Последни написи

Претседателски избори 2024: Кои се главните поенти на кандидатите за претседател на РСМ?

Седумтемина кандидати за Претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски,  Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска Мирчевска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски, влегоа во самиот финиш од своите кампањи за изборите закажани за 24-ти овој месец.

Медиумската информативна агенција МИА објави серија интервјуа со нив, што Нова ги пренесе во посебни делови и во скратени верзии со акценти на нивните главни програмски понуди.

Нова, овој пат, непосредно пред молкот пред првиот круг претседателски избори, во еден документ, на едно место и уште по сублимирано, ги презентира нивните изборни слогани и нивните основни предизборни пораки, а согласно редоследот што со ждрепка го утврди Државната изборна комисија.

  1. Стево Пендаровски – „Нашиот претседател Стево“: 
  • Зад себе имам мандат без дамки и тоа го препознаваат мнозинството од граѓаните.
  • Во изминативе пет години имам поминато 80 илјади километри низ Македонија. Значи, не сум бил затворен во кабинет.
  • Република Северна Македонија нема друг пат, да не си прави никој илузии, освен европскиот интегративен и затоа, со сите наши ресурси, мораме да се движиме забрзано натаму.
  • Не се согласувам претседателот на државата да се избира во Собранието затоа што со сегашните надлежности кои извираат од директниот избор од граѓаните, тој има многу поголема морална сила и поткрепа.
  • Потребно е да се направат законски измени за да се овозможи ветинг за судии, за полиитчари, воопшто за носители на јавни функции
  • Мојот став за уставните измени како услов за отворање на ЕУ кластерите е познат. Две години наназад сегашнава опозиција немаше желба тоа да го направи исклучиво поради себични партиски интереси и на тоа прашање ја кренаа максимално националистичката реторика, почнаа да го плашат народот со бугарски предлози, диктати, дека само како Бугари ќе сме влеземе во ЕУ, а тоа се класични будалаштини.
  • Во изминативе три години Бугарија направи неверојатна стратешка грешка прво кон македонскиот народ, подоцна кон целата наша држава. Значи, просто не можете со 19-то вековна реторика да очекувате дека ќе направите простор за подобри билатерални односи.
  • Нашата позиција во однос на службена Бугарија е јасна. Ние ќе продолжиме на истиот начин да разговараме со аргументи и да зборуваме за европски принципи, не за 19 век, не за Санстефанска Бугарија, не за не знам кое востание од не знам која година.
  • До овој момент мешањето на Русија во нашите избори е многу на пониско ниво отколку што беше на пример за мојот прв избор во 2019-та или за референдумот 2018-та. Тогаш Русија се противеше Македонија да стане членка на НАТО. Во овој период сметам и моја претпоставка е дека тие се комплетно апсорбирани со сите ресурси што ги имаат во таа сфера со инвазијата што ја направија врз Украина. Сега се обидуваат да му контрираат на западниот наратив за нивната илегална војна во Украина. Затоа мислам дека во периодов не се премногу посветени на Балканскиот регион но не е исклуичено тие обиди да се засилуваат со приближување на првиот, а особено на вториот изборен круг.

  1. Гордана Силјановска Давкова – „Македонија повторно горда“: 
  • За преговарачката рамка за продолжување на преговорите со ЕУ може да се најде решение. Има многу варијанти за тоа. Впрочем, тоа што важи за европските земји, треба да важи и за нас.
  • Се разбира дека сум за ЕУ, но не гледам фаталистички на ЕУ. Предавам уставно право и како да им кажам на студентите дека темелните вредности и принципи не важат за некој непослушен од вашата фамилија.
  • Европското уставно право е заштитено во Судот на правдата на Европската унија во Луксембург и треба да важи за сите.
  • Самоопределувањето, дигнитетот и интегритетот, националниот и културниот идентитет, реципроцитетот во почитувањето во склучувањето на договорите се европски вредности кои би требало да важат за сите и за нас.
  • Не може да се размислува за промена на уставот веднаш по изборите. За тоа има уставна процедура. Ако се отвори таа тема тогаш тоа е страшно. Тоа би значело дека не го почитуваме Уставот, односно постапката за промена на Уставот.
  • Јас мислам дека политиката е и практична и прагматична активност, дека понекогаш се склучуваат и интересни сојузи, но можам да кажам дека и во вториот изборен круг ќе се однесувам надпартиски, непартиски, дека во трагањето по коалициони партнери нема да дозволам да се прават пазари со мене.
  • Однапред кажувам дека јас немам доверба во Управниот суд особено во претседателот на Управниот суд но без оглед на пресудата на Управниот суд во врска со Академијата за судии и обвинители, а за кршењето на Изборниот законик од страна на оваа институција, за ова ќе ги информирам ОБСЕ/ОДИХР како и донаторите на Академијата.
  • Верувам дека ќе има доволна излезност за да се избере претседател на државата. Ние немаме задолжително пасивно избирачко право да мора да гласаме како во некои држави. Јас сум против таквото право, меѓутоа се` помалиот интерес за излегување на гласање треба да делува освестувачки за сите.
  • Не сум зависна од политичката партија која ме предложи. И како пратеник неколкупати гласав и поинаку и од партијата и од сите бидејќи сметав дека за некој на кој му е животна филозофија владеењето на правото тоа е нормално.

  1. Стевчо Јакимовски – „Храбро за Македонија“: 
  • Претседателската функција, како највисока и најодговорна во државата, треба да ја врши човек со искуство во политиката, достоинствен и подготвен да не попушти под каков било притисок кога се загрозени интересите на граѓаните.
  • Ќе се залагам за промени во делегирањето на членовите на Републичкиот судски совет, во Уставниот суд, за амбасадори професионалци, за обновување на врската со дијаспората.
  • Останувам на ставот да нема промена на Уставот за влез на Бугарите се` додека не се затворат сите прашања за наше зачленување во ЕУ.
  • Моето ставање на црна листа на САД е циркус и обид да се помогне на оние кои ветуваат промена на Уставот преку елиминирање на тие кои пречат најмногу во тоа и кои имаат најтврди ставови.
  • Се залагам за декриминализација во урбанизмот односно корупцијата да се намали со ослободување на сите функционери од каков било потпис но од Западот ниту тоа не ни го дозволуваат за да може да не имаат во раце и за кога сакаат да активираат кривични пријави, да измислуваат вакви листи и да се мешаат во изборни процеси.
  • Потребен е брз прием на цел Балкан во Европската унија со оглед дека има сериозни предизвици зашто светот е пред трета светска војна и може многу лесно да се случи Македонија и цела Европа да ги зафати воен вител.
  • Премиерскиот мандат би го доверил на тој што ќе донесе одлука на конгрес дека нема да го менува Уставот и дека нема да влезат Бугарите во Уставот додека не се затворат сите прашања со Бугарија.
  • Амбасадори треба да бидат исклучиво професионалци како и треба да се обноват врските со дијаспората.
  • Во Републичкиот судски совет треба да членуваат угледни адвокати, професори по одредена проблематика и долгогодишни судии, а не луѓе кои не се судии или не се правници со долгогодишно искуство во судница и со добиени предмети.
  • Уставниот суд не смее да биде продолжена рака на партиите и во него треба да бидат делегирани професионалци кои немаат никава обврска кон ниту една политичка партија, туку треба да ги интересира само Уставот и ништо повеќе од тоа.
  • Сметам дека треба максимално да се издвојуваат средства за техничка и технолошка подготвеност на Армијата и материјалните услови за армиските припадници.
  • Не би бил противник на Владата, но тоа не значи дека е паметно се’ што ќе смисли Владата.  Во тој контекст го наведува проектот за автопатите со „Бехтел и Енка“ е класична корупција озаконета со закон во Парламентот.

 

4. Бујар Османи – „Европски претседател“ : 

  • Претседателот на државата треба да биде сврзно ткиво на различните политички и етнички наративи. Неговата улога е татко на нацијата и треба да е креатор и постојано да повикува на постигнување на државен консензус. Државен политички консензус, меѓутоа и државен економски консензус. Пред се’, консензус за забрзано членство во Европската Унија.
  • Созреани се условите граѓаните да гласаат за компетентноста, а не за етничка припадност и постојат сериозни шанси граѓаните овој пат да ги надминат етничките линии и да се одлучат за кандидат којшто може да обезбеди прогрес на државата.
  • Претседателот прво треба да биде компас на геостратешката ориентација на државата. Тоа е многу важно прашање посебно во услови на надворешни малигни влијанија.Треба да биде сврзно ткиво на различните етнички и политички наративи. Северна Македонија е една од најуспешните функционални мултиетнички демократии не само во регионот, туку и пошироко.
  • Предлагам економски рамковен договор како што постигнавме државен консензус по однос на Охридскиот рамковен договор. Договор меѓу сите партии од целиот политички спектрум, ако треба и со меѓународна помош.
  • Членството во ЕУ нема алтернатива. Никој не успеал без Европската унија од помалите држави во источниот блок. Сите политички партии од двете страни на спектарот треба да постигнеме државен консензус дека ќе се натпреваруваме, се разбира, кој ќе понуди подобро решение за здравството, кој ќе понуди подобро решение за образованието. Меѓутоа, по однос на главните прашања, членство во Европската Унија до 2030 година, мора да си дадеме рака, мора да постигнеме натпартиски консензус.
  • Како претседател на државата ќе иницирам и формирање на меѓународен борд составен од НАТО, Европската унија и САД којшто би ги сертифицирале сите носители на јавни функции – од политичкиот живот, институционалниот, правосудниот систем и тоа по однос на два правца:првиот, дали имаат каква било конекција со рускиот интерес. Значи, верификација дека ниеден носител на јавни функции не може да претставува руски интерес во оваа држава и второ, дали се инволвирани во какви било коруптивни дејанија. И предлогот ми е да никој не може да биде, да стане носител на јавна функција министер, директор, судија, обвинител без да го добие тој сертификат.
  • Од останатите кандидати се разликувам по компетентноста. Меѓу кандидатите сум единствениот со меѓународно искуство меѓу кое и претседавач со најголемата регионална безбедносна организација во светот ОБСЕ.

5. Билјана Ванковска Цветковска – „Го враќаме достоинството на нацијата“: 

  • Мојата главна цел е да покажам колку сме различни од сето она што постои на политичката сцена. Во Македонија не можете да најдете десно, лево, центар. Се’ е тоа некој бленд, микс, мислам дури и дека нема идеологија.
  • Кај нас има идеологија. Меѓутоа, идејата да го деконструираме оној владејачки дискурс и концепт за општеството во кој постојано ни велат нема алтернатива за ова, нема алтернатива за ова и на крај граѓанинот е пасивизиран и вика „сите се тие исти“.
  •  Имам скромна кампања, без спектакуларни митинзи, бини, огномети, карвани со автобуси. Сепак ќе биде видлива кмпања и препознатлива на сите можни начини делење флаери, средби со граѓани, некој посебен весник, малку билборди.
  •     Во кампањата се обидувам на една социјално класна основа да допрам до луѓето, а како фактор на изборно изнендување ги сметам луѓето кои не сакаат јавно да се експонираат и тука лежи оној адут на кој сметам изборно да изненадиме и тоа многу.
  •     Јас намерно не се експонирам премногу зашто имам разбирање за луѓето, тие се плашат јавно да ме подржат зашто некои од нив имаат свои бизниси, се плашат за своите работни места во администрацијата, во интитуциите.
  •        Мораме да се свртиме кон сопствените национални интереси и да го издигнеме и оној наш национален дигнитет и достоинство.
  •  Рамковниот договор си ја завршил својата работа. Понатаму ќе треба да се соочиме во отворeна дебата. Овој договор не смее да се смета за табу тема и нешто за што не смее да се разговара.
  •  По дваесет години Рамковниот покажа дека од час во час ние завлегуваме во една либанизација, во уште една уставно повтемелена етничка сегрегација која веќе доаѓа до апсурд.
  • Прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав, не „овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме“, туку комплетно нов Устав.
  •    Веќе немате ниту една институција која можете да ја конституирате без да го имате и етничкиот фактор. Во граѓанските држави, во вистинските демократии каде што демосот, граѓанинот владее, а ова овде не е природна работа, така што Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција.
  • Во државава сме доведени до ситуација на на политика на уцена во која македонскиот народ и Македонецот се уценети од сите страни – од надвор го уценуваат и соседи и ЕУ и Америка, а дома Албанците.

6. Арбен Таравари – „Таравари за претседател“:

  • Транспарентноста и инклузивноста на претседателот се неопходни ако сакаме да функционира државата и да има внатрешна кохезија.
  • Реално, се уште не се созреани условите луѓето да гласаат за личност, а не за партија.
  • Во Македонија е добро да се случи еднаш претседател на државата да биде од друга етничка заедница, реално, мислам, се уште не се созреани условите да гласаме за личност.
  • Верувам дека има реални шанси да влезам во вториот круг од претседателските избори и се надевам на поддршка не само од албанскиот гласач, туку и од другите етнички заедници. Таргетот е кај луѓето што не се определени и тие одлучуваат кој ќе победи.
  • Европската интеграција останува главната работа за државата во овој период, а улогата на претседателот е да тежнее тој процес да се заврши побрзо.
  • Не би сакал да се случи 2008-ма година кога не успеавме да бидеме дел од НАТО, па чекавме уште десет години за ЕУ.
  • Првата работа што треба да ја направи претседателот на државата е да добие гаранции од Брисел дека уставните измени се последниот услов и дека по нивното усвојување, влезот на земјата во Унијата ќе биде побрзо.
  • Можеби е добро да се размислува за нов устав затоа што сегашниот е крпен, направени се многу промени и тој не одговара на реалноста.
  • Останувам на ставот претседателот на државата да се избира во собранието, а не како досега на непосредни избори.
  • За мене е многу важно да го одржам зборот, да донесам промена, нова генерација на политичари и мислам дека на 24-ти април и на 8-ми мај, после 22, 23 години, ќе се случат промени и во албанскиот политички блок.
  • За доброто на ДУИ е еден период да оди во опозиција. Една партија не е партија ако не отишла никогаш во опозиција.

  1. Максим Димитриевски – „Максимум за Македонија“:
  • Државата треба да добие татко на нацијата, човек којшто ќе го обедини македонскиот народ и сите граѓани на Македонија.
  • Претседател на државата е татко на нацијата и тој може со своето делување да ја врати тежината на граѓаните.
  • На државата и треба човек кој што ќе ја обедини нацијата, ќе го обедини македонскиот народ, ќе ги обедини сите граѓани на Македонија, ќе им ја врати самодовербата и ќе им каже на граѓаните дека не се сами, дека има човек кој својот мандат го црпи од нивните гласови, а како битна функција во државата без разлика што сите политички елити ја маргинализираат.
  • Потребна суштинска ревизија во правосудната сфера која не подразбира ветинг, туку филтрација во областа со цел постигнување независност и професионалност во работата на правосудните органи.
  • Владеење на правото оди низ независната власт, а тоа е правосудството и обвинителството и тука има битна улога со избор т.е. давање на предлози за судии во Уставниот суд и дополнително свои предлози за Републичкиот судски совет.
  • Борбата против криминалот и корупцијата интензивно се во пораст и сите зборуваат за тоа, а никој не ги решава.
  • Сметам дека јас сум вистинскиот граѓански кандидат и ќе го дадам својот максимум за да ги убедам граѓанитe дека со мојот избор всушност ќе ја направат и вистинската одлука за државата која може да го обедини македонскиот народ, а не да го дели по секој основ, првенствено по политички, вели Димитриевски.
  • Државата се брани со народ и, во својство на Врховен командант, ќе се заложам за законска обврска со која секој граѓанин, особено младите, посебно машката популација, да помине предвојничка обука.
  • Македонија не е општество на Македонците и Албанците и останатите, туку е општество на сите нејзини граѓани вклучувајќи го македонскиот народ и сите етнички заедници.
  • Треба да се дадат еднакви права и еднакви можности на сите етнички заедници, а особено во делот на културната независност.
  • Уставните измени се можни на база на реципроцитет и да стапат на сила од моментот на стапување на земјата во полноправно ЕУ членство.

Извор: НоваТВ

Latest Posts

Не пропуштај