтв[x] известија со идентичен наслов: „Ахмети му се закани на Мицкоски: „Не си ја барај бељата““. Овој факт сам по себе зборува дека уредувачката политика на овие портали се координира од одреден центар.

    Порталот на македонски јазик Лидер.мк објави дезинформација од централниот собир на ДУИ во Скопје, и тоа уште во самиот наслов: „Али Ахмети со отворена закана до Христијан Мицкоски – ќе ти ја закрпам устата[xi]„Додека зад него се вееше знаме со двоглав орел, Ахмети за лидерот на ВМРО ДПМНЕ кажа: Христијан Мицкоски е растен со гурабии, бисквити! Христијан не ја почнувај бељата и мери ги зборовите затоа што си млад и ќе ти ја закрпам устата“, извести Лидер.мк. Всушност, последниот дел е измислен или е погрешен превод на говорот, затоа што Ахмети не рече „ќе ти ја закрпам устата“, туку „ти тече млеко од усната“.

    Коректно известување во медиумите за одговорот на Мицкоски до Ахмети

    Одговорот на Мицкоски кон изјавите на Ахмети што следуваше веднаш потоа, зазеде голем простор во медиумите на албански и на македонски јазик.

    Порталот Лајмпрес извести со наслов „Мицкоски му одговара на Ахмети: Гурабиите и млекото ќе ти се застанат во грло[xii].  Овој портал го објави во целост одговорот на Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук. Додека порталот Pa censurë (Без цензура) го објави одговорот со наслов: „Мицкоски му одговара на Али Ахмети: Заканите доаѓаат од човек пред политичко пензионирање и малку заборавен[xiii].

    „Мицкоски му врати порака на Ахмети“ беше неутралниот и коректен наслов на неколку портали, кои ја пренесоа изјавата на Мицкоски, меѓу кои: Тетовасот[xiv]Инаонлајн[xv]Фактидитор[xvi]Опентв[xvii].

    Дел од порталите на албански јазик, како Газетаекспрес[xviii]Лајмпрес[xix]Тетовасот[xx]Syri.mk (Око)[xxi], и дадоа значителен простор на изјавата на лидерот на партијата Достоинство, Стојанчо Ангелов, кој му порача на Ахмети дека зад Мицкоски стојат „бранителите“ (припадници на државните безбедносни сили кои се бореа во 2001 година).

    Додека некои портали, како што потврдува агрегаторот Факс.ал, известија со наслов „Ахмети извикуваше УЧК во центарот на Скопје, Ангелов: Крени рачна, зад Мицкоски се „бранителите“ кои ве победија во 2001 година[xxii].

    Медиумите на македонски јазик, речиси консензуално, без разлика дали се од провладина или проопозициска политичка провиниенција, го пренесоа одговорот на Мицкоски до Ахмети главно со насловот „Мицкоски му врати на Ахмети: Многу брзо од денес и кексите и млекото ќе ти преседнат[xxiii]. Одговорот на Мицкоски на Фејсбук, овие медиуми го пренесоа на објективен начин и целосно, придржувајќи се до интегрално или трансмисивно пренесување.

    Медиумска рефлексија на ставот на Сиљановска за воените дела од 2001 година

    Изјавата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, денес актуелна претседателка, Гордана Сиљановска – Давкова, дадена во Куманово на 29 април 2024 година, во која истакна дека „т.н. злосторства против човештвото никогаш не застаруваат“, одекна силно во медиумите на албански јазик.

    Телевизијата Алсат беше прва што објави информација за ставот на Сиљановска. Насловот на телевизијата беше: „Претседателска кампања/ Од меѓународен трибунал за војната во 2001 година, до недоверба кон оние кои бараат поништување на договорите што донесоа мир[xxiv]. Како што се потврдува од објавениот линк, оваа содржина е избришана од веб-страницата на телевизијата на албански јазик со национална терестријална лиценца. Избришана е и од страницата на ТВ Алсат на македонски јазик[xxv].

    Редакцијата на ТВ Алсат не ѝ објасни на јавноста со уредничка одлука или аргументи зошто дошло до објавување, а потоа и исчезнување на оваа информација. Дотолку повеќе што, повикувајќи се на оваа телевизија, истата содржина ја пренесоа и многу други традиционални но и нови медиуми, некои од нив со истиот наслов:

    Голем дел од медиумите, за што сведочи и порталот за агрегирање вести Факс.ал, изјавата на Сиљановска ја пренесоа со наслов: „Сиљановска предложи меѓународен трибунал за војната во 2001 година?[xxix].

    И ТВ 21 ја пренесе нејзината изјава, третирајќи ја како веродостоен факт, дека Сиљановска бара меѓународен трибунал за конфликтот во 2001 година. Односно, насловот, како оној споменат погоре, беше шпекулативен: „Сиљановска предложи меѓународен трибунал за војната во 2001 година?[xxx], бидејќи во телевизискиот прилог од терен не дава факти дека претседателката децидно побарала формирање меѓународен трибунал за 2001 година.

    Извештај на ТВ 21: „Кандидатката за претседател од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова на митинг вчеравечер во Куманово говореше за меѓународното право, односно рече дека „некои злосторства против човештвото никогаш не застаруваат“. Сиљановска во својот говор ја спомена и војната од 2001. „Само да ве потсетам, и во 2001 година ДПА беше во Владата, тоа значи дека јас никому не се заканувам, само ве потсетувам дека некои дела, т.н. злосторства против човештвото никогаш не застаруваат“, рече Сиљановска“.

    Медиумите на македонски јазик не му дадоа информативен простор на ставот на Сиљановска.

    Сиљановска: Влада без Албанци не е добро решение

    Во контекст на третманот на меѓуетничките односи во медиумите, вреди да се истакне уште еден став на претседателката Сиљановска. Таа во интервју за емисијата Трилинг[xxxi] рече дека „без оглед на резултатот на изборите, Влада без албански партии не е добро решение. Кабинет на Претседател без Албанци не е добро решение. Ама со кого? Во кабинетот треба да бидат стручни и компетентни Албанци“. Но, оваа изјава не беше третирана интерпретативно во албанските и македонските медиуми.

    Апасиев доби малку простор во македонските медиуми, а беше речиси игнориран од албанските

    Ставот на лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев против ДУИ и Социјалдемократскиот сојуз, беше пренесен само во неколку македонски медиуми, со наслов: „Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија[xxxii]. Истражувањето покажува дека од албанските медиуми единствено телевизијата Клан Македонија ја пренесе изјавата на Апасиев со наслов „Парламентарни избори/ Апасиев: Со ОНА на ДУИ и македонските елити секое второ дете во Полог се раѓа во Швајцарија“. Поради искажаните радикални позиции за многу политички прашања, лидерот на партијата Левица по сè изгледа беше бојкотиран од голем дел од медиумите.

    Партијата ЗНАМ му се враќа на знамето на Вергина

    Порталот „Рацин“ објави критички наслов за веењето на знамето на „Вергина“ на политичките собири на партијата ЗНАМ. Овој портал извести со наслов: „Димитриевски од ЗНАМ во желба за власт ги развеа „вергините“[xxxiii]. Порталот извести дека „Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ своите обраќања пред граѓаните на Охрид и Струга го одржа под знамето од Вергина, симбол кој е вообичаена иконографија на ВМРО-ДПМНЕ и на другите партии со десничарско-конзервативна определба. Тоа може да се види од фотографиите на социјалната мрежа Фејсбук, како и од видеото објавено на истиот медиум“. Очигледно е дека другите медиуми не обрнаа внимание на овој детаљ прикажан на собирите на ЗНАМ.

    Куса историја на меѓуетничките односи во Северна Македонија

    Од 90-тите години, во медиумско-јавната сфера се произведуваше негативна слика за „другиот“, прикажувајќи го како закана или можна опасност, односно како „страшило“, кое е секогаш подготвено да нанесе некоја штета кон етничките страни, кои и покрај тоа што живеат во овие простори со векови, немаат висока меѓусебна доверба.

    Токму медиумскиот дискурс, кој се појавува во традиционалните медиуми и новите медиуми, уште повеќе го продлабочи меѓуетничкиот јаз, зајакнувајќи го етноцентризмот и политичките струи со радикална реторика во двата етнички табора, почнувајќи од 90-тите до вооружениот конфликт во 2001 година. Ваквиот дискурс на поделби беше особено присутен при известувањето и политичкото медиумско толкување за време на кризата или војната во комерцијалните медиуми. Дури и јавниот радиодифузен сервис МРТВ (сега Национална радио телевизија) прикажуваше две етнички реалности, едната албанска, а другата македонска.

    Дискурсот во јавната комуникација, наместо меѓуетничка кохезија и социјална интеграција, создаваше нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците. Оваа нетрпеливост се појавуваше главно во конструираната медиумска реалност, но и во политичката реторика во Република Северна Македонија, главно во десниот партиски спектар. Ваквиот феномен се промовираше не само од партиски експоненти, пратеници и претседателски кандидати, туку и од самите главни лидери на политичките партии, кои за изборни ефекти користеа манипулативен етнонационалистички и пејоративен речник кон другиот.

    Етноцентрозмот како изборна политичка платформа

    Загорка Голубовиќ, експерт од областа мултикултурализмот, третирајќи го политичкиот дискурс на политичките претставници, во своето дело „Јас и другиот – антрополошки истражувања на индивидуалниот и колективниот идентитет“ заклучува дека „Некои изјави јасно покажуваат дека со поистоветувајќи го патриотизмот со национализмот, многу политичари наместо да го штитат народот како демос, паднаа во стапицата на етносот како единствена „чиста“ заедница која заслужува да ѝ се служи. На оваа линија, лесно е создадена врската меѓу националистичките политичари и националните политички елити, кои со оживување на „заспаната етничност“ ги инструментализираа националните идеологии за да дојдат до власт“. [xxxiv]

    Се разбира, Република Северна Македонија не е исклучок од политичката инструментализација на етноцентричната идеологија, бидејќи дури и Социјалдемократската сојуз во 90-тите преку неговите главни експоненти, поранешниот претседател во 1991-1999 година, Киро Глигоров и премиерот Бранко Црвенковски во 1992 – 1998 година, спроведуваше политики кои често имаа етнички македонски пристап. Слично ќе постапи и ВМРО-ДПМНЕ која имаше порадикални етнонационалистички декларативни ставови и позиции од СДСМ. Со таков наратив, македонската десничарска партија, ВМРО-ДПМНЕ доаѓаше на власт во 1998, во 2006 година и на последните избори во 2024 година.

    Етнонационалистички ставови и изјави на политичарите низ историјата

    Политичарите во Северна Македонија, Албанци и Македонци, особено од десничарската идеологија, не престанаа со користење на медиумски дискурс кој отсекогаш имал негативни тонови кон Албанците или Македонците, со што ги заоструваа меѓуетничките односи, а од медиумите правеа екстензии на поларизирачкиот општествен дискурс.

    Избраните изјави на политичарите за етничките прашања во оваа анализа, сами по себе зборуваат дека во чувствителни периоди за земјата, политичарите за изборни цели користеле јазик што ја фаворизира етничката заедница на која припаѓаат и ја омаловажува со термини и идеи етничката заедница што ја проектирале со противнички па дури и непријателски бои. Нивното пренесување и повторување во одредени моменти и во полза на одредени политички агенди, како да ги направија медиумите страна во промовирањето на говорот на етничка омраза, што е спротивно од улогата на мировното и мултикултурно новинарство, кое треба да промовира социјална кохезија и меѓуетничка интеграција.

    • „Јас тоа им го реков и денес во Дебар и вчера во Тетово, обраќајќи се директно на етничките Албанци – ако пуштат канџи, одлучно ќе им ги пресечеме“ (Љубиша Георгиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател во 1994 г.)[xxxv]
    • „Славомакедонската структура на моќ во овој поглед не прави разлика меѓу политиката на Милошевиќ и Глигоров во Македонија“ (Арбен Џафери, поранешен лидер на Демократската партија на Албанците)[xxxvi]. Арбен Џафери, кога беше во опозиција, секогаш систематски ги користеше термините „Поранешна југословенска Република Македонија“ и „Славомакедонци“ за македонскиот народ.
    • „Историската реалност во Македонија, цел свет ја знае и е многу апсурдно, кога еден народ кој нема идентитет, што во конкретниов случај се Македонците, додека Албанците биле многу коректни и ви помогнале да го изградите овој идентитет а вие сега го оспорувате нашиот идентитетот. Земете го пописот пред 100 години, не постои македонски народ. Од друга страна, народите ги градат идентитетите, не се родени од Бога, и тоа како резултат на политички околности и никој не го спори тоа. Вие имате право да се нарекувате како сакате, тоа се историски факти. Вие навлегувате во прашања за автохтоноста и заборавате дека сте присутни тука од седмиот век, додека Илирите се многу порано“. (Зиадин Села, претседател на партијата Алијанса за Албанците)[xxxvii]. Оваа изјава на Села во емисијата 200 на ТВ Алсат беше еден од јавните ставови кои мотивираа одредени насилници да го нападнат жестоко на 27 април 2017 година, оставајќи го без свест по ходниците на Собранието на Македонија, а тој преживеа откако беше однесен во болница.
    • „Нашиот народ вели секое лошо за добро да е. А, јас безусловно и бесконечно верувам во македонскиот народ и граѓаните на Македонија“ (Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ)[xxxviii].
    Заклучоци

    Во мултиетничкото, мултикултурно и мултијазично општество на Република Северна Македонија, уште од периодот на политичкиот плурализам, поточно осамостојувањето на државата од поранешната југословенска федерација, етноцентричниот и популистичкиот дискурс е присутен во медиумите и во политиката.

    Овој дискурс продуцираше бројни етнички, но и религиозни стигматизации, предрасуди и стереотипи, кои се појавуваа во медиумските содржини: вести, интервјуа, ТВ дебати, хумористични програми и особено во контактните емисии, во кои граѓаните преку телефонска линија можеа да даваат свои размислувања и ставови, кои за жал во голема мера беа и се полни со омраза и погрден јазик кон колективниот „друг“, главно кон Албанците, односно Македонците.

    На овогодинешните парламентарни и претседателски избори, политичките партии се фокусираа на етничките прашања, односно на одбраната на македонската и албанската кауза. ВМРО-ДПМНЕ од една страна и Европскиот фронт и ВЛЕН од друга страна беа промотори на етноцентрични концепти. Медиумите беа коректни, но главно некритични во пренесувањето на ваквите наративи.

    Медиумите најчесто објективно и коректно ги пренесуваа изјавите од судирот меѓу Али Ахмети и Христијан Мицкоски за невклучување на ДУИ и вклучување на коалицијата ВЛЕН во владата. Еден медиум погрешно го протолкува ставот на Ахмети како политичка порака кон Мицкоски.

    Изјавата на претседателката Сиљановска како кандидат дека правните случаи од 2001 година не застаруваат, од еден медиум а потоа и од други медиуми беше протолкувано како барање случаите од 2001 година да се вратат во Хашкиот трибунал, нешто што не беше спомнато од претседателката, што значи дека беше пласирана неточна информација.

    Етноцентричниот и популистички дискурс на партијата Левица, но и на новата партија ЗНАМ, се појавуваше прилично бледо од македонските медиуми, а албанските медиуми речиси ги игнорираа.

    Етноцентризмот како политичка доктрина често се користеше како изборна платформа од одредени партии, кои лесно создаваа доверба кај граѓаните, повикувајќи се на големи етнички или етнокултурни каузи. Од 90-тите секогаш се произведуваше и се појавуваше „дискурсот на разликите“, кој и денес продолжува да доминира на политичката, а со тоа и на медиумската сцена.

    Препораки

    Медиумите треба да известуваат за етничките прашања, но не треба да поттикнуваат нивно влошување, туку со правилно и објективно известување треба да влијаат на зголемување на толеранцијата, меѓусебното разбирање и почитување меѓу различните етнички заедници, а создавањето социјална кохезија е задача, пред сè на јавниот радиодифузен сервис.

    Во медиумскиот спектар на земјата, голем фокус се дава на известувањето за конфликтите, споровите и судирите меѓу етничките заедници, наместо да им се даде значење на вредностите што ги обединуваат. Конфликтот на етничка база често се претставува од призма како етничките разлики да се единственото нешто што објаснува еден конфликт.

    Објаснувањето на конфликтите и етничките прашања на поедноставен начин може да го затвори просторот за анализа на политичките, социјалните и економските фактори и на тој начин да ја спречи јавноста да ги запознае вистинските причини за конфликтот.

    Кога известуваат за етнички прашања, новинарите и медиумите мора да ги почитуваат правилата и стандардите за известување за различностите. Тоа значи дека при известувањето за одредена заедница треба да се консултираат извори од заедницата и да се одржуваат контакти со овие извори, бидејќи на тој начин се обезбедува етничка нестереотипизација во известувањето. Медиумите имаат должност да ја промовираат различноста, а за тоа мора да го воведат и одржуваат концептот на различност во нивните редакции.

    Кога се пренесуваат оригинални изјави кои содржат предрасуди, стереотипи или говор на омраза, дискриминаторски или навредлив јазик, тие треба да се контекстуализираат и да се објаснат како штетни наративи за општеството, додека медиумите треба да се оградат од нив и нивното емитување треба да се прави само во случаи кога се неопходни за објаснување на одредена општествена реалност.

    Во една медиумска содржина треба да има различни гледишта, поточно вклучување на различни перспективи при толкувањето на кој било настан или одредено меѓуетничко прашање.

    Пристапот кон известувањето за конфликтите треба да се заснова на мировно новинарство, кое има за цел нивно мирно решавање и кое овозможува разбирање на општата слика за причините, мотивите и последиците кои стојат зад самите конфликти.

     

    (Авторот е универзитетски професор од областа на новинарството и јавните комуникации)

    Референци и извори:

    [i] Види: ТВ 21, 22.04.2024, достапно на: https://tv21.tv/mickoski-eshte-rritur-me-gurabija-dhe-keksa-ahmeti-paralajmeron-mickoskin-fjale-pas-fjale-nise-belaja/

    [ii] Види: Алмакос, 21.04.2024, достапно на: https://almakos.com/ali-ahmeti-i-drejtohet-mickoskit-je-rritur-me-gurabija-mati-fjalet-dhe-mos-nis-bela/

    [iii] Види: ТВ Клан Македонија, 21.04.2024, достапно на: https://tvklan.mk/ahmeti-mickoskit-mati-mire-fjalet-kur-flet-se-je-ende-i-ri-ardhmeria-e-ketij-vendi-eshte-vetem-ne-be/

    [iv] Види: Тетовасот, 22.04.2024, достапно на: https://www.tetovasot.com/2024/04/2109577/

    [v] Види: Нистори, 22.04.2024, достапно на: https://nistori.com/lajme/ahmeti-ne-shkup-uck-ja-eshte-ajo-qe-e-beri-maqedonine/

    [vi] Види: Тиме.мк, достапно на: https://time.mk/c/b87694702c/toj-porasna-na-gurabii-i-keksi-ahmeti-mu-vozvrati-na-mickoski.html

    [vii] Види: Курир.мк, 21.04.2024, достапно на:  https://kurir.mk/vesti/makedonija/ahmeti-mu-se-zakani-na-mickoski-ne-si-ja-baraj-beljata/

    [viii] Види: Нетпрес, 21.04.2024, достапно на: https://netpress.com.mk/ahmeti-mu-se-zakani-na-mickoski-ne-si-a-bara-be-ata/

    [ix] Види: Република, 21.04.2024, достапно на: https://republika.mk/vesti/makedonija/ahmeti-mu-se-zakani-na-mitskoski-ne-si-ja-baraj-belata/

    [x] Види: Пресингтв, 21.04.2024, достапно на: https://pressingtv.mk/makedonija/ahmeti-mu-se-zakani-na-mitskoski-ne-si-ja-baraj-belata/

    [xi] Види: Лидер.мк, 21.04.2024, достапно на: https://lider.mk/ali-ahmeti-so-otvorena-zakana-do-hristijan-mickoski-kje-ti-ja-zakrpam-ustata/

    [xii] Види: Лајмпрес, 22.04.2024, достапно на: https://lajmpress.org/mickoski-i-pergjigjet-ahmetit-gurabijet-dhe-qumeshti-do-te-ju-ngecin-ne-fyt/

    [xiii] Види: Pacensurë, 22.04.2024, достапно на: https://www.pacensure.com/mickoski-i-pergjigjet-ali-ahmetit-kercenimet-vijne-nga-nje-burre-para-daljes-ne-pension-politik-dhe-pak-i-harruar/

    [xiv] Види: Тетовасот, 22.04.2024, достапно на:  https://www.tetovasot.com/2024/04/mickoski-ia-kthen-porosine-ahmetit/

    [xv] Види: Ина онлајн, 22.04.2024, достапно на: https://ina-online.net/mickoski-ia-kthen-porosine-ahmetit/

    [xvi] Види: Факти дитор, 22.04.2024, достапно на: https://www.faktiditor.ch/mickoski-ia-kthen-porosine-ahmetit-pasi-i-tha-do-gjesh-belane/

    [xvii] Види: Опентв, 22.04.2024, достапно на: https://open-tv.mk/mickoski-ia-kthen-porosine-ahmetit

    [xviii] Види: Газетаекспрес, достапно на https://www.gazetaexpress.com/angellov-porosi-ahmetit-pas-mickoskit-qendrojne-branitellat/

    [xix] Види: Лајмпрес, 22.04.2024, достапно на: https://lajmpress.org/angellov-porosi-ahmetit-pas-mickoskit-qendrojne-branitellat/

    [xx] Види: Тетовасот, 22.04.2024, достапно на: https://www.tetovasot.com/2024/04/angellov-porosi-ahmetit-pas-mickoskit-qendrojne-branitellat/

    [xxi] Види: Syri.mk, 22.04.2024, достапно на https://syri.mk/angellov-porosi-ahmetit-pas-mickoskit-qendrojne-branitellat/

    [xxii] Види: агрегатор на вести на албански јазик fax.al, достапно на: https://fax.al/news/40595253/mickoski-eshte-rritur-me-gurabija-dhe-keksa-ahmeti-paralajmeron-mickoskin-fjale-pas-fjale-nise-belaja

    [xxiii] Види: Агрергатор на вести на македонски јазик time.mk, достапно на: https://time.mk/c/50f5e2e882/mickoski-mu-vrati-na-ahmeti-mnogu-brzo-od-denes-i-keksito-i-mlekoto-ke-ti-presednat.html

    [xxiv] Види: Агрегатор на вести fax.al, достапно на: https://fax.al/news/40653933/siljanovska-propozoi-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-vitit-2001

    [xxv] Види: https://alsat.mk/mk/siljanovska-reche-deka-vojnata-od-2001-treba-da-dobie-razreshnitsa-pred-megunaroden-sud/

    [xxvi] Види: Тетовасот, 29.04.2024, достапно на:  https://www.tetovasot.com/2024/04/nga-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-2001-se-deri-tek-mos-besimi-te-ata-qe-kerkojne-anulimin-e-marreveshjeve-qe-sollen-paqe/

    [xxvii] Види: TV News, 29.04.2024, достапно на: https://tvnews.mk/2024/04/30/fushata-presidenciale-nga-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-2001-se-deri-tek-mos-besimi-te-ata-qe-kerkojne-anulimin-e-marreveshjeve-qe-sollen-paqe/

    [xxviii] Види: Infoshqip, 29.04.2024, достапно на: https://www.infoshqip.com/fushata-presidenciale-nga-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-2001-se-deri-tek-mos-besimi-te-ata-qe-kerkojne-anulimin-e-marreveshjeve-qe-sollen-paqe/

    [xxix] Види: fax.al, достапно на: https://fax.al/news/40653933/siljanovska-propozoi-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-vitit-2001

    [xxx] Види: ТВ21, 30.04.2024, достапно на: https://tv21.tv/siljanovska-propozoi-tribunal-nderkombetar-per-luften-e-vitit-2001/

    [xxxi] Види: Трилинг.мк, 15.03.2024, достапно на:  https://triling.mk/%D0%B2%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D0%BE-%D1%81%D0%B8%D0%BB%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%B1%D0%B5%D0%B7-%D0%BE%D0%B3%D0%BB%D0%B5%D0%B4-%D0%BD/

    [xxxii] Види: Тиме.мк, достапно на: https://time.mk/c/17303a1e28/apasiev-pod-vlasta-na-uckite-od-dui-poddrzani-od-korumpiranata-makedonska-elita-sekoe-vtoro-dete-od-polog-se-ragja-vo-svajcarija.html

    [xxxiii] Види: Рацин.мк, 02.05.2024, достапно на: https://racin.mk/vesti/foto-dimitrievski-od-znam-vo-zhelba-za-vlast-gi-razvea-verginite/

    [xxxiv] Види: Zagorka Golubović, Ja i drugi: antropolološka istraživanja individualnog i kolektivnog identiteta , 1999.

    [xxxv] Види: Љубиша Георгиевски за време на изборната кампања во 1994, достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=4I-zDb91Z6E

    [xxxvi] Види: Димитар Мирчев, БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ – НАЦИОНАЛНИТЕ ДОКТРИНИ НА МАКЕДОНСКИТЕ СОСЕДИ, 2015, достапно на: http://www.pollitecon.com/html/ebooks/risto-stefov/Balkanskiot-megaetnikum.pdf

    [xxxvii] Види: Емисија 200, ТВ Алсат, 29.11.2026, достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=IdJ9DxYASxg

    [xxxviii][xxxviii] Види: Христијан Мицкоски, прес конференција 18.10.2019, извор ТВ24, достапно на: https://24.mk/details/mickoski-povikuvam-na-sredba-na-drzhavniot-vrv-izborite-se-logichno-reshenie-vo-me-uvreme-potrebni-se-itni-reformi

     

    Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.

    Exit mobile version