More

    Вистиномер: Како Русија ги поврзува Украина и Западот со атентатот на Фицо

    Про-Кремљ дезинформациски наративи, кои ги обвинуваат Украина и Западот за обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо, потсетуваат на истите обвинувања за терористичкиот напад на Градското собрание Крокус во Москва, за што Вистиномер веќе пишуваше. Овие неосновани дезинформациски стории се дел од пошироката кампања на руски официјални претставници и медиуми, вклучително и на самиот Владимир Путин, да ги обвинат Украина, НАТО и другите актери за двата нападa, посочува EUvsDesinfo

     

    Пишува: Ана Анастасовска

     

    Во градот Хандалови во Словачка, на 15 мај 2024 година, беше нападнат словачкиот премиер Роберт Фицо. Тој беше застрелан пред зградата каде имал состанок и со денови беше во критична здравствена состојба. Напаѓачот беше уапсен на лице место, а инцидентот набрзо стана предмет на интензивно медиумско покривање и дискусии на социјалните мрежи. Нападот врз Фицо набрзо го осудија официјални лица од Словачка, европските земји, како и од земјите ширум светот.

    Во деновите по атентатот, на социјалните мрежи и во медиумите, како во Словачка и регионот, така и кај нас, почнаа да се нудат разни „објаснувања“, меѓу кои и „теории на заговор“ за обидот за атентат. Едно од најпопуларните беше дека атентатот на Фицо бил резултат на неговото одбивање да го поддржи  „договорот за пандемијата“ на Светската здравствена организација, како и дека најавил истрага за пандемијата и смртните случаи од вакцините против ковид.

    Проверувачите на факти од порталот Lead Storiesутврдија дека тоа не е точно. Како што им потврдил портпаролот на СЗО, договорот за пандемијата не е финализиран. Иако Фицо изрази критички ставови за нацрт-договорот каков што беше кон крајот на минатата година, Lead Stories не најде докази на веб-страницата на владата или на друго место дека Фицо јавно го отфрли меѓународниот договор. Договорот допрва треба да биде финализиран, тоа се очекува да се случи на 77. Светско здравствено собрание во Женева кое се одржува во Женева, Швајцарија од 27 мај до 1 јуни 2024 година.

    Роберт Фицо 2015 г. Фото: Flickr/European Council

    Словачкиот дневен весник Denník N пишува дека обидот за атентат на Фицо во моментов е „централна тема на дезинформациската сцена во Словачка и во странство“. Содржините се однесуваат на мотивот на сторителот, неговите сегашни и поранешни политички симпатии или текот на самиот атентат.

    Додека словачката дезинформациска сцена се обидува да го поврзе сторителот со Прогресивна Словачка и со опозицијата, во странство одекнува тврдењето дека атентатот е одмазда за одбивањето на премиерот да го поддржи новиот меѓународен договор за пандемија на Светската здравствена организација (СЗО) или членството на Украина во НАТО, пишува словачкиот весник.

    Русија дезинформира дека Украина стои зад атентатот на Фицо

    Само неколку минути по објавувањето на веста дека словачкиот премиер Роберт Фицо бил застрелан, широко распространета руска дезинформациска кампања се пренасочи за да се обвини Украина за обидот за атентат. Таквите наративи беа раширени од страна на државните руски медиуми, како и популарни про-Кремљ канали на Телеграм и бот-сметки на социјалната мрежа Икс.

    Она што изгледаше како координирана кампања за дезинформации што ја започна руската влада веднаш по пукањето – дури и пред официјално да биде идентификуван напаѓачот, покажува колку Кремљ е подготвен да ги искористи длабоките политички поделби во Европа, анализира порталот Вајрд.

    Други десничарски фигури ширум светот го следеа водството на Русија, зголемувајќи ги наводите за вмешаноста на Украина, како и поставувајќи уште погрозоморни заговори за тоа кој стои зад нападот.

    Клучниот дел од руската кампања вклучува бот сметки поврзани со неавтентичната мрежа Doppelganger, која експлицитно ја обвини Украина за нападот и покрај тоа што нема докази за поткрепување на ова тврдење.

