Последни написи

Опасни наративи во пресрет на 8 мај: Војната од 2001 повторно ги заострува меѓуетничките односи

Пишува: Назми Абдурахмани

Наместо развојни програми за напредок на државата од говорниците на партиските митинзи продолжува реторика што предизвикува раздор и меѓуетнички поделби.

Кога сите мислиме дека мрачните денови кои ги има доживеано оваа земја се заборавени, тука се политичарите да нè потсетат дека не е така.

Изјавата на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова од митинг од Куманово дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат, повторно ги разбуди духовите на минатото. Таа алудираше на политичарите Албанци, учесници во воениот конфликт од 2001 година.

„Стравот што го слушам или заканите од типот дека востаници имало во оваа држава ме тера само на едно потсетување. Меѓународното право вели дека востание може да се крене само ако постојат неподносливи услови на живот и владеење. Да потсетам, ДПА беше во владата и во 2001 година. Јас никому не се заканувам, само потсетувам дека некои дела, таканаречени дела против човештвото, никогаш не застаруваат“, порача Силјановска-Давкова.

Оваа изјава на кандидатот за претседател Давкова која направи предност од 180 илјади гласови наспроти актуелниот претседател и кандидат Стево Пендаровски, предизвика многу реакции кај лидерите на албанските политички партии.

Ахмети до Силјановска Давкова: Во 2001 бев борец за слобода, а не платеник или дезертер

Прв се јави лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во својата изјава рече дека сите  страни треба да бидеме свесни и внимателни во овој правец. Тој вели дека повеќе пати кажал дека минатото е болно, дека минатото не треба да се заборави, но не треба да ни се повтори.

„Така што, секој треба да биде внимателен со изјавите, ова е еден настан, една војна што се случи отприлика пред четвртина век… Според кандидатката за претседател и како професорка по меѓународно право, ОНА треба да одговара затоа што ја извојувале слободата, борците на ОНА беа борци за слобода, а не платеници и дезертери, се изборија за своите права, потпишаа Меѓународен договор со НАТО, со ЕУ, со САД, потпишан и од тогашниот претседател Борис Трајковски и од мене како главен командант на ОНА. Ова е тоа, и секој кој се обидува да гребе по минатото и да отвора страници што не се отвораат, мислам дека е во грешка, но сепак е сето ова е за изборна кампања“ – порача Ахмети.

Меџити: Жал ни е што ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики

Со приближување на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики и продолжува со поларизација со ДУИ, напиша на социјалните мрежи лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата на опозициски партии на Албанците, ВЛЕН. Критиката од Меџити до ВМРО-ДПМНЕ доаѓа среде секојдневното испраќање пораки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ за соработка во идна влада.

„Жал ни е што со приближување на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на старите практики кои мислевме дека ги заборавиле. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со поларизација со ДУИ и ова е стара, застарена игра. Албанците се заедно кога станува збор за националното прашање. УЧК е света за сите нас и никој не се осмелува да ја допре“, напиша Меџити.

Ковачевски: Им порачувам на Мицкоски, Ахмети и Давкова – граѓаните знаат дека ни треба европска иднина, а не враќање 20 години назад

„Деновиве, за жал, слушам опасни наративи кои може лесно да разгорат меѓуетничка нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ и претседателксиот кандидат Давкова се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Драчево.

Тој им порача на Мицкокски, Ахмети и Давкова дека граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ и дека знаат оти на сите ни треба европска иднина, а не враќање 20 години назад во темното минато.

„Престанете да се препукувате со штетни скандирања и закани, кои никому не носат добро.Ние нема да ви дозволиме да си играте со европската иднина на нашите деца. Граѓаните нема да ви дозволат да се коцкате со нивната иднина“ рече Ковачевски.

Сета оваа реторика предизвикува забуни во време пред парламентарните избори, што може да предизвикаат и немири. Понекогаш заборавањето е цивилизациски чин. Луѓето и нациите кои не забораваат ќе се „удават“ во своето минато вели една поговорка.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај