Последни написи

Дискусија на ФЕС: Потребно е засилување на улогата на државата во економијата

Главната порака што беше испратена од вчерашата дискусија на Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Скопје е дека е потребно да се засили улогата на државата во економијата, а трансформацијата треба да се потпира врз неколку столба – зголемување на јавните вложувања во обновлива енергија и други аспекти на зелената транзиција, зголемување на јавните инвестиции во социјална заштита, образование и здравство, спроведување на подобри земјоделски политики, подобрување на политиките со цел да се привлечат странски инвестиции, како и воведување попрогресивни даноци.

Во дискусијата учествуваа универзитетските професори Драган Тевдовски, Ванчо Узунов, Глигор Бишев, Драган Миновски, Академик и Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдуламенаф Беџети, претставничката на Елсон Солушанс Олимпија Христова-Заевска, како и проектната координаторка во ФЕС Ивана Вучкова.

Универзитетскиот професор Тевдовски, потенцираше дека фискалниот простор е клучен за да може државата да одговори на криза давајќи го примерот со ковид кризата којашто покажала колку е важен фискалниот простор на земјата. Тој посочи дека кај нас постои можност фискалниот капацитет да се зголеми со подобрување на приходите на државата. Вториот елемент на којшто треба да биде поставен фокусот е намалување на јавниот долг.

Од друга страна, професорот Узунов изјави дека за намалување на негативното влијание од недостатокот на работна сила неопходно е преземање на повеќе мерки, меѓукои пораст на просечната продуктивност, пораст на бројот на работоспособно население, како и променување на начинот на користење на времето. Узунов рече дека подобрувањето на квалитетот на образованието треба да биде во правец на воведување и широко изучување на сплет на знаења наречени „вештини за 21 век“ кои недостасуваат во земјава, како критично мислење, креативно мислење, соработување, комуницирање, писменост за информации, медиумска писменост, технолошка писменост, флексибилност, ефикасност и ефективност, вештини за делување во општествена средина.

На настанот беше промовирана публикацијата „Нова ера, нова надеж“ во која се понудени предлог решенија и политики за зајакнување на улогата на државата, за унапредување на отпорноста на домашната економија, за надминување на енергетската криза и за уживање на придобивките од енергетската транзиција.

„’Нова ера, нова надеж’ предлага нов концепт на водење на економијата во кој подеднакво се води сметка и за социјалните и за еколошките предизвици. Продолжуваме и понатаму да се залагаме за економија која е праведна, а ќе продолжиме и со креирање простор за широк јавен дијалог кој ќе ги вклучи сите засегнати страни и ќе иницира понатамошни дискусии на овие значајни теми, кои се од голема важност за иднината на сите нас“, рече Вучкова.

Latest Posts

Не пропуштај