Последни написи

Вистиномер: Измислена изјава на Коѕијас за Преспанскиот договор се споделува на социјалните мрежи

Во колумната што ја напиша за Катимерини поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас, на ниту едно место не пишува дека тој избришал нешто, а камоли дека ја избришал целата наша држава. Тој воопшто во текстот не спомнува ниту традиција, ниту култура, ниту вредности. Ова е целосно измислена изјава која што тој ја нема кажано. И ваква измислена изјава се споделува во многу сензитивен период, кога повторно тема во јавноста е Договорот од Преспа

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук споделена е наводна изјава на поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас која што тој никогаш не ја кажал, ниту напишал. Ваквата изјава беше пренесена од повеќе различни профили тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука.

Официјална изјава, има ли одговор од душегрижникот Бујар Османи!?, пишува во објавата.

По одржувањето на парламентарните и претседателските избори кај нас, со кои е извесна промената на власт, не престануваат реакциите во однос на Договорот од Преспа. Ова се засили откако новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова, додека ја даваше заклетвата во Собранието не изговори „Република Северна Македонија“ туку само „Македонија“. Иако таа ја потпиша заклетвата со новото име на државата, сепак имаше наплив на реакции од сите страни кои што се уште траат, а многу од тие реакции доаѓаат од грчка страна.

Но, во вакво сензитивно време многу е важно сите реакции, изјави и коментари да се споделуваат точно и прецизно, особено ако доаѓаат од друга држава со која што имаме или сме имале спор, се со цел да не се додава масло на огнот и да се разгорува нетрпеливост без потреба.

Еден ваков пример, на разгорување на страст непотребно, е споделувањето на изјава на поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас кој што тој не ја кажал. Имено, Коѕијас, кој е и еден од потписниците на Преспанскиот договор заедно со македонскиот поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров, се најде „на тапет“ дека кажал нешто што не е вистина. На објавата која што е предмет на оваа рецензија е споделен исечок од медиумски наслов и притоа во текстот на објавата се тврди дека ова е официјална изјава. Насловот на исечокот гласи „Коѕијас за Преспанскиот: Со еден договор избришав една држава и еден народ со целата негова историја, традиција, култура и вредности!“. Ова не е точно, Коѕијас ниту сега, ниту било кога дал ваква навредлива изјава.

Пребарувањето на насловот не носи до објава на веб-порталот Експрес кој има објавено текст со истиот, неточен наслов. Во текстот се вели дека Коѕијас наводно ја дал оваа изјава за грчкиот весник Катимерини односно во неговата колумна посветена на Преспанскиот договор и неговата важност.

Но, кога ќе се прочита целата колумна објавена на Катимерини, јасно е дека Коѕијас не ги напишал овие зборови во колумната, ниту пак, некаде ги изговорил. Напротив, тој зборува како Договорот е основа за подобрување на односите помеѓу двете земји.

Не само што Договорот од Преспа ги реши проблемите наследени од минатото, туку и беше пионер на позитивна агенда за соработка и подобрување на односите меѓу двата народи. Тоа значи соработка на секое поле, како што се економијата, културата и истражувањето, и низ различни тела: здруженија, синдикати, универзитети, јавни институции итн….Договорот од Преспа беше фокусиран на граѓаните на двете земји, на нивните права, на олеснување на соработката меѓу нив и нивните граѓански општества, на зајакнување на демократијата во регионот и на поддршка на демократските реформи во Северна Македонија. Тој понуди огромна поддршка за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Грција сакаше и сè уште сака Западен Балкан цврсто да ги остави зад себе старите поделби и неодамнешните конфликти, пишува Коѕијас во колумната.

Никаде во текстот не пишува дека Коѕијас избришал нешто, а камоли дека избришал цела држава. Тој воопшто во текстот не спомнува ниту традиција, ниту култура ниту вредности. Ова е целосно измислена изјава која што тој ја нема кажано. И ваква измислена изјава се споделува во многу сензитивен период, кога повторно тема во јавноста е Договорот од Преспа.

Затоа оваа објава ја оценуваме како невистинита.

Извор: Вистиномер.мк

Фотографија: Ekathimerini.com, 2018

 

Latest Posts

Не пропуштај