Последни написи

(ВИДЕО)„Полиграф“: Дезинформација е дека Министерството за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски

Медиумите честопати се доведуваат во ситуација да шират дезинформации со некритичко пренесување на непроверени изјави од партиски лидери.

Таков случај е интервјуто на „Фокус“ со новиот претседател на партијата „Десна“, Тони Алексовски, објавено на 26 март 2024. Во интервјуто, тој изнесува неточни тврдења за екстрадицијата од Турција на осомничениот за убиства, Љупчо Палевски-Палчо, поранешен лидер на „Десна“: „Не е екстрадиран само затоа што македонското Министерство за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски“, вели Алесковски во интервјуто.

Ова тврдење се нагласува и во насловот на порталот Експрес.мк од 27 март 2024: „За Палевски не е испратено официјално барање за екстрадиција“, велат од партијата „Десна““.

Но, што велат официјалните извори? На 6 декември 2023 Министерството за правда соопшти дека „Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција“. Истиот ден,  ОЈО Скопје побара екстрадиција на осомничено лице од Република Турција.

На 7 декември 2023, Министерството за правда соопшти дека „го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски кое преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти“. На 29 декември 2023, Министерството соопшти дека добиле официјална информација од турското обвинителство дека Палевски е во притвор со цел да се обезбеди екстрадиција.

По средбата со турскиот колега на 8 февруари 2024, министерот Лога соопшти дека разговарал за екстрадицијата на Палевски, дека судскиот процес за Палевски е завршен и се очекува да завршат и административните процедури.

Од сите овие официјални информации, како и од претходни анализи на други проверувачи на факти, може да се заклучи дека е невистинито тврдењето дека „Министерство за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски“.

И овој случај покажува дека медиумите треба да бидат крајно внимателни, и да не пренесуваат непроверени тврдења, дури и кога тие се изнесуваат од лидери на политички партии.

Latest Posts

Не пропуштај