Последни написи

ИЗБОРНА ХРОНИКА: Внатрешната блокада боли повеќе, Правда кога ќе дојдат вистински луѓе, Пред одлука за интеграција или изолација

Во последната недела пред претседателските избори, што ќе се одржат на 24 април(среда), кандидатите ја продолжуваат предизборната кампања.

Од несериозни ветувања, контрадикторни изјави и ставови, до тоа дека за неколку дена ќе одлучуваме дали сме за изолација или интеграција, пишува ЦИВИЛ Медоа во денешната изборна хроника.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Османи: Вашиот глас не е само еднократен избор, туку инвестиција за иднината

„За неколку дена ќе одлучите дали сме за интеграција или за изолација“ рече пред кумановци кандидатот за претседател на државата од Европскиот фронт, Бујар Османи.

Османи кажа дека ова е одлуката што треба да ја донесете со свои раце. Но, вашиот глас не е само еднократен избор. Туку е инвестиција за иднината. Инвестиција која ќе изгради ѕид против овој одмаздољубив национализам, кој може да се постави кај нас за неколку дена.

Османи вети дека ќе се посвети на градење држава во која, како што рече, секое дете ќе може да сонува без граници. 

Гордана Сиљановска: Aко Македонија не е горда, не може да биде ниту европска

„Се наближува 24-ти април, а по него и 8-ми мај, дојде моментот кога сакам да ви кажам дека токму на овие датуми ќе одлучите дали Македонија, како ТВОЈА и ГОРДА, навистина ќе биде проевропска, бидејќи ако Македонија не е горда, не може да биде ниту европска држава“ рече во Охрид кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Таа рече дека АСНОМ што ќе го славиме годинава, за неа ќе биде не антифашистичко, туку Антикоруптивно и антикриминално заседание на народното ослободување на Македонија од авторитарната власт.

Пендаровски: Повеќе боли внатрешната блокада на државата на нејзиниот пат кон ЕУ

“По 17 години со статус на земја кандидат за членство во ЕУ, сите ние, ова политичко раководство, со ваша поддршка ги отворивме преговорите, но се соочивме со две блокади, надворешната од соседна Бугарија, но и внатрешната блокада, којашто повеќе боли, од најголемата опозициска партија”, рече вечерва на предизборниот митинг во Кочани, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во своето обраќање Пендаровски одговараше и на прашања од присутните на митингот, при што истакна дека останува на ставот дека е потребен ветинг во правосудството, но тоа да ги опфати и политичарите, неколку децении наназад.

Ванковска: Нас не’ не задоволува фотелја и позиција. Ние имаме кауза

„Посакувам да го изодиме овој пат борбено, чесно и доследно.Она што нас нѐ разликува од оние што трчаат на кратки патеки е тоа што ние трчаме маратон. Нас нѐ не задоволува фотелја и позиција. Ние имаме кауза“, рече пред граѓаните на Велес претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска.

Посочи дека таа практично е единствена опозиција на оваа дебата. И како што кажа, таа и Левица бараат не реформа, туку радикална промена на се’ постоечко.

Димитриевски: Ќе има правда кога на вистинско место ќе дојдат одговорни луѓе

„Ќе има правда, тогаш кога на вистинско место ќе дојдат вистински, одговорни луѓе, бидејќи овие не само што нѐ лажеа, во целост нѐ прелажаа, па дури и од сопствениот народ се откажаа, од вредностите на Крушевскиот манифест и АСНОМ и од сè што е свето за Македонија и ако им дозволиме тоа ќе продолжат да го прават“, кажа кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Тој ги критикуваше политичките опоненти, ДУИ за која рече дека повеќе од две децении само ветувала, никогаш не изградила ниту фабрики, ниту метар од коридорот 8, и „околу прст ги врти“, и левите и десните.

Јакимовски: СДСМ и ВМРО ДПМНЕ водат ноевска политика

„СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат ноевска политика, односно главата им е ставена во песок и на заканите и уцените од Османи и Таравари никако не одговараат“,  рече кандидатот за претседател од ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Тој ова го изјави како одговор на албанските партии за избор на претседател во Собранието и учество во Влада која ќе ги донесе уставните измени.

„Јас јавно ги прашувам дали ќе се одважат еднаш на овие уцени да одговорите со ваш одговор, а одговорот е дека ако има уцени за состав на Влада, ние ќе направиме широка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и сите останати што сакаат да влезат во Влада“, рече Јакимовски.

ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

Кампањата за парламентарните избори, која почна вчера, продолжува денеска со активности на партиите и коалициите за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици во земјава.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ вчера ја стартуваше парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а имаше и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Решителна и поефикасна борба против корупцијата, реформи во судството, повисоки плати и пензии, поддршка за младите, стопанството,.. најави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ја почнаа кампањата со митинг во Охрид.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Охрид на првиот ден од предизборната кампања за престојните парламентарни избори, порача дека партијата ќе води позитивна кампања, кампања на проекти, на надеж, и како што посочи, „кампања што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите“.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска ја претстави својата програма пред граѓаните на Велес. Пред присутните во салата на велешкиот театар се обратија и претседателот на Левица и носител на листата во ИЕ1 Димитар Апасиев, како и носителот на листата во ИЕ3, Борислав Крмов, кои токму од Велес ја почнаа својата промоција и кампања за пратеници во Собранието. Пред присутните се обрати Апасиев, според кого, нема револуција без поезија. Потенцира дека кампањата за парламентарните избори не случајно ја почнуваат од неговиот роден град, „Црвениот Велес, градот на Ганчо Хаџи Панзов и многу други борци меѓу кои и Коста Солев Рацин“.

Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски и носителите на листа од изборните единици вчера ја презентираа програмата „Проглас за достоинствена Македонија“ на митинг на градскиот плоштад во Куманово. Носителите на листи од изборните единици посочија дека најголем проблем за државата е корупцијата и ветија нејзино искоренување.

„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција вчера во Скопје одржа симулациска конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори. На оваа симулациска седница, едногласно со 120 гласа беа изгласани уставните измени согласно Договорот за добрососедски односи и уставните измени со кои претседателот на државата би се избрал во Собранието со двотретинско и Бадентерово мнозинство. На оваа седница беше инаугуриран Бујар Османи за шеф на државата.

Албанската опозициска коалиција „Вреди“ вчера во Скопје ги претстави носителите во сите шест изборни единици. Претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари на прес-конференција рече дека на овие избори има целосно единство на албанската опозиција и тоа гарантира победа, бидејќи на сите избори, како што рече, мнозинството гласови ги имала опозицијата.

Извор: ЦивилМедиа

Latest Posts

Не пропуштај