Телефонскиот број од кој пристигнува смс-пораката е од странство, а пишува дека Владата на РСМ нуди додаток од 6.150 денари, при што оставен е линк на кој треба да кликнат граѓаните, а потоа им се бара број од дебитната/кредитната картичка
Измамнички СМС-пораки кои наводно нудат парична помош од Владата деновиве им пристигнуваат на мобилните телефони на граѓаните, со барање да ги остават нивните лични податоци и информации за кредитните/дебитните картички. Од Владата велат дека немаат испратено пораки за никаков „надомест“, а граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб-страницата. Случајот е веќе пријавен и соодветни служби постапуваат по истиот.
„Ја информираме јавноста дека Владата на Република Северна Македонија НЕМА испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови, станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат. Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле“, велат од Владата.
Оттаму апелираат граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци.
„Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот“, велат од Владата.
Инаку, телефонскиот број од кој пристигнува СМС-пораката е од странство, а во пораката пишува дека Владата нуди „нов додаток“ од 6.150 денари, при што оставен е линк на кој треба да кликнат граѓаните.
Доколку го сторат ова, линкот ќе ги однесе кон веб-страница на која го има логото на Владата на Република Северна Македонија кое делува сосема автентично, каде што пишува дека е воведен додаток „како дел од мерките насочени кон зајакнување на куповната моќ на домаќинствата“, односно „за растеретување на нашите граѓани за време на оваа инфлација“. Воедно, се потенцира дека „додатокот се плаќа по жител, а не по домаќинство“.
Потоа, се бараат лични податоци на граѓаните, односно име и презиме, адреса и број на картичка, каде што на крајот стои опцијата „плати“.
Проверките покажуваат дека оваа веб-страница е креирана вчера (19 мај 2024 година), во Холандија, со важност од една година. Веб-страницата која има за цел да ги измами граѓаните и да им повлече пари од нивните сметки е креирана од страна на извесна организација „Raphaelvlada“.
„Фишингот“ стана сè почест облик на измама, каде што неовластени корисници преку користење лажни пораки од елекетронска пошта или лажни веб страници се обидуваат да дојдат до лични податоци или пак да извлечат пари од сметките на луѓето. Во пораките тие најчесто се повикуваат на лажни веб страници, кои според изгледот целосно одговараат на веб страниците на легитимните компании или државни институции.
Вакви и слични фишинг напади во земјава имаше и со веб-страницата на Пошта на Северна Македонија, каде што се бараа лични податоци на граѓаните за доставување на извесна пратка. На оваа измама наседнаа голем број граѓани кои чекаа пратки од странство.
Единствениот начин граѓаните да се заштитат од фишинг нападите е да не кликаат на сомнителните линкови и веднаш да ја избришат СМС-пораката или електронската пошта.
Извор: Мета.мк