More

    Бугарија, Грција и Хрватска денеска гласаат на ЕУ изборите

    Република Бугарија 

    Граѓаните на Република Бугарија  денеска избираат 240 пратеници во 50-от состав на Народно собрание, како и 17 пратеници кои ќе ги претставуваат во Европскиот парламент.

    Ова се шести парламентарни избори во Бугарија во последните три години, но аналитичарите велат дека е малку веројатно од изборите да произлезе стабилна влада која може да стави крај на долгата политичка нестабилност и да ги деблокира економските реформи.

    Денешното гласањето беше предизвикано од падот на владејачката коалиција во март, која се состоеше од централно-десничарската партија ГЕРБ и реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП). Според последната анкета на Галуп, објавена во петокот од новинската агенција БТА, ГЕРБ е во водство со 25,9 отсто од гласовите, а по неа следат три партии во тесна трка за второто место.

    Република Грција 

    Меѓу 1.168 кандидати од 31 партија, нешто помалку од десет милиони Грци денеска ги избираат нивните претставници во Европскиот парламент, а земјата добива 21 пратеничко место од вкупно 720 во ЕП.

    Европските избори во Грција овој пат имаат и особена важност, поради фактот што за првпат се воведе поштенско гласање за сите, односно и за оние кои живеат во странство и за оние кои се во земјата, а на специјалната платформа за гласање по пошта биле пријавените 202.000 граѓани.

    На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.

    Оваа година, истражувањата на јавното мислење во Грција во изминатиот период прогнозираат убедлива победа на Нова демократија, веројатно со двојно повеќе гласови пред опозициската СИРИЗА, но и мала излезност и на овие избори.

    Република Хрватска 

    Над  3,7 милиони гласачи ќе одлучат кои 12 хрватски претставници ќе ги претставуваат во Европскиот парламент во следните пет години.  Денеска граѓаните на Република Хрватска  по четврти пат гласаат на европските избори.

    Во Хрватска во 7 часот беа отворени 6.651 избирачко место, а гласањето ќе трае до 19 часот, до кога е во сила дводневен изборен молк. Првите резултати ќе бидат објавени во 23 часот, а резултатите од излезните анкети во 19 часот.

    Д. Т. 

    Извор: ЦивилМедиа.мк

    Exit mobile version