Последни написи

Вистиномер: Зголемен бројот на приватни тужби против новинарите – нова закана по истражувачкото новинарство

Стратешки тужби против јавното учество (SLAPPs), кои главно ги покренуваат политичари и јавни фигури, ѝ се закануваат на слободата на медиумите и на пристапот до клучни информации, заклучија учесниците на дискусијата во рамки на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“

 

Последните измени на Кривичниот закон на Република Северна Македонија ја подобруваат заштитата на новинарите така што овозможуваат обвинителството да покрене кривична постапка во нивно име, намалувајќи го товарот на приватното гонење. Дополнително, бидејќи делата клевета и навреда се декриминализирани, бројот на приватни тужби против новинар(к)и е зголемен и претставува нова закана по истражувачкото новинарство. Овие тужби во јавноста се познати како Стратешки тужби против јавното учество (SLAPPs), и главно ги покренуваат политичари и јавни фигури, заканувајќи ѝ се на слободата на медиумите и на пристапот до клучни информации.

Ова беа клучните заклучоци од денешната тематска дискусија со чинител(к)и од медиумската индустрија, претставници од релевантни јавни институции, граѓански организации, и меѓународни партнери во рамки на заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“.

Олег Солдатов, Раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје ја нагласи важноста на унапредувањето на новинарскиот интегритет и слободата на изразување како клучни вредности во сеопфатно и демократско општество.

Олег Солдатов / Фото: Про-фрекс

„Слободата на изразување и заштитата на новинар(к)ите се носечки столбови на секое демократско општество. Преку поддржување на овие принципи се креира енергичен и разновиден медиумски сектор, што е клучно за информиран јавен дискурс. Заедно работиме на заштита на правата на новинар(к)ите со што тие ќе можат да продолжат да ја вршат нивната суштинска улога за демократијата“, истакна Солдатов.

Алина Татаренко, Раководителка на Одделот за соработа и градење капацитети на тема слобода на изразување, во нејзиното обраќање потсети дека слободни, независни, плуралистички и разновидни медиуми се основа за една демократија.

„Новинар(к)ите и медиумските професионалци/ки мора да уживаат целосна правна заштита, согласно наведеното во Принципите на демократијата усвоени во Рејкјавик и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Преку денешната дискусија, сакаме да ја подигнеме свеста за предизвиците со кои се соочуваат новинар(к)ите и да за залагаме за имплементација на европските стандарди на национално ниво“.

Драган Секуловски / Фото: Про-фрекс

Во своето обраќање, Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија посочи дека „правните битки со кои се соочуваат новинар(к)ите во Северна Македонија се во пораст“.

„Истите не се однесуваат на барањето на правдата туку се користат како алатки за заплашување и ментално и финансиско истоштување на новинар(к)ите. Ваквите тужби, познати како SLAPPs сериозно нè загрижуваат. Наша цел е зајакнување на побезбедно опкружување за новинарството, каде говорењето на вистината пред моќниците не значи казна туку заштита, со што ќе се осугураме дека стравот од правни последици не води до самоцензурирање“, рече Секуловски.

Настанот продолжи со отворени дискусии помеѓу клучните чинител(к)и, медиумски експерт(к)и и медиумски професионалци/ки кои разговараа за зголемената употреба на SLAPP тужбите во Северна Македонија, конкретно, но и генерално во Европа.

Последните измени на Кривичниот законик на Република Северна Македонија се сметаат за позитивен чекор напред кон подобра заштита на новинарите, така што обвинителството добива право да покрене кривична постапка во нивно име, со што ќе ги ослободи од товарот за поведување приватна кривична постапка. Но, и понатаму постојат предизвици, посебно со порастот на SLAPP тужбите во граѓанските постапки. Истите вообичаено ги покренуваат политичарите, бизнис магнатите, и јавните личности, и служат за задушување на новинарството преку финансиски и правни притисоци.

„SLAPP тужбите не само што ја девалвираат новинарската работа, туку и претставуваат ризик од цензурирање клучни јавни информации, со што се повредува правото на граѓан(к)ите да бидат информирани“, заклучија учесниците.

Учесниците се фокусираа на иницијативата да се воведе Национален акциски план за заштита и безбедност на новинар(к)ите, истовремено истакнувајќи ја важноста од зајакнато партнерство со граѓанското општество со цел унапредување на слободата на изразување и слободата на медиумите. На тематската дискусија се потенцираше и кампањата на Советот на Европа за безбедност на новинарите, иницијатива која има за цел да ја промовира слободата на медиумите и заштитата на новинарите од насилство, закани и вознемирување при извршување на нивните обврски.

Извор: Вистиномер.мк

Latest Posts

Не пропуштај