    Мрежата Допелгангер беше само еден дел од поширокиот сет алатки на рускиот апарат за дезинформации, во кој беа вклучени и државни медиуми. Насловите за нападот на Фицо во руските публикации го истакнаа неговото противење за поддршка на Украина. Во една статија објавена на насловната страница на една веб-страница, се наведени десетици цитати на Фицо кои ја критикуваат помошта за Украина и го бранат правото на Русија да ја нападне земјата, пишува Вајрд.

    Проруските дезинформативни наративи дека Украина и Западот стојат зад атентатот на Фицо се раширија и кај нас.

    Па така, во една објава се вели:

    Моментот на обидот за атентат врз Словачкиот премиер Р. Фицо. Фицо е во стабилна и контактибилен состојба, моментално на операција во Б.Бистрица. Атентаторот е член на “Прогресивна Словачка“. Соросоидите тука се Авангарда…

    Во друга објава пишува:

    Кој има корист од обидот за атентат врз Фичо? Словачкиот премиер Фицо – пред два месеци:

    „Се обидуваме да ја отвориме темата за итен прекин на огнот, борби и почеток на преговорите. Мислам дека е подобро да се бориме на преговарачка маса 10 години отколку да ги оставиме Русите и Украинците да се убиваат 10 години.

    Прашањето е: кој што сака? Ми се чини дека Западот исклучително ја поддржува оваа војна. Оваа порака се појави во 2022 година, кога некои западни земји ја одвратија Украина да потпише мировен договор со Русија, велат тие, ќе ја искористиме војната во Украина за да ја ослабиме Русија, ќе обезбедиме воена и економска поддршка за помошта на Украина, ќе воведеме санкции против Русија и ја ослабуваат Русија како таква на меѓународно ниво, политички, економски и финансиски.

    Во трета објава се тврди:

    Нови детали за атентатот на Фицо: напаѓачот ја поддржувал Украина, сакал да му се одмазди на словачкиот премиер

    За среќа, нападот врз Роберт Фицо не заврши со политичко убиство, пишува EUvsDisinfo во својата анализа. Сепак, про-Кремљ системот ја искористи ситуацијата како повод да шири злобни заговори од типот дека зад нападот стои глобалистичката ЕУ , или дека терористи спонзорирани од НАТО и Украина стојат зад обидот за атентат. Алтернативно, гласноговорникот на Кремљ, Владимир Соловјов, ги виде работите од поширока перспектива заедно со неодамнешната хеликоптерска несреќа во Иран, па коментираше „тоа се Англосаксонците!“ Или, како што заклучи руската амбасада во Египет: „Западот дојде до точка каде што се обидува да ги убие политичарите кои се противат на војната со Русија до која дојде поради Вашингтон“.

    Про-Кремљ дезинформациски наративи кои ги обвинуваат Украина и Западот за обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо потсетуваат на истите обвинувања за терористичкиот напад на салата Крокус во Москва, за што Вистиномер веќе пишуваше.

    Овие неосновани дезинформациски стории се дел од пошироката кампања на руски официјални претставници и медиуми – вклучително и на самиот Владимир Путин, да ги обвинат Украина, НАТО и другите актери за двата напада, посочуваEUvsDesinfo.

    Беа изнесени недокажани тврдења дека стрелецот е поврзан со партијата Прогресивна Словачка (што го поврзува и со ЕУ и ЛГБТК+ движењата), дека е поранешен член на разузнавачката служба на бившата  комунистичка држава (Чехословачка н.з.),или  дека неговиот насилен чин бил усогласен со други луѓе, а не е насилство на „волк-самец“, како што го опишаа локалните власти. Проруските профили на социјалните мрежи, а подоцна и про-Кремљ медиумите, дополнително го зачинија полето на дезинформации со тврдењето дека сопругата на напаѓачот е украинска бегалка.

    Како што веќе пишуваше Вистиномер, некои тврдеа дека атентаторот врз словачкиот премиер Роберт Фицо е Украинец, но откако се дозна дека осомничен за тоа е Словакот Јурај Цинтула, се премина на тврдењето дека неговата сопруга е Украинка и дека таа влијаела врз него да го изврши атентатот, затоа што Фицо е проруски настроен. Но, тоа го демантираше шефот на словачката полиција Љубомир Солак, што беше пренесено и на Фејсбук страната на словачкото МВР за борба против лажните вести.

    Овие дезинформации од Кремљ се можеби контраодговор на тврдењата на некои прозападни извори дека Цинтула бил член на проруското движење Словачки Бранци. Словачкото МВР тоа го демантираше, но потврди дека тој порано учествувал на нивен собир, а можеби подоцна ги променил ставовите. Несакајќи да биде доведувана во врска со атентаторот, Русија сега тврди дека Цинтула е проукраински настроен, па се појави клип во кој едно лице, за кое се тврди дека е Цинтула, изразува поддршка за Украина, а излезе и тврдење дека тој членувал во проевропската и либерална партија Прогресивна Словачка, но нејзиниот лидер тоа го демантираше. Се појави и фотографија, на која Цинтула е наводно со таткото на лидерот на партијата, но се откри дека тоа е некое друго лице.

     

    Кој е напаѓачот на Фицо?

    Како што објавија словачките медиуми, напаѓачот на Фицо е 71-годишниот Јурај Цинтула, кој самиот се нарекува  писател, претходно работел како чувар и наводно е поврзан со проруската група Словенски бранци.

    Јуриј Цинтула. Фото: ФБ профил на Словачки Бранци/2016 г.

    Според дневниот весник „Денник Н“, осомничениот сторител е самонаречен писател од малиот западен град Левице и е основач на литературниот клуб „Виножито“.

    Унгарскиот истражувачки новинар Шаболч Пањи откри објави на Фејсбук на кои, наводно, Цинтула е симпатизер и поддржувач на проруската паравоена група Словачки Бранци, позната по своите врски со Кремљ.

    Словачки Бранци е обвинета за обид за регрутирање млади луѓе низ Словачка за нејзината паравоена организација. Во објава од јануари 2016 година, Цинтула се гледа како држи говор до членовите на групата облечени во камуфлажа.

    Цинтула, наводно, поседувал дозвола за оружје и претходно работел како чувар во приватна фирма за обезбедување каде што и самиот бил цел на напад во трговски центар.

    71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој го застрела словачкиот премиер Роберт Фицо, изјавил дека тоа го направил затоа што не се согласувал со владината политика. Во видеото кое почна да кружи на интернет неколку часа по пукањето, Цинтула може да се види во притвор како вели дека не се согласува со политиката на владата, особено со, како што рече, „ликвидацијата“ на медиумите. Не е јасно кој го снимил видеото и како е објавено.

    Не се согласувам со политиката на владата. На крајот на краиштата, мас-медиумите се ликвидираат. Зошто беше нападната Радио-телевизија Словачка (РТВС)? Зошто беше разрешен судијата Мазак (поранешен претседател на Судскиот совет)?,наводно рекол Цинтула.

    Како што анализира британски „Гардијан“, врз основа на првите достапни информации, напаѓачот на Фицо, Цинтула, беше опишан како контрадикторна личност: критичар на Фицо кој се борел против насилството, а исто така, повремено се идентификуваше со ултранационалистичките наративи. Во видеото на Јутјуб од 2015 година, тој рече дека заедно со други луѓе основал „група против насилство“ во Левице, а една година подоцна бил снимен на состанок заедно со крајната проруска паравоена организација „Словак конскрипт“. Во своето пишување, тој понекогаш допираше и антиимигрантски наративи. Во февруари годинава, Цинтула беше фотографиран како се придружува на протестот во Братислава против предложените измени во кривичниот законик од Фицо.

    По атентатот на Фицо, политичарите се обидуваат да ги контролираат вжештените политички страсти и бараат да се стави крај на реториката со омраза. Министерот Шутај Ешток ги повика медиумите да престанат да им даваат простор на ширителите на теории на заговор, измами, како и на кандидатите за европските избори кои ја користат ситуацијата за политички цели. Според министерот, полицијата истражува 32 осомничени кои го поддржале нападот на социјалните мрежи.

    Дека ситуацијата е сериозна сведочи и апелот на Европската унија, која ги повика дигиталните платформи, вклучително и Фејсбук и ТикТок, да се борат против секое ширење на дезинформации врз основа на видеото од пукањето на словачкиот премиер.

    Извор: Вистиномер.мк

    Фотографија: Sarajevotimes.com, 2024

    Exit mobile version