Последни написи

(АНАЛИЗА) Изборната кампања и меѓуетничките односи: Горчлива победа на национализмот

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА

Кога американскиот професор по политички науки од Стенфорд, Франсис Фукујама, напиша во 1991 дека ѝ дошол крајот на историјата, тој мислеше на исчезнување на идеологијата и политиката на марксизмот и ленинизмот од европската сцена и доминација на либералната демократија. Инспирација беа револуциите од 1989 година и паѓањето на Берлинскиот ѕид, со што западното влијание се прошири во Источна Европа и кај нас.

Меѓутоа, кога денес го гледам политичкиот амбиент во Македонија, особено за време на претседателските и парламентарните избори, би рекла дека демократската либерална рамка не е исполнета со ништо друго освен со натпреварувачки национализам на двете најголеми заедници во земјата, па дури и тоа, може да се стави под знак на прашање. Нема десно, нема лево, се обесмисли изјавата дека за Албанците  ‘сонцето изгрева на Запад’…. Со стивнување на предизборната еуфорија, национализмот е привремено закачен на клинец како добро искористена добитна стратегија на вештите политички претприемачи, сè додека одново не притреба. За среќа, денес сепак живееме во постабилно опкружување отколку на почеток на деведесеттите и се очекува секој внатрешен политички проблем да се решава низ дијалог.

Суштинската разлика меѓу таканаречената ‘левица’ и ‘десница’; на оние кои влечат кон интегрирање на земјата во сојузот на западни демократии и оние кои се за статус кво; меѓу оние кои стојат зад националистичка програма и реторика и оние кои се за интегрирано општество – тешко ќе ја препознаете во нивните идеолошки прокламации, кои се прилично слични меѓу себе. Неа ќе ја најдете во реалната политика, од осамостојувањето на земјата во 1991 година до денес.

Овие триесетина години се покажа кој за што се залага и каква политика води.  ‘Левицата’ или политичките сили за демократска промена, ако под тој поим условно ги подведеме СДСМ и ДУИ, направи неколку важни чекори за стабилизирање на земјата и остварување на нејзините стратешки цели: го спроведе Охридскиот рамковен договор (ОРД); го потпиша и изгласа Договорот од Преспа; го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и бриселскиот т.н. „Француски предлог“. ‘Националистичката десница’ или политичките сили на статус квото, ако под тој поим ја подведеме пред сè ВМРО-ДПМНЕ и партиите што гравитираат кон неа, се спротивстави на промените на општинските граници и законот за употреба на албанскиот јазик договорени со ОРД, а ги бојкотираше договорите со Атина, Софија и Брисел, прогласувајќи ги за штетни, понижувачки, безрбетнички и спротивни на македонските национални интереси.

Втората разлика е во визијата за поголемо интегрирање на заедниците и граѓаните, наречена ‘едно општество за сите’, која во предизборната кампања и програмите на оние што ја сочинуваат новата власт, не постои. Едноставно е збришана, како најневажното нешто, од многу логични причини. Идеалот на националистичките партии е етнички чисто општество и што е можно поголемо раздвојување на паралелните заедници. Не случајно, ВМРО-ДПМНЕ е партија на македонско национално единство, а идеалот им е национална држава на македонскиот народ, додека коалицијата ВЛЕН на пример, според изјавата на Билал Касами на „360 степени“,[i] ги претставува чистите интереси на Албанците. Заради дистинкција, тој изјави дека Европскиот фронт, бил коалиција во која имало и ‘други’.

Изет Меџити, еден од лидерите на ВЛЕН, уште поексплицитно ја објасни оваа разлика меѓу ВЛЕН и ДУИ во прилог на тезата зошто неговата коалиција треба да биде дел од власта. Тој во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, изјави дека тие ќе освојат албански гласови и ќе имаат албански пратеници, што е ‘чист албански концепт’, нивна ‘кауза’, додека ДУИ не е претставник на Албанците, бидејќи во коалицијата има турски, ромски и бошњачки партии. Тоа, повтори Меџити, не е ‘чист албански концепт’.[ii]

Во контекст на засилениот предизборен националистички наратив, треба да се додаде дека пратеник на коалицијата ВЛЕН стана претставник на партијата на Албин Курти од Косово „Самоопределување“, по потекло од Струга,  Беким Ќоку. Ова не е безначајно, ако се има предвид и сличноста меѓу изјавите на Невзат Дервиши, човекот што најави формирање огранок на „Самоопределување“ во Македонија, и програмата на ВЛЕН. Според порталот „Фактор“, Дервиши минатата година изјавил дека нивното клучно барање е ‘еднаквост во одлучувањето’ и ‘радикална промена на политичкиот систем за целосна рамноправност меѓу Македонците и Албанците’. „Во држава со две поголеми етнички заедници како што е Северна Македонија, единствената формула е еднаквост на сите државни нивоа“, изјавил тогаш Дервиши[iii].

Така, одлуките на државно ниво би се носеле за сите прашања со т.н. “врзани потписи”, или контра-потпис, и практично секоја одлука може да биде блокирана од страна на албанскиот политички претставник во власта, на сите нивоа.

Ова, случајно или не, е едно од клучните барања во предизборната програма на ВЛЕН, “нов, подемократски устав кој ќе ја редефинира земјата како рамноправна држава на две мнозински заедници”.[iv]

Поенти од политичка и изборна платформа на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите

Резултатите покажаа дека граѓаните на последните избори за претседател на државата и пратеници во Собранието, масовно се определија за националистичките опции. Тоа го разбираат и им лежи на срце! Кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, земјата практично ги напушта или одлага пристапните преговори со ЕУ и влегува во период на меѓународна изолација. Следното проширување на ЕУ, кое е најавено од комесарот Оливер Вархеји за 2027, земјата бездруго ќе го испушти заради политиката, која Христијан Мицкоски ја резимираше во “Само вистина”: „Ако ЕУ и Бугарија продолжат да не уценуваат, ние ќе се свртиме кон домашните проблеми, нив ќе ги решаваме и ќе чекаме да дојде некоја нова власт во Софија“.[v]

Тоа го повторуваат и други сегашни и поранешни високи функционери на оваа партија, дека ако покажеме брзи реформски резултати во инвестициите, владеење на правото и борбата против корупција, ЕУ, без оглед на противењето на Грција и Бугарија, ќе биде импресионирана и ќе ги отвори вратите за нас, а тука биле и нивните сестрински партии кои ќе помогнат (на пример Милошоски во “Топ-Тема” на ТВ Телма од 27.5.2024[vi] или Спасеновски во “Заспиј ако можеш” на ТВ Алфа на 28.5.2024[vii]).

Поенти од политичка и изборна платформа на коалицијата ВЛЕН

Не можам многу да зборувам за идеологијата на двете најголеми албански коалиции, но доколку се споредат нивните изборни платформи и изјавите на нивните челници, јасно е дека ДУИ и Европскиот фронт остануваат посветени на евроинтеграцијата на земјата и консоционалниот модел на управување кој претставува уставно решение. Од друга страна, коалицијата ВЛЕН, која исто така дава првенство на европската интеграција, оди понатаму од уставниот консоционален аранжман и бара менување на Уставот во насока на проширување на колективните права за албанската заедница до ниво на рамноправно одлучување за сите прашања, што е карактеристика на федерален модел.

ВЛЕН во објавената изборна платформа ја доби поддршката на албанските гласачи за: нов, подемократски устав кој ќе ја редефинира земјата како рамноправна држава на две мнозински заедници и ќе гарантира целосни права и за малцинските заедници; албанскиот јазик како државен јазик на целата територија на државата, целосно еднаков на македонскиот; употреба на албанската национална химна, знаме и грб во училиштата и институциите со еднакви законски права како оние на Македонците и создавање на национален совет на албанската дијаспора, во соработка со Косово и Албанија.

Ова е платформа на уште поголемо раздвојување на заедниците, накусо, во правец на напуштање на уставниот унитаризам на државата утврден со ОРД. Билал Kасами, тоа го образлага  во емисијата “360 степени”„Координирање со Албанија и Косово на унифицирање на наставните програми и учебниците по албански јазик, јазици, книжевност, историја, географија, општество, култура….“.

Последици за демократијата и соживотот

Ме праша еден новинар, дали е можна  ‘неприродна’ коалиција меѓу две националистички коалиции? Му одговорив дека е можна, доколку овие партии, односно нивните раководства работат помалку транспарентно, а многу повеќе “зад затворени врати”, на раздвојување на заедниците, што не изгледа во моментот многу веројатно, бидејќи владината програма околу која се усогласија ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН издвои три заеднички приоритети: европска интеграција, унапредување на економијата и борба против корупцијата. Останатите прашања веројатно ќе дојдат на дневен ред подоцна.

Дали тогаш изборните програми се најобична измама? Мислам дека се држат сите опции отворени. Единствената за која никој не е заинтересиран, барем во изборната кампања, е поголема интеграција на општеството или ‘едно општество за сите’.

Карактерот на идното владеење

Веќе во предизборните програми и реториката на партиските лидери, се оцртува карактерот на идното владеење кое ќе го наметне ВМРО-ДПМНЕ, со бројот на пратеници во Собранието, премиерот, мнозинство на министри на чело на најважните сектори во државата и, многу веројатно, силна медиумска покриеност.

На нискиот интеграциски капацитет, како вродена слабост на изборната либерална демократија, ќе бидат придодадени уште неколку особини, кои се навестени во предизборната кампања:

  • Контрола врз медиумите и слобода на говорот:

За да се одржи на власт, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да покаже дека е оправдана нејзината политика на отпор против „вазалството“ кон Вашингтон и Брисел, против „уцените“ на Атина и Софија, што значи, ќе мора да ја стегне контролата врз медиумите и слободата на говорот.

  • Засилување на националистичката реторика:

За да ја одржи власта колку – толку стабилна, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја засили националистичката реторика, бидејќи нивниот коалициски партнер ВЛЕН бара продолжување на пристапните преговори со Брисел и отворање на уставна процедура за внесување на Бугарите во Уставот. Доколку остане на својата досегашна политика на конфронтација, премиерот ќе се разиде со интересите на граѓаните Албанци во земјата и парламентарната опозиција.

  • Засилување на популизмот:

За да се одржи на власт, во услови на конфронтација со европската и американската политика, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја засили својата популистичка реторика и да се сврти кон слични режими во соседството. Уште од сега, во обраќањата на лидерството на партијата се емитира пораката: народот тоа го сака, ние тоа го сакаме, значи ние сме народот, јас сум народот. На пример,  венецот положен неодамна во Рим без името на државата, од посматрачите е протолкувано како приватен венец на претседателката Гордана Сиљановска -Давкова, на што таа нема право.

  • Јакнење на авторитарните карактеристики на системот:

Младите демократии се склони кон изместување на власта од институциите кон центрите на неформална моќ. Нашата земја не е исклучок. Сега ВМРО-ДПМНЕ ќе ги засили тие авторитарни карактеристики. Во неколку изјави, Христијан Мицкоски рече дека не попушта пред бугарските ‘уцени’ и ќе го изговара името ‘Македонија’, провоцирајќи ја Атина. Неговата стратегија е дека, доколку не продолжиме со преговорите со ЕУ – а тоа не било ништо страшно – ќе сме се свртеле дома и ќе сме работеле на исполнување на Копенхашките критериуми, инвестиции, владеење на правото и борба со корупцијата, на најбрз и најефикасен начин. Тоа е невозможно без “цврста рака”. Уште отсега, Мицкоски во кампањата најави распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за да може ефикасно да се справи со корупцијата на претходната власт. Не е потребно ништо повеќе да каже, бидејќи судиите, или некои судии, ќе знаат кого треба да изберат и како да судат.

  • Ограничувачка па и недемократска нео-либерална стратегија:

Претседателката, која е тврд “македонист”, затскриен зад процедурализмот,  со своите изјави и постапки најавува една т.н. нео-либерална стратегија на изместување на најважните прашања на општеството, од сферата на политиката во правната сфера. Во тек на целата кампања таа тврдеше дека има доволно убедителни правни аргументи во Копенхашките критериуми, да ги собори или ревидира ОРД,  Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија како и т.н. „Француски предлог“. Во моментот кога стапна на функцијата претседател и се соочи со реакциите на меѓународната јавност, ја ублажи реториката, бидејќи овој легалистички етос не само што е прилично ограничувачки, туку е дури опасен за земјата.

  • Демократијата како владеење на мнозинството

Во контекст на нео-либерална стратегија спаѓа и промоција на демократијата исклучиво како владеење на мнозинството, за која одамна се залага претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, но и други интелектуалци кои му пружаат “научно” покритие на национализмот на мнозинството. На пример, во предизборната кампања, таа за Охридскиот рамковен договор и уставните амандмани изјави дека се привремено решение и дека ќе формира комисија од експерти, кои ќе работат на нов устав наместо овој ‘Франкенштајн устав’.

Национализмот победи!

Накусо, ваква голема изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска – Давкова на последните претседателски и собраниски избори се должи пред сè на изворната, но и намерно создадена загриженост и фрустрација на граѓаните заради отстапките направени кон албанската заедница во земјата, кон Грција и Бугарија, Вашингтон и Брисел. Во тек на кампањата а и пред тоа, Сиљановска – Давкова и Мицкоски овие договори ги нарекоа историски грешки за кои ќе се бара одговорност, понижување, виткање кичма, политика на пораз, попуштање, предавство на националните интереси итн.

Политиката на владите (главно на СДСМ и ДУИ) кои го водеа процесот на сообразување на земјата со реалностите во внатрешната и меѓународната политика, беше платена со голем изборен пораз.

Нема ништо полесно, поисплатливо и попопуларно од тоа да си националист. Безбедна и удобна позиција која, не за првпат, носи изборна победа. Една духовита дефиниција вели: „Национализмот само те учи како да мразиш луѓе што никогаш не си ги сретнал и да се гордееш со работи што немаат никаква врска со тебе“ [viii].

Линијата меѓу патриотизмот и национализмот е тенка, а во мултиетничко општество толку тенка што не се забележува кога ќе се премине. Американскиот професор и сенатор Патрик Мојнихен има убаво објаснување: “Во најпоетската експресија на патриотизмот, невозможно е да се разликува она што е најголема човечка доблест од најлошата човечка слабост-колективниот егоизам”[ix].

Во социјалната теорија, позната е тезата на Даниел Бел на пример[x], дека граѓаните што не можат да напредуваат вертикално во социјалната хиерархија, бараат вина во послабиот ‘друг’, кој е на исто рамниште на социјалната скала. Ако е потребна мобилизација и хомогенизација на групата,  обичниот ‘друг’, ќе се демонизира во  ‘непомирливиот друг’. Тоа се обично малцинствата, емигрантите, малцинските религиозни групи и сите ‘различни’ од доминантната култура.

Кај нас нема истражувања од овој тип, но веројатно го следиме овој тренд. Иако националистичкиот наратив секогаш се засилува во предизборните кампањи, кулминацијата е постигната на последните избори. Копјата се кршеа околу две теми, што директно ги засегаат меѓуетничките односи:

  1. Соседска и меѓународна политика
  2. Уставното уредување на земјата и Охридскиот рамковен договор (ОРД)
Соседска и меѓународна политика

Јасно е дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска – Давкова во поглед на меѓународната политика (внесување на бугарското малцинство во Уставот и ревидирање и/или укинување на договорите со Грција, Бугарија и „Францускиот предлог“ на ЕУ) ќе се размине со интересите на двете албански коалиции, кои бараат веднаш или во најскоро време да се надминат проблемите со соседите и да се продолжат преговорите со ЕУ. Стратегијата на Сиљановска – Давкова и Мицкоски која се оцрта за време на изборната кампања, да се опонира на Атина со употреба на името на државата како ‘Македонија’ и да се репреговара со Брисел околу условите во т.н. „Француски предлог“ е нереална, заради острите реакции кои доаѓаат од Атина, Софија, Брисел и Вашингтон.  Предупредувањата дека нови преговори не се реална опција и дека ќе биде блокиран нашиот пристап во ЕУ, се засилија по инаугуративниот говор на новата претседателка, кој е оценет како провокација или како потег „несреќен и за жалење”.

Политичката криза, која лесно се злоупотребува во меѓуетничките односи, се чини неизбежна заради тврдите, идентични ставови на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, доколку под меѓународен притисок не смекнат. Во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 од 9 мај 2024, Мицкоски рече дека нема намера да го поддржи т.н. „Француски предлог“ доколку не се додаде анекс, дека во моментот кога ќе влеземе во ЕУ, ќе започне уставната процедура за внесување на Бугарите во Уставот. На прашањето, што ако нема таков анекс, тој одговори: „Тогаш ќе се свртиме кон домашните задачи и ќе чекаме некој разумен да дојде од другата страна“[xi].

Со исто мислење е и претседателката на државата со образложение: „Бугарите и сега се заштитени бидејќи влегуваат под категоријата други, исто како што се Босанците, Хрватите во словенечкиот устав, таму само италијанската заедница е спомната’.(пост на Сиљановска – Давкова на социјалната мрежа X)

Во поглед на употреба на името на државата, исто така не постои разлика во ставовите меѓу претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и Христијан Мицкоски, дека тие имаат лично право во говорниот јазик да употребуваат ‘Македонија’. Еве неколку карактеристични изјави на Гордана Сиљановска – Давкова (објавени на мрежата X), која на инаугуративниот говор не го употреби уставното име на државата и предизвика дипломатски инцидент:

„Се што прифативте е погрешно“

„Преспанскиот договор е се уште правно и политички отворен“.

„Тоа „Северна …“ нека стои пред мене, меѓутоа јас кажувам, за мене тоа прашање нема да биде никогаш затворено!“

„Имам право на дигнитет. Да ми каже мене некој да употребувам Северна, нема тоа да го правам“

„Јас никогаш нема сама да употребам република Северна Македонија! Нема!“

Судејќи по овие изјави, тие немаат “излезна стратегија” и се заробеници на национализмот кои сами го предизвикаа. Со тек не време, особено ако земјата заостанува зад другите во регионот и јакне ‘македонизмот’, нашите сограѓани Албанци со право ќе се прашаат: Зошто сме заедно?

Уставното уредување на земјата и Охридскиот рамковен договор (ОРД)

Изборна тема која најдиректно ги засега односите меѓу заедниците во земјата е проблематизирање на Охридскиот рамковен договор и уставниот консоционален аранжман. Но за да се разбере говорот на одречување, кој понекогаш во кампањата преминуваше во говор на омраза, потребно е навраќање на тоа што претставува консоционализам и ‘споделување на власт’(power-sharing).

Во политичката наука познати се две главни традиции на либералната демократијата како систем заснован на принципот “владеење на народот”: либерализам 1 и либерализам 2.

‘Либерализмот 1’ (терминологија е на Чарлс Тејлор) на најсилен можен начин им се посветува на индивидуалните права, што претполага крајно неутрална држава без какви било колективни цели, културни или верски проекти кои одат подалеку од личната слобода, физичката сигурност, благосостојба и безбедност на нејзините граѓани. Таков пристап не одобрува колективни права на етничките заедници, туку го признава само принципот на мнозинството, еден граѓанин – еден глас.

‘Либерализмот 2’ допушта држава која му се посветува на напредокот на определена нација, култура или вера, или на ограничен број нации, култури и вери – сè додека се заштитени основните права на граѓаните кои имаат различни определби или воопшто немаат определби од тој вид. Самиот Тејлор го претпочита вториот вид либерализам. Тој е Канаѓанец и неговата теза е дека непризнавањето на другиот или неточното признавање може да нанесе штета, да биде начин на потчинување и да го затвори човекот во еден лажен, изобличен и редуциран облик на постоење.  „Луѓето како и групите имаат потреба од почит и признавање и државата треба да им понуди гаранции во таа насока“смета тој[xii].

Се поставува прашањето дали може и како да се примени овој концепт на либерална демократија во современи услови, каде секој вид на разноликост бара признавање и прераспределба на ресурсите.  Дали политиката на признавање на етницитетот не ја доведува во прашање автономијата на поединецот? Тоа се секако легитимни прашања, но заедничкиот став на оваа традиција е дека трајното исклучување на помалите заедници од пристапот до инструментите на власт, може да доведе до етнички конфликт.

На оваа традиција припаѓаат повеќе познати имиња од политичката теорија, Аренд Липхарт, Донал Хоровиц, Роберт Гур, Адриан Гуелке, Вил Кимлика, Милан Подунавац  и други.

Најпознат меѓу нив е Аренд Липхарт, американски професор од холандско потекло, кој се смета за татко на консоционалната демократија и системот на споделување на власта (power-sharing). Тој напишал повеќе книги во одбрана на овој модел, но местото кое ја допира суштината на проблемот на занемарените или дискриминирани малцинства, а кое не засега и нас како мултиетничко општество е ова: „Во плуралните општества, мнозинското управување создава мнозинско диктаторство и граѓански поделби повеќе отколку демократија. Она што на овие општества им треба е демократски систем кој му дава предност на консензусот наместо опозиција, кој повеќе вклучува одошто исклучува, кој се обидува да го зголеми обемот на владејачкото мнозинство наместо да се задоволи со просто мнозинство: консензуалната демократија“  (Lijphart 1984: 23)[xiii].

Постојат разлики во конкретните институционални решенија што ги нудат овие автори. Некои се повеќе интегративни, други повеќе федералистички, но суштината е иста: консоционализмот е исто толку демократска форма на владеење како и мнозинскиот систем, што треба да се подвлече, бидејќи во нашата политичка теорија и пракса овој модел се смета за помалку демократски од мнозинската демократија, базирана на принципот еден граѓанин – еден глас.

Ако се прашуваме дали ова не беше увидено по стекнувањето на независност на Македонија во 1991 година, ќе потсетам на зборовите на канадскиот професор Вил Кимлика[xiv], дека националните држави обично не се расположени да ја прошират правдата врз малцинските групи кои ги сметаат нелојални или закана за безбедноста. Неговиот заклучок, врз основа на студии на поединечни примери, укажува дека политиката на признавање и лингвистичката правда не можат автентично да пуштат корен во едно општество, сè додека базичниот страв околу лојалноста и безбедноста не се реши. Ова беше ситуација во Македонија, кога се конституира по 1991 година како национална држава на македонскиот народ со гарантирани права за малцинствата.

Дебатата за моделите на либералната демократија, не само што беше игнорирана во интелектуалните кругови кај нас, туку се сметаше непопуларно па и опасно да се доведува во прашање мнозинската демократија, устоличена со првиот устав на земјата. Речиси никој од науката не оспоруваше дека, под ‘владеење на народот’, се подразбира мнозинството етнички Македонци.

Политичките претставници на мнозинството како и академските кругови во Македонија, го фаворизираа либерализмот 1 или мајоритаризмот, заснован на принципот на политичка еднаквост на поединецот, како основен демократски принцип. Нивните аргументи во дебатата беа дека секој поединец носи иста тежина и дека секој глас е еднакво гласен. Тоа често се резимира како еден граѓанин – еден глас.

Дебатата во академските кругови околу оваа тема започна по гостиварскиот судир меѓу граѓаните и полицијата, од 9 јули 1997 година. Следната година, универзитетскиот професор Ѓорѓе Иванов ја бранеше својата докторска теза, во која ја отфрли можноста за успех на консоционалниот модел во Македонија. Дебатата доби во жестина по 2001 година. Најголемите критичари на ОРД и консоционалниот модел беа професорките Биљана Ванковска и Гордана Сиљановска – Давкова. Ванковска, на пример, тврдеше дека моделот на споделувањето на власта,  воведен со сила, нема да води кон интеграција и демократија туку кон дезинтеграција и регрес. Основниот аргумент на Сиљановска – Давкова тогаш, како и денес во изборната кампања, се состои во тврдењето дека основниот уставен принцип е да се установи систем во кој граѓанинот е носител на суверенитетот (демос), а не да биде заменет со колективитет (етнос).

Мнозински систем во земјата имаше од 1991 до 2001 година и тој потфрли.

Се разбира дека на академско ниво можат да се соочуваат аргументи за и против консоционалниот модел. Некои од упатените критики се на место, а можат да се додадат и други. Но она што во изборната кампања беше намерно потценето е дека овој модел овозможи мирно владеење последните дваесет години, акомодирање на етничките заедници и решавање на етничките тензии низ демократски процедури. Се подигна чувството на поголема еднаквост и правда, иако се разбира праксата не е секогаш во согласност со моделот.  Да се доведува во прашање ова уставно решение, како што тоа го правеше Христијан Мицкоски и особено Гордана Сиљановска – Давкова во предизборната кампања, е директно нарушување на меѓуетничките односи во земјата и нејзина дестабилизација.

Во текот на кампањата во повеќе наврати се критикуваше консоционализмот, и се ветуваше нов граѓански устав. Претседателката најави дека ќе формира експертска група за изработка на нов, модерен, граѓански устав;  дека овој претставува обична крпеница и ‘Франкештајн устав’, мислејќи на бројните амандмани усвоени по потпишување на Охридскиот рамковен договор. „Проблем е што имаме две влади во една, два парламенти кои немаат комуникација меѓу себе. Потребни ни се темелни уставни измени на овој “франкенштајн” од Устав“, изјави таа на телевизиската дебата на претседателските кандидати на МТВ на 21 април 2024.

За да се поткопа легитимитетот на уставниот модел на ‘споделување на власта’ , кампањата се одвиваше околу теми пласирани во националистичка реторика. Најуспешна се покажа онаа која тврдеше дека Албанците ни ја преземале државата, дека се тие ‘газди во куќата’, дека се Македонците ‘потстанари’ а дека во коалициската влада СДСМ е ‘измеќар’ на ДУИ. Изборниот слоган “Македонија повторно твоја” се однесува на овој контекст, вклучувајќи го и “вазалството” кон Вашингтон и Брисел.  Иако наводното изместување на власта од мнозинството во рацете на малцинството, се именуваше како “ДУИ-зам”, всушност се работеше за една анти-албанска платформа, која се прошири во општеството до мерка што секоја друга стратегија е прогласена за предавничка.

На Форумот „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“, поглаварот на МПЦ, г-дин Стефан ќе рече во овој контекст: „Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште многу пострашно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија што улога е да ја заштитува паствата од волците“[xv].

Албанофобијата не е нова појава. Партијата ВМРО-ДПМНЕ својата прва изборна кампања во 1990 ја водеше како албанофобска, анти-комунистичка и анти-српска.

Христијан Мицкоски, на пример, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 изјави: „Сега ни се случува, малцинското население да одлучува за мнозинското и тоа по клучни идентитетски прашања“.

Во истото интервју, Мицкоски зборува за перцепцијата на граѓаните. Државата им била одземена и затоа ВМРО-ДПМНЕ освои 437 000 гласа и 58 мандати. Тој се прашува, до кога ќе живееме во општество каде што малцинството ќе го владее мнозинството?

Со слична изјава настапи и поранешниот пратеник Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ„Целата власт беше оставена на ДУИ,….Тоа е безвластие…Најбитна работа е дека ДУИ си дозволи да води процеси кои се однесуваат на македонската нација…Не може некој да влезе кај мене дома и да ми кажува ова можеш, ова не можеш…“[xvi].

Оспорување на легитимитетот на консоционалниот уставен аранжман, се гледа и по жестокиот напад во предизборната кампања на т.н. балансер, алатка за спроведување на уставната одредба за правична застапеност.

Балансерот не е и не може да биде идеална алатка. Секако во пракса се злоупотребува. Но не е точно, како што се тврдеше во кампањата, дека не се води грижа за квалитетот на кандидатите. Иако однапред се утврдени местата во јавната администрација што припаѓаат на помалите заедници, сите објавени конкурси бараат критериуми според мерит – системот. Потребни се натамошни истражувања што е добро а што лошо во овој систем, но генералните напади на балансерот се наменети за дискредитација на уставниот принцип на правична застапеност. Претседателката Сиљановска – Давкова во една прилика во тек на предизборната кампања изјави: „Треба да престанеме со погрешната примена на правичната и соодветна застапеност.  И во Рамковниот договор прво пишува стручност и компетентност, а потоа каква било застапеност.“.

Епилог

Епилогот, според мене е прилично поразувачки но истовремено и отрезнувачки. Тој зборува за една длабоко фрустрирана нација, која има објективни причини за огорченост, но, исто така, таа огорченост намерно се подгрева од разни политички претприемачи, за да се дојде и остане на власт.  Цената на отрезнувањето ќе биде висока и ќе ја платиме сите ние, граѓаните. Бидејќи сега власта, тука пред сè мислам на ВМРО-ДПМНЕ, треба самата да се соочи со фактот дека политиката не е празен лист хартија и дека во меѓународните односи често доминира моќта/силата над формалната еднаквост на државите.

Во наредниот период граѓаните треба да се уверат дека отстапките што земјата ги направила од 1991 до денес, а кои се прогласени од националистите за предавство и историски грешки,  се всушност успеси кои ја стабилизираа државата и овозможија да ја зголеми својата безбедност.

Во тек на изборната кампања преовладуваше националистичкиот наратив и реторика, особено од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Од страна на Христијан Мицкоски и претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска – Давкова таа националистичка реторика беше насочена кон оспорување на меѓународните договори и поткопување на легитимитетот на ОРД и Уставот. ВЛЕН од своја страна излезе со програма, која исто така е оспорување на уставниот модел на консоционализмот и е насочена кон проширување на колективните права на албанската заедница, надвор од уставните решенија.

Се разбира, Уставот не е табу тема. Тој се менувал и може да се менува во согласност со реалните потреби на граѓаните. Оваа анализа само укажува дека национализмот ги оддалечува граѓаните од различна националност едни од  други. Исто така, укажува дека секоја амандманска промена на Уставот бара соодветна процедура, инаку сè друго е кревање на меѓуетничките тензии во општеството.

Конфронтацијата на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова со соседите, Брисел и Вашингтон околу договорот од Преспа и договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, ги усложнува меѓуетничките односи, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ бара време за нови преговори а коалицијата ВЛЕН и останатите парламентарни партии во опозиција,  бараат продолжување на преговорите со ЕУ што е можно побргу.

Се чини дека големата изборна победа на националистите, може да се покаже горчлива.

 

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Избрана литература

Guelke Adrian(2012). Deeply Divided Societies. Polity

Bell Daniel(1962). The End of Ideology, Free Press, New York

Lijphart Arend.(1984).  Democracies-Patterns of Majoritarian and Consensus Government in Twenty-One Countries. Yale University Press

Lijphart Arend(1977). Democracy in Plural Societies: A comparative Exploration. New Haven and London, Yale University Press

Horowitz Donald. Ethnic Groups in Conflict. University of California Press

Kymlicka, W.  (2002). Multiculturalism and Minority Rights: West and East. Journal on Ethnopolitics and Minority Issues in Europe, 4, 1-26.

Moynihan Daniel Patrick(1993). Pandemonium: Ethnicity in International Politics. Oxford: Oxford University Press

Fukuyama Francis (1992) The End of History and the Last Man, Free Press

Podunavac Milan (2002) Fear and Politics, New Balkan Politics 2/2002

Sisk Timoty D.(1996) Power-sharing and international mediation in ethic conflicts. USIP, Washington, D.C. 1996

Тејлор Чарлс(2004). Мултикултураизам. Евро Балкан,  2004

Siljanovska Gordana (2006) Globalisation, Democracy and Constitutional Engineering as Mechanism for Resolving Ethnic Conflict. www.enelsyn.gr/papers/w6/

Vankovska Biljana (2011) Nova Makedonija, 15.8.2011.

 

Референци и извори:

[i] Билал Касами во „360  степени“, 27 мај 2024, https://www.youtube.com/watch?v=puaAgL8txM4

[ii] Изет Меџити во „Тема на денот“, ТВ Сител, 30 април 2024, достапно на https://www.youtube.com/watch?v=I9XK-TY3-UY

[iii] Се формира нова албанска партија – Што ветува „Самоопределување“ во Македонија?, Фактор, 15 март 2023, достапно на: https://faktor.mk/se-formira-nova-albanska-partija—shto-vetuva-samoopredeluvanje-vo-makedonija

[iv] План 2030, Влен, достапно на https://vlen.eu/wp-content/uploads/2024/04/Programi-VLEN.pdf

[v] Интервју на Христијан Мицкоски во „Само вистина“ на Канал 5, 9 мај 2024, достапно на https://www.youtube.com/watch?v=FQxdQFFGR3I

[vi] Антонијо Милошоски во Топ Тема на ТВ Телма, 27 мај 2024, достапно на https://www.youtube.com/watch?v=_bNHCKg5_84

[vii] Александар Спасеновски на „Заспиј ако можеш“, ТВ Алфа, 28 мај 2024, достапно на https://www.youtube.com/watch?v=UWZ9V18HW14

[viii] Дефиницијата е позајмена од текстот на Јане Алтипармаков, во Фронтлајн. Тој  го цитира американскиот комичар Даглас Даг Стенхоуп

[ix] Moynihan Daniel Patrick(1993). Pandemonium: Ethnicity in International Politics. Oxford: Oxford University Press

[x] Bell Daniel(1962). The End of Ideology, Free Press, New York

[xi] Христијан Мицкоски во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, 09.05.2024, достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=kgIkxwxmOyM&t=1661s

[xii] Тејлор Чарлс(2004). Мултикултурализам. Евро Балкан,  2004

[xiii] Lijphart Arend.(1984).  Democracies-Patterns of Majoritarian and Consensus Government in Twenty-One Countries. Yale University Press

[xiv] Kymlicka, W.  (2002). Multiculturalism and Minority Rights: West and East. Journal on Ethnopolitics and Minority Issues in Europe, 4, 1-26.

[xv] Форум: „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ – пресуден момент да ја сочуваме унитарноста, извор ТВ Алфа, 14.03.2024, достапно на https://www.youtube.com/watch?v=_wVb2fEj1mA

[xvi] Илија Димовски, интервју во „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, 23.05.2024, достапно на: https://www.youtube.com/watch?v=ielsk298SNg

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.

Latest Posts

Не пропуштај