Последни написи

Вест на денот: ДИК прифати седум приговори, партиите реагираат, одлука за прегласување по исходот од тужбите до Управниот суд

Државната изборна комисија прифати седум од поднесените 27 приговори од политичките партии, па затоа следеа реакции од политичките партии, кои најавија тужби против одлуките на ДИК до Управен суд. Одлука за прегласување ќе има дури откако Управниот суд ќе се произнесе за сите поднесени тужби. 

До Државната изборна комисија се поднесени 27 приговори од политичките партии, девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Од тие, ДИК уважи седум приговори од коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Вреди и утврди нерегуларности за текот на гласањето и броењето гласови во петтата и шестата изборна единица. 

Според коалицијата Вреди, одлуката на ДИК потврдува дека Европскиот фронт се обидел незаконски да влијае врз изборниот резултат. „Тие се во паника. Не само што ќе си заминат во опозиција, туку и ќе одговараат за злоупотребите и кршењето на законите, но и затоа што вчера, со отварање на кутиите, се докажа дека преку злоупотреба на механизмите на власт, закани, уцени, притисоци и бугарскиот воз, се обиделе да ја нарушат волјата на народот и изборниот резултат, вели портпаролот на коалицијата „Вреди“, Фатмир Сабриу. 

Европскиот фронт обвини за изборен инженеринг и најавија тужби до Управен суд. Елми Азири од „Европски фронт“ на денешната прес-конференција информира дека до Управниот суд ќе ги обжалат донесените одлуки за приговорите што се однесуваат за петтата и шестата изборна единица: – „Ве известуваме дека веќе ги алармиравме сите надлежни институции и меѓународниот фактор бидејќи имаме точни информации дека во петокот преку политички притисок им биле дадени партиски инструкции на членовите на Државната изборна комисија од нивното седиште. Нагласуваме дека овие дејствија претставуваат кривични дела и „Европскиот фронт“ ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги искористи сите демократски форми за заштита на слободниот глас на граѓаните. Во таа насока, ве известуваме дека веднаш по донесувањето на одлуката истото ќе го обжалиме и до Управниот суд“. 

За изборните резултати денес реагираше и Стевчо Јакимовски од коалицијата  „Храбро за Македонија, кој изјави дека „Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласови и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии кои немаат набљудувачи на гласачките места е правен и во претходните изборни циклуси.“ и најави тужба до Управниот суд. Портпаролката на ДИК Радица Тодоровска Алексовска изјави дека „од коалицијата предводена од ГРОМ немаше пристигнат ниеден приговор.“

ДИК ќе носи одлуки за прегласување дури после исходот од тужбите до Управниот суд. „Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. После одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите“, објасни портпаролката на ДИК, а потоа следи и одлука дали прегласување би можело да влијае на распределба на мандатите. 

Latest Posts

Не пропуштај