Последни написи

Изборна хроника на Цивил: какви пораки упатија кандидатите на петнаесетиот ден од кампањата за претседателските избори

Кандидатите за претседател на државата продолжија со предизборната кампања за изборите што ќе се одржат на 24 април. Кандидатите во својот политички вокабулар се жалат дека нема соочување меѓу нив,  зборуваат за земјоделие, за децентрализацијата и дека сега е дојдено време за идејата за Евопскиот фронт.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ

Силјановска Давкова: Ниту сум била ниту сум против децентрализацијата

„Не, не бев јас против децентрализација и тогаш и сега сум за децентрализација ама бев против вештачката неприродна територијална организација.Преку ноќ без согласност на граѓаните, на локалните власти и без почитување на 33 референдума на локално ниво за задржување на статусот на општините, беше направен демографски и изборен инженеринг и беа вештачки придодадени селски средини на урбаните“, рече во Велес кандидатката за претседател на Коалицијата  „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова.

Таа посочи дека „последиците ги гледаме и денеска што вештачки во некои градови, селото го управува градот и во некои градови се вратени феудалните односи“.

Пендаровски: Политичкиот реализам е дека без промена на Уставот нема напредок кон ЕУ

„Завчера имаше интервју на човек од германската ЦДУ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ кој дошол овде да им помогне и им вели овој е патот. Јас сакам да им кажам: Оставете ја кампањата, јасно ми е зошто го правите ова, бидејќи на тоа прашање добивате политички поени, на друго не добивате. Но, сега, дајте соочете се со овој нов политички реализам“ рече кандидатот за претседател  Стево Пендаровски во интервју за емисијата Топ Тема на ТВ Телма.

Пендаровски  наведува дека ВМРО-ДПМНЕ има и друга теза која вели „дајте ќе го промениме Уставот денес ама, промените ќе важат кога ќе станеме членки“ и прашува „дали тоа може да се направи и кој од европските фактори ви ветува дека такво нешто е можно“.

Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково

„Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството во регионот на Липково и Куманово“, речепретседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари на митинг во општина Липково.

Тој кажа дека општина Липково ја донесе ДУИ на власт, а како награда, општината, како што рече, добила само штета, неправда и лошо владеење.

Димитриевски: Граѓаните заслужуваат да видат кој – што нуди

„Господинот Пендаровски, а и госпоѓа Силјановска Давкова,  бегаат за жал од дебати и јавно ги повикувам да се соочиме на дебати, да ги извадиме нашите програми пред граѓаните, не поради нас, граѓаните тоа го заслжуваат“, рече во изјава за МРТ кандидатот за претседател од ЗНАМ Максим Димитриевски.

Во однос на предлозите за избор на претседателот на државата во Собранието тој рече дека  тоа директно го крши и Рамковниот, а и Уставот и едноставно во таа состојба ние немаме потреба од претседател на држава, ако се избира во Собранието.

Османи: Дојде времето за идејата на Европскиот фронт

„Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, рече кандидатот за претседател Бујар Османи на митинг во Кичево.

Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.

„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател“, кажа Османи.

Јакимовски од Струга: Да престане нечесното играње кон Македонците

„Да престане со нечесното играње кон Македонците и да престане да се третираат како монета за поткусурување“, порача од Струга претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Тој забележа дека „лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски го лаже народот во врска со промената на Уставот, односно дека ќе поддржи промена со одложено дејство на важење кога ќе влеземе во Европската унија“.

ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

ПССЕ испраќа 14 набљудувачи на претседателските избори во Северна Македонија

Делегација од 14 набљудувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Алфред Хер (Швајцарија, АЛДЕ), ќе ги следи претседателските избори во Северна Македонија на 24 април.

Делегацијата ќе ги следи изборите заедно со набљудувачите од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), соопшти ПССЕ.

Набљудувачите на ПССЕ ќе се сретнат со кандидатите кои се натпреваруваат на изборите, со претседателот и членовите на Државната изборна комисија, како и со претставници на граѓанското општество и медиумите.

Нема доволно пријави за парламентарните избори – дијаспората ќе гласа само за претседател

На претседателските избори вкупно 2571 државјани ќе може да гласаат во 31 ДКП Гласање на претседателските избори 2024 година, врз основа на прифатените 2571 пријави на наши државјани, ќе се спроведе во 31 дипломатско – конзуларно претставништво и конзуларни канцеларии на Северна Македонија во странство.

Државната изборна комисија (ДИК) објави дека гласање ќе има во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85,Торонто-117,Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22. Останатите наши граѓани кои живеат во странство своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата.

Избори за пратеници нема да се спроведе имајќи предвид дека не беа пријавени доволен број граѓани кои скаат да гласаат. Пратениците се избираат и во изборната единица во странство според пропорционалниот модел, односно тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да биде избран пратеник од Изборната единица 7 треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори.

Училиштата каде што ќе се гласа на изборите, на 23 април и 7 мај ќе работат до 11 часот

Во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови, соопшти Министерството за образование и наука.

Деновите на изборите, средите 24 април и 8 мај 2024, се неработни за сите училишта. МОН денеска во сопштение наведува дека и покрај овие два неработни дена, наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

Иванова: Секој поединец игра важна улога во градењето на еден систем со вистински вредности

Интервју со Дуња Иванова, спортиска, музичарка и граѓанска активистка, за важноста да се излезе и да се гласа!

Иванова: Секој поединец игра важна улога во градењето на еден систем со вистински вредности
Придружете ни се и направете го вашиот план за гласање: https://actionnetwork.org/forms/glasaj
Инцијативата можете да ја следите на медиумската платформа на ЦИВИЛ и на социјалните мрежи: 

За сè што сакате да знаете за изборите, ЦИВИЛ ја лансираше веб страницата ГЛАСАЈ.

Подготви: Назми Абдурахмани во соработка со ЦМТ.

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај