Последни написи

Европскиот парламент повика на итно и енергично спротивставување на руското мешање во ЕУ

По неколкуте неодамнешни откритија на обиди поддржани од Кремљ за поткопување и мешање во европските демократски процеси, Европскиот парламент во четвртокот усвои резолуција, со која цврсто се осудуваат таквите напори. Секоја таква тактика, велат, мора да има последици.

„Парламентот е згрозен од веродостојните наводи дека некои европратеници биле платени да шират руска пропаганда и дека неколкумина учествувале во активностите на прорускиот медиум „Гласот на Европа“, истовремено со илегалната воена агресија на Русија против Украина“, се истакнува во соопштението на Европскиот парламент.

Европратениците бараат од лидерите на ЕУ и земјите-членки да се справат со напорите за мешање на Русија, не само во институциите на ЕУ, туку и низ целата Унија. Според европратениците, овој проблем е итен, имајќи ги предвид претстојните европски избори од 6 до 9 јуни 2024 година.

„Во врска со сомнителните случаи на руско мешање од цела Европа, вклучително и Бугарија, Германија и Словачка, европратениците се загрижени поради неодамнешното испрашување на водечкиот европратеник на Алтернатива за Германија (AfD) Максимилијан Кра од страна на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) поради сомневање дека примил пари од агентите на Кремљ, како со апсењето во Германија на 23 април 2024 година на неговиот парламентарен асистент под обвинение дека е кинески шпион. Парламентот ја повикува АфД без одлагање јавно да ги објави своите финансиски односи, особено со Кремљ, и јавно да ја открие целта и точниот износ на сите плаќања кои потекнуваат од извори поврзани со Кремљ“,  се вели во соопштението.

Додека Русија останува главен извор на странско влијание и дезинформации во ЕУ, европратениците велат дека и други земји се активни во такви операции. Тие истакнуваат дека одговорот на овој проблем може да биде ефикасен само ако „се заснова на вкрстен, холистички и долгорочен пристап на политики спроведени заеднички и од ЕУ, и од земјите-членки“.

Дополнително, резолуцијата предлага зајакнување на внатрешната безбедносна култура, темелни внатрешни истраги, спроведување на рамката за внатрешни санкции, задолжителна безбедносна обука за европратениците и вработените и засилен скрининг на персоналот.

Исто така, европарламентарците го повикаа Советот на ЕУ да ги вклучи медиумите поддржани од Кремљ и други организации и поединци одговорни за дезинформациски кампањи во ЕУ во 14тиот пакет санкции за Русија и ги повикуваат земјите членки да забранат пристап на медиумот „Гласот на Европа“ во нивниот етер.

Резолуцијата беше усвоена со 429 гласа „за“, 27 „против“ и 48 воздржани.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај