Последни написи

Извештајот на Стејт Департментот со критики за сериозни ограничувања на слободата на медиумите во земјава

Извршното резиме на Извештајот на Стејт Департментот за човекови права во Северна Македонија за 2023 година заклучува дека во текот на годината немало значителни промени во состојбата со човековите права во земјава.  Сепак, меѓу значајните прашања се посочуваат веродостојни извештаи за „сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително насилство и закани со насилство врз новинарите; сериозна владина корупција; и злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, квир или интерсексуални лица. Владата презеде ограничени чекори за да ги идентификува и казни службениците кои можеби извршиле кршење на човековите права.“

Во делот на почитување на граѓанските слободи, слободата на изразување, вклучително и претставниците на медиумите, Извештајот оценува дека владата генерално ги почитувала уставните права на слобода на изразување, не вршела онлајн цензура и незаконско следење на онлајн комуникации.

Од друга страна, слободата на изразување, според извештаи на невладини организации и медиуми се опишува како поткопана од „неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.“

Во Извештајот се нотира дека независни медиумски здруженија изразиле загриженост за предлог-измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, кои дозволуваат рекламирање на владини кампањи од јавен интерес што „може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање“, а се забележува и дека Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) известувал за случаи на притисоци и закани врз своите членови за спротивставувањето на овие предлог измени на Законот.

Како позитивна промена се споменува дека Парламентот на 13 февруари 2023 ги усвои измените на Кривичниот Законик, со кои нападите врз претставници на медиумите се третираат како напади врз службени лица. Во извештајот се објаснува дека според ССНМ, ОЈО отворило два вакви случаи, заклучно со 25 август, а според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) регистрирани се четири претставки поврзани со физички напади, закани и навреди кон новинари. Во овие претставки се идентификуваат функционери од власта и богати и влијателни деловни лица како активни прекршувачи на правата и слободите на медиумите.,

Во таа смисла, Извештајот на Стејт Департментот издвојува два случаи: Случајот со објавениот документарец на Истражувачката репортерска лабораторија (IRL) за пожарот во модуларната болница во Тетово и наводите за изманипулиран тендер за несоодветна болница, за кој „ИРЛ доби закани од бизнисмен и поранешен владин функционер поврзан со градежната компанија и одредени владини и правосудни органи“, како и случајот од 3 ноември, кога Основниот суд во Кавадарци осуди лице за „напад врз службено лице“ и му одреди условна казна за напад врз телевизиски снимател во обид да го спречи да снима место на сообраќајна несреќа.

Р.С

Latest Posts

Не пропуштај