Последни написи

Делете ја, парчете ја…

ДЕХРАН МУРАТОВ

„Нема, нема, не ќе се роди поубаво девојче од Македонче“ – ечеше спортската сала „Кале“ пред 22 години кога женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во нашата земја, откако го крена престижниот пехар во Лигата на шампионите.

И после 22 години, сè уште ме лазат морници, ме обзема некоја радост, чувствувам некоја победа, сплотеност, единство кога ќе ја слушнам песната „Македонско девојче“, без разлика дали се пее во некоја  кафеана, свадба, прослава, митинг… мене секогаш ќе ме потсетува на тој убав момент.

За разлика од тогаш, денес, онака предизборно, пред два дена, дел од новите македонски полициски сили кои ја завршија обуката, поданички, (оркестрирано) и „спонтано“ пред техничкиот министер Панче Тошковски ја запејаа песната „Бисер Балкански“.

На снимката што се објави во медиумите и на социјалните мрежи се забележува дека еден или двајца почнуваат да пејат, а останатите веднаш им се приклучуваат како навичка група: „Солзи сами капат, прости ми, тешки се ко твојте планини, плаче срце од три страни, што крвави многу години. Еееј Македонијо ти си бисер Балкански, сплоти Пирин, Егеј син, со бистри води Вардарски“. Во целата кореографија фалеше уште „водоносецот“ од 27 април во Собранието, оперскиот пејач, Дурловски.

Тенка е линијата меѓу патриотизмот и национализмот, особено во изборната кампања.

Пред два дена, македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски на рингот се појави во комитска облека и откако го совлада турскиот борец, Берк Дузенли, и стана нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, (до 88,6 кг), победата ја прослави со скандирање: „Нека знаат добро сите најјаки се комитите“, додека претседателот на Кик Боксинг федерација на Македонија, Дејан Митревски – Урко, инаку поранешен телохранител на експремиерот, бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му ракоплескаа.

И така, во предизборието (ќе) се крева национализмот, (ќе) се „обележуваат територии и упатуваат пораки“ преку „патриотски“ песни, поставување на огромни крстови, споменици, мурали на бранители (кои би требало да бидат направени уште пред 20 години)…

Замислете само, во новата влада министер за внатрешни работи да биде Албанец и „спонтано“ неколку полициски службеници да му ја отпејат патриотската албанска песна „Mora fjalë“ или како што ние си ја знаеме „Чу Адем“…? Како тогаш ќе се чувствуваат нивните колеги/другари, оние што пееја „делете ја, парчете ја“… или дали ќе има вакво одобрување и молк од медиумите и неутралците?

Денес е „Бисер балкански“, утре да не биде „Од каде дојдовте да не дојдевте“…

Другар(к)и, изборите ќе поминат, а ние ќе треба да живееме и да се радуваме на секој успех заедно, без разлика на нашата етничка, верска, партиска, навивачка или било каква друга припадност.

П.С. „Бисер балкански“, „Македонско девојче“, „Заветна“… ми се едни од омилените македонски песни и не би сакал да се исполитизираат. Нека си останат дел од македонското културно богатство за да можеме сите да си ги чувствуваме како свои песни.


Текстот е личен став на Авторот.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај