Последни написи

Изборна хроника на Цивил: Какви пораки упатија кандидатите на тринаесеттиот ден од кампањата за Претседателските избори?

Тринаесетти ден кампања за претседателски избори, веќе јасно се исцртани контурите на тоа што кандидатите би го правеле доколку победат на изборите што ќе се одржат на 24 април.

Претседател на партија води кампања наместо кандидат, предизборната кампања на  претседателските кандидати во своите обраќања, во голема мера инкорпорираат елементи од кампања за парламентарни избори, исти ветувања на опоненти, јасна антизападна ориентација, обвинувања, клевети и препукувања.

Во продолжение на ова издание на Изборната хроника за кампањата на кандидатите за претседателските избори, се поместени изјавите на повеќето кандидати од нивните јавни настапи во последните 24 часа.

Пендаровски: Немало тајни средби, Мицкоски да приложи докази

На синоќешниот собир  во Гази Баба, актуелниот претседател и кандидат за претстојните претседателски избори, Стево Пендаровски, одговарајќи на прашање од граѓанин, рече дека немал тајни средби.

Стево Пендаровски, кандидат за претседагел на РСМ од коалицијата „За европска иднина“

„Тајни средби кај мене немало, меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сѐ барал прием кај мене. Да му кажам датуми, имиња и презимиња.

Затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам и што барале од мене, во таа насока, посочи Пендаровски за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за тајни средби на кои според нив, се договарале амнестии за политичари.

Силјановска Давкова: Ни треба уставен патриотизам

„Европската Унија е супериорна со почитување на европските вредности и принципи.  Нам ни треба нешто, а тоа е уставен патриотизам. Тоа не значи да се колнете во Уставот и не значи и дека треба постојано да го менувате, туку дека треба да ги браните принципите и вредностите на Уставот“, рече од Прилеп претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседателка на РСМ од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата

Османи: Нема да присуствуваме на состаноци на „Отворен Балкан“, ќе воспоставам нова иницијатива – „Самит на хармонизираните сто отсто“

Во својство на министер за надворешни работи, претседателскиот кандидат од коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи, прашан да појасни дали Северна Македонија е се уште членка на Отворен Балкан, вели дека е тоа негов став да не присуствува на состаноци на оваа иницијатива.

Бујар Османи, кандидат за претседател на РСМ од ДУИ и коалицијата “Европски фронт“

Ова е мој став кој што на прва седница на која што ќе се разговара за оваа тема јас ќе ги презентирам податоците коишто ги имам преку мојот пристап до информациите на НАТО и на ЕУ, и на партнерските земји, и ќе го предложам тоа, вели Османи.

Тој најави дека како претседателски кандидат планира да воспостави нова претседателска иницијатива, Самит на хармонзираните сто отсто со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.

Таравари: Османи доцна се расонил за Отворен Балкан

Денес слушнав дека станал пишман за Отворен Балкан и дека ќе предложи излез на Северна Македонија од оваа иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров.

Арбен Таравари, кандидат за претседател на РСМ од коалицијата ВЛЕН

На пишман аџијата му велиме дека доцна се расонил. Останавте сами во ист кревет со Вучиќ. Со Вучиќ кој организира терористички напади на Косово и кој се плаши од поразот на ДУИ, затоа што се плаши од промената што ВРЕДИ“, рече на  собир во тетовската општина Желино претседателскиот кандидат на коалицијата „ВЛЕН“, Арбен Таравари.

Таравари на трети април истакна дека ќе предложи Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан.

Јакимовски: ЕУ да најде начин како Бугарија „ќе пие кафе“ кога ќе се гласа за Македонија

Буквално сите земји во регионот се потсмеваат со Република Македонија“ – вели претседателскиот кандидат од ГРОМ, Стевчо Јакимовски во интервју за 360 степени.

Стевчо Јакимовски, кандидат за претседател на РСМ од ГРОМ

Според него, кога ќе се одлучува за европската иднина на Македонија, Брисел да најде начин „да ги прати Бугарите да пијат кафе или да појадуваат“, како што тоа се случи со Виктор Орбан и одлуката за Украина“.

ИНИЦИЈАТИВА НА ЦИВИЛ –„ Ти одлучуваш. Гласај!“

ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи, спроведува иницијатива „Ти одлучуваш. Гласај“, за важноста на граѓанската обврска за гласање слободно и по сопствен избор.

Иницијативата на ЦИВИЛ носи наслов „Ти одлучуваш. Гласај!“ и обединува голем број јавни личности, јавни интелектуалци, уметници, универзитетски професори и активисти кои пред камерите на ЦИВИЛ говорат за важноста на гласањето и ги повикуваат граѓанките и граѓаните да излезат на гласање и да гласаат слободно и по сопствен избор.

Интересна новина е алатката за планирање на гласањето. Таа има цел да им помогне на граѓанките и граѓаните да го планираат своето гласање.

ЦИВИЛ ја лансира веб страницата ГЛАСАЈ. На оваа веб страница се објавуваат релевантни вести и информации за изборите, линкови до официјални извори, како и текстови и видео содржини за граѓанска едукација за правото на глас и важноста на граѓанското учество во изборните процеси.

Подготви: Дијана Тахири во соработка со ЦМТ

Извор: ЦивилМедиа.мк

Latest Posts

Не пропуштај