ДИЈАНА ТАХИРИ
Според поделбата на директорски места во коалицијата на новата влада (неофицијално), Филхармонија ќе ѝ припадне на коалицијата ВЛЕН.
Во краток преглед на вестите на агрегаторот Time.mk., еден од медиумите веќе се произнесе по оваа (сѐ уште официјално непотврдена) поделба, со видна загриженост дека Филхармонијата „до сега секогаш била раководена од кадри од најголемата партија во владејачката коалиција“ (читај – од Македонци).
Што на прв, втор и трет поглед значи дека Филхармонијата, како национална институција традиционално мора да припадне или да се води од најсилната политичка опција во државата, а зборуваме за Институција која ја промовира уметноста на највисоко државно ниво (најпросто кажано), и во која НЕ СМЕЕ да има поделби по етничка, а посебно не по политичка определба.
И – никако не смее да „падне“ во рацете на немакедонци!
За жалење е што уметноста е ставена на диспозиција на политичарите, а уметниците низ целиот свет се најсилната опозиција на политиката! На страна политичката / партиската / владината сопственост на уметноста и уметниците, она што ми остави впечаток е дека „цела Филхармонија“ се кренала на нозе затоа што нов директор ќе биде – „ЛЕЛЕ, АЛБАНЕЦ“!
Па тоа е неспособно, тоа не знае, тоа не го зборува македонскиот јазик, „единствениот чист храм, национална институција со традиција 80 години, заштитен македонски музички храм и гордост“ ја дале на Албанци! (ова не го велам јас, го вели некој од Филхармонија, и тврди дека 99 отсто од вработените во Филхармонија гласале за ВМРО-ДПМНЕ).
Филхармонијата, како и сите други институции во Северна Македонија, им припаѓаат на сите граѓани, без исклучок. Но, како што одамна стојат работите во државата, за да не бидат привилегирани само едните, мораше да се направи и договор под меѓународна капа (рамковниот, нели), кој во продолжение ги исполитизира – или ги стави на броење и позициите на власт и последователно и работните места, квоти во високото образование и така натаму. Што во принцип, мораше да се случи, но крајната цел е речиси секогаш во прилог на желбите и алчноста на политиките чинители и групи.
Но, ова е веќе елаборирано до бесвест, и не гледам посебна потреба од нагласување, освен мало потсетување.
Да се вратиме на Филхармонијата. Ако одите на веб страницата на Институцијата, таа е на три јазици, македонски, албански и англиски, а за квалитетот и техничките решенија, изгледа никој не се потрудил повеќе од најосновните параметри.
Од љубопитност кликнав на верзијата на албански јазик, и нема што, таа постои, по рамковен секако. И секако, неапдејтирана, со лош превод (или без превод), впрочем, како и на сајтовите на многу други државни институции, ништо ново. Можеби, можеби со новото управување тоа ќе се среди, ќе видиме, ќе следиме.
Што се однесува до некојси таму Албанец што ќе ја извалка „чистотијата на храмот“, не му се знае, може и да подзачисти по ќошоите, па ќе направи вистинска промоција на државата, во мултикултурна и универзална смисла, се разбира, доколку повеќе ѝ служи на институцијата и граѓаните (СИТЕ), отколку на политичката опција што ќе го постави на управувачката позиција.
Лично ќе ја/го повикам овој пат!
Текстот е личен став на Авторката.
Извор: ЦивилМедиа