More

    Бугарските медиуми за изборите во Македонија: Македонија поблизу до српскиот и рускиот свет, отколку до европскиот свет

    Изборите во Македонија се една од темите, за кои последниве неколку денови се известуваше интензивно и во бугарските медиуми. Доминираа ставови на политичари и аналитичари кои сметаат дека со овие резултати, политиката на Македонија ќе се доближи до онаа на Србија и Русија и дека ќе се засили анти-бугарската реторика.

    На денот на изборите, на БТВ беше акцентирана пораката: „Љубчо Георгиевски на БТВ: ВМРО-ДПМНЕ тешко ќе се откаже од антибугарскиот говор“, со следната изјава на поранешниот македонски премиер: „ВМРО-ДПМНЕ, ама не само ВМРО-ДПМНЕ, доста долго, три години, својата политика ја темелат на таа анти-бугарска нијанса, односно, анти Францускиот предлог, анти вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, меѓутоа, мислам дека тие премногу отидоа далеку за да можат толку лесно да се вратат назад, во својата реторика.“

    Во пренесената изјава, Георгиевски прогнозираше дека Македонија овие избори ќе биде многу поблизу до српскиот свет, отколку до европскиот свет: „И за жал, можам да ви кажам, дека како што е расположението сега, очигледно ние ќе имаме ситуација каде што Македонија после овие избори ќе биде многу поблизу до српскиот свет, отколку до европскиот свет“. Освен тоа, медиумски беше акцентирана и изјавата на Георгиевски: „Љубчо Георгиевски: Изборите во Северна Македонија се триумф на српската политика“.

    Неколку други бугарски медиуми ја пренесоа изјавата на Иван Николов за ДЕБАТИ.БГ: „Без разлика кој ќе биде на власт во РСМ, антибугарската мантра ќе остане“, како и изјавите на бугарската „ВМРО: Изборите во РСМ ги донесоа на власт најантиевропските и антибугарските сили“. Медиумите ги нагласија и тврдењата на „Политико“: Во Скопје на власт доаѓаат проруски националисти, следуваат тензии со Бугарија и Грција.

    Во анализата на Днес.бг од 9 мај „Ќе ја смени ли РСМ политиката кон Бугарија по победата на Силјановска?“, се акцентира и ставот на Владимир Перев: „Немам доверба дека ќе направи позитивен потег кон нас“, чија изјава дека „вклучувањето на Бугарите во Уставот ќе биде многу тешко, речиси невозможно“, беше пренесена и од други медиуми.

    Во изјава за друг медиум, Перев прогнозира дека антибугарската реторика ќе остане уште долго: „ВМРО-ДПМНЕ знае дека само со антибугарска реторика ќе остане на власт, бидејќи ако почне да решава некое од прашањата меѓу Бугарија и РСМ, ќе дојдат до израз други проблеми – со финансиите, со енергетиката, со недостатокот на странски инвестиции. Така антибугарската реторика ќе остане уште долго“.

    Од друга страна, кандидатот на ГЕРБ за Европскиот парламент, Андреј Ковачев изрази надеж дека победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Северна Македонија ќе придонесе за подобрување на нивните односи со Бугарија (Андреј Ковачев по гласањето во РСМ: Да не навлегуваме во спирала на безумни расправии од пред 100 години!).

    Медиумите пренесоа и акценти од гостувањето на сопственикот на БГНЕС, Љубчо Нешков на националната телевизија БНТ: „Љубчо Нешков за изборите во РСМ: Скопје тргна по патот на српскиот и рускиот свет“, во кое тој нагласил дека „Македонија тргна по патот на српскиот и рускиот свет. Македонија се самоблокира за членство во ЕУ. Таму немаше проевропски сили“.

    На 10 мај, БТВ поставува прашање: „Скопје по изборите: Дали Северна Македонија се оддалечува од членството во ЕУ?“, а „Сега“ дава одговор: „На пат кон Брисел, РС Македонија оди само до Белград“: „РС Македонија се соочи со тежок избор: Европската унија (заедно со Бугарија во неа) – или надвор од ЕУ, но заедно со Србија. Таа го избра второто. Првите зборови на Гордана Силјановска по гласањето беа дека нема потреба да се внесуваат Бугарите во уставот, бидејќи тие се заштитени под графата „други“ во преамбулата… Свртувањето кон Србија може да значи и свртување кон Русија, што ќе предизвика голем гнев во Брисел и леден однос кон амбициите на Скопје за Европа.“

    Повеќе медиуми ја пренесоа и изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како реакција на изјавата на Главчев, на која се надоврза изјавата на „Пеевски: Нема да дозволиме Бугарија да се користи за внатрешно-политички цели во РСМ“.

    Од насловите во бугарските медиуми кои акцентираат изјави на експерти, ги издвојуваме: Владимир Владимиров: Србија никогаш не би дозволила Северна Македонија да стане членка на ЕУ пред неа (кој тврди дека Србија ги добила изборите во Македонија), Огњан Минчев: Антибугарскиот патос на Силјановска ќе се префрли на нејзината политика кон Бугарија („Проширувањето на влијанието на оската Будимпешта-Белград кон Скопје ќе има негативно геополитичко влијание врз целиот балкански регион“), и Николај Крастев за FrogNews: Некој пак сака да го измеша балканското домино. Победата на ВМРО-ДПМНЕ е победа на руската политика („Русија има свој интерес да донесе дел од конфликтот во Украина на Западен Балкан. Очекувам покрај руското присуство да се зголеми и кинеското присуство во Македонија и да се намали европското присуство“).

    Р.С

    Exit mobile